Свети Јован Касијан Римјанин


5.  Борбата со осумте најглавни страсти



г) Борба со духот на гневот (Кн. 8)

94.  Понекогаш, кога биваме победувани од гордоста или нетрпеливоста, кога чувствуваме особена внатрешна потреба да го средиме својот внатрешен живот, тогаш се жалиме и велиме дека имаме потреба од пустината. Се разбира, тогаш очекуваме, дека таму, необеспокојувани од никого, веднаш ќе ја придобиеме добродетелта и трпението и притоа свесно или несвесно причината за нашата нетрпеливост ја бараме кај нашите браќа. Но, ако на овој начин ја бараме причината за нашата неисправност кај другите, никогаш не можеме да ја постигнеме потребната мерка на трпеливоста и совршенството. Делото на нашето поправање и смирување на нашето срце никогаш не треба да ги ставаме во рацете на другите и во зависност од нивната слободна волја; да не мислиме дека тоа ни најмалку не зависи од нас, туку сме должни да се трудиме за него и со силата на нашата слободна расположба. Да не се гневиме, тоа не треба да зависи од добродетелта на другиот; тоа не се постигнува со туѓата трпеливост, туку со нашата лична великодушност.




95.  Оној што сака да појде да живее во пустина, тој треба да се потруди да биде совршен, да се исчисти од секоја страст или да се ослободи од нив во манастирското братство, и не да бега таму од малодушност, туку со желба да ги придобие вистината на божествените созерцанија, кои и не можат да се придобијат на друго место, освен во пустината. Зашто, оние страсти, што ќе си ги однесеме во пустината неизлекувани, тие ќе останат скриени во нас, но нема да бидат победени. И во пустините, како што за оние што имаат чисто срце запазува чисто созерцание и гледање на духовни тајни, така обично и страстите, на оние, кои ги оставиле неочистени, биваат уште повеќе засилувани. Во таков случај, еден се чини е толку трпелив и смирен, додека не се гледа со друг и не се среќава со некого, но после веднаш се враќа кон своите грешни навики. Тоа му дава повод да се пројават неговите страсти, кои се криеле во него, како незуздани коњи, кои биле отхранети во долговремено неработење, кои со силен стремеж бегаат од своите штали за пропаст на своите гоподари и јавачи. Зашто страстите, бидејќи пред тоа неочистени, стануваат во нас сѐ поненаситни, кога не им се дава прилика да се пројавуваат и треба да се зауздуваат меѓу луѓето. И самата сенка на треливоста што сме си замислувале, живеејќи меѓу браќата, дека ја имаме, и која сме ја пројавувале додека сме биле во светот, од почит спрема луѓето и срам пред нив, ја загубуваме тогаш кога се наоѓаме во пустината на безгрижноста.



96.  Ова е слично на она кога сите видови отровни змии и ѕверови, додека се кријат во пустината во своите дупки и дувла, никому не му нанесуваат навреда, но сепак и тогаш за нив не велиме дека се неопасни, затоа што во таквиот случај никому не му причиниле зло, бидејќи тоа тогаш бива не затоа што тие се добри, туку затоа што такви ги прави по принуда пустината, а штом добијат можност да прават зло, тие веднаш ги пројавуваат отровот и ѕверството кои се кријат во нив. Исто така, и оние што бараат совршенство не се должни да не се гневат на луѓето само тогаш кога тие не се со нив и кога немаат никакви односи со нив. Зашто гневот и тогаш е жив, само се притаил и секогаш е готов да избувне на сѐ, без оглед што е тоа. Си спомнувам, кога живеев во пустината, понекогаш се налутував и на ниската трска ако не ја бендисував нејзината дебелина или тенкост, понекогаш на моето ноже, кога работев со него, ако не ми сечеше добро; понекогаш се лутев на кременот што од него не излегуваше искра кога брзав да читам. И ова раздвижување на негодувањето беше често и гласно, излегуваше проколнување од мојата уста на мртвата работа и неизоставно и на ѓаволот. Со тоа, искушението престануваше и мојата душа се успокојуваше. Па така, во делото на совршенството мала корист ни придонесува отсутвото на луѓето против кои се подигнува гневот, кога и понатаму не ја придобиваме трпеливоста. Страста на гневот може да ја пројавува својата сила и на мртвите и неми работи, зашто задржувајќи се во нашето срце, таа не ни дава да се смириме и да се ослободиме од другите страсти.




