Свети Теофан Затворник

Испразноста и едностраноста на светскиот живот

sv.teofan.Zatvornik1.jpgКако ме израдувавте со Вашиот одговор! „Не ме привлекува, напротив – ме одбива. Неколку дена после тоа бев како скршена, мојата душа се мачеше: тагував и не можев да се соберам. И едвај некако да се повратив.“ Зошто тоа минатиот пат не го напишавте? А мене ми се причини дека со премолчување сокривате страст или такво нешто. Дај Боже таквото чувство на одбојност кон светскиот живот и светските забави секогаш да се сочува во Вас. Но можно е тоа и да Ви се допадне. Очигледно, не можете да избегнете допир со таквиот живот. Вториот пат веќе нема да биде така разорно и вознемирувачко, третиот пат – уште помалку, а потоа нема да чувствувате ништо. Како и со пиењето: после секоја чашка човек се повеќе се опушта. Што чувствуваат оние кои доаѓаат во работилница за преработка на тутун? Ги штипе за очи, им тече од носот, не можат да дојдат до здив. А на оние кои таму работат не им е ништо. Па и оние што дојдат, кога малку ќе постојат, веќе не жмиркаат толку, не киваат и не кашлаат, а потоа сите тие непријатности сосема престануваат. Гледајте и со Вас да не се случи нешто слично кога се во прашање околности кои толку го пореметиле Вашиот мир.

Како однапред да го насетивте моето прашање па велите: „Не мислам дека некогаш би можела да се помирам со таков живот. Внимателно набљудувам и наоѓам дека тоа не е живот. Не знам тоа да го објаснам, но се утврдувам во мислењето дека тоа не е живот. Тука има многу живост, но нема живот. Еве и мојата машина за шиење постојано е во движење, но тоа не е живот“. Прекрасна мисла породила Вашата бистра главичка. Сега за Вашата положба можам да кажам дека влева надеж. Само чувството не е постојано: тоа може да се промени. Но кога на помош му доаѓа разумна мисла, тогаш тоа се утврдува, и пак, од друга страна, ја осигурува мислата. Заедно – тие се како тврдина. Но за таа тврдина да биде што поутврдена, треба да сфатите зошто всушност во таквиот живот нема живот. Ако нашите разговори потрајат тоа со време потполно ќе се разјасни. За сега ќе кажам само ова: во таквото живеење нема прав живот, затоа што тоа не ги опфаќа и не ги задоволува сите страни на човечкиот живот, туку само мал дел, и тоа таков кој стои на последното место, или поточно, на краевите на животот, не допирајќи се до неговиот центар. Човечкиот живот е доста сложен и многустран. Постои во него и телесна и душевна и духовна храна. Секоја има свои сили и потреби и свои начини за нивно задоволување. Човек живее само тогаш кога се сите наши сили во движење и кога сите потреби се задоволуваат. А кога кај него е во движење само едно делче на силите и кога се задоволува само дел од потребите, тогаш тој живот не е живот: баш како што и Вашата машина за шиење работи како треба само кога сите нејзини делови се во движење. Ако биде прекинато работењето на било кој дел – машината сопрела: не живее. Ни човекот не живее човечки ако во него не е се во движење. Само што кај машината прекинот на нејзиниот живот – движењето, веднаш се гледа, а кај човекот неактивноста на целовитиот човечки живот во него, со делување само на една негова страна и задоволување на малубројните потреби, воопшто не се гледа, иако навистина постои, како што е вистинита неподвижноста на споменатата машина за шиење. Таков е законот на човечкиот живот! Да го додадеме и ова на она за што зборуваме. Кои сили тука се зафатени и кои потреби се задоволуваат? Зафатени се рацете, нозете, јазикот, очите, мирисот, допирот, паметта, вообразеноста, фантазијата и досетливоста, воопшто – најниската човекова страна, онаа која му е задничка со животните; и се задоволува само потребата на животинскиот живот, или подобро кажано, тие си играат живот, како што бива со малите јагниња кога ќе ги истераат на зелена полјана. Освен овие сили, кај човекот постојат уште два-три нивни слоја и нивниот главен центар.
 

Просудете самата може ли таквиот живот навистина да биде живот? Вашето чувство Ви кажало дека тука нема живот. Ќе Ви укажам на главната причина зошто нема. Можеби делувањето на таа причина сега не Ви е толку јасно, но општата мисла не може да биде несфатена; деталите ќе се појаснат со време. Оти, јас имам намера се што треба по ред да го изведувам од устројството на човечката природа. Треба да живееме онака како што не створил Бог, а кога некој не живее така, смело може да се каже дека тој воопшто не живее. Молам сега за сега да се задоволите со тоа.

(Продолжува)

Подготви: Б.Ѓ.

Посети:{moshits}