97.  Затоа, ако сакаме да го придобиеме возвишеното божествено богатство за кое се говори во Светото Евангелие: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога“ (Матеј 5, 8), тогаш треба не само да се ослободиме од оваа страст, туку сме должни да ја искорнеме од длабината на нашата душа. Зашто не ќе имаме особено голема корист ако ја задушуваме ненаситноста на гневот само во нашите зборови и ако не го пројавуваме во нашите дела, ако Бог, од Кого не можат да се скријат тајните на срцето, го гледа нашиот гнев скриен во длабините на нашето срце. Светото Евангелие ни заповеда дека е подобро да им ги сечеме корените на страстите, отколку да ги уништуваме нивните плодови. Ако ги извадиме страсните корења, тие така нема да се размножуваат. На таков начин душата добива можност постојано да живее во секаква трпеливост и светост, тогаш кога гневот ќе биде не само отстранет од површноста на нашата дејност и на нашите постапки, туку и ним ќе им биде изваден коренот од нашите скриени помисли. И затоа, треба да ги уништуваме гневот и омразата, а да не паднеме во гревот на човекоубиството кое без нив не може да биде дозволено. Зашто е речено: „Секој што се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот“ (Матеј 5, 22). И уште: „Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец“ (1. Јов. 3, 15)“. Бидејќи тој во срцето свое сака да загине оној кого што го мрази, иако луѓето не велат за него дека пролеал човечка крв со својата сопствена рака и со својот меч, но Господ него го прогласува за убиец, зашто Он дава и награда и казна не само за направените дела, туку и за мислите и за намерите, како што е и речено кај светиот пророк Исаија: „Зашто Јас ги знам делата нивни и мислите нивни; ете, ќе дојдам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат славата Моја“ (Иса. 66, 18). И светиот апостол Павле вели: “Нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат и во оној ден, кога, според моето благоволение, Бог преку Исуса Христа ќе ги суди тајните на луѓето“ (Рим. 2, 15-16).



98.  Затоа, Христовиот подвижник кој се подвизува како што треба, тој заедно со коренот треба да ги исфрли и страстите од себеси. За потполно излекување од страстите се препорачува следново лекувања: пред сѐ, треба да веруваме дека за излекувањето на оваа болест (гневот) е потребно никогаш да не се гневиме, било од оправдани или неоравдани причини, знаејќи дека штом ја загубиме Божјата светлина, светлината што е во нашето срце поради страстите што се во нас, тогаш и нашето срце се помрачува со темнината на страстите, па затоа не ќе можеме да имаме јасни претстави ни за себеси, ни за другите луѓе, ниту за светот околу нас; ако страстите се задржат во нас, неизбежно ќе се замати и нашиот дух и тој веќе поради тоа, никако не ќе може да биде живеалиште на Светиот Дух. Најпосле, треба да помислиме и за тоа дека и ние, додека гневот се наоѓа во нас, никако не ќе можеме да Му се молиме на Бога и да ги изливаме нашите молитви и прозби пред Него. Но најмногу од сѐ, имајќи предвид дека не е познат крајот на нашиот живот, треба постојано да мислиме оти секој ден можеме да се преселиме од овој во идниот живот, и дека тогаш нема ни најмалку да ни помогне тоа што ја запазуваме нашата телесна чистота, ни откажувањето од целиот наш имот, ни презирот спрема богатството, ниту трудовите на постот и бденијата, кога Судијата на светот ќе ни суди поради нашиот гнев и ни се заканува со вечни маки.



Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том II.

 

Друго:

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

11-ти јуни  2018 лето Господово

Друго:

 

  • Поуки од Светите Отци