Блажениот авва Зосим

Разговори

Така еднаш, седејќи и разговарајќи со нас, за нештата кои се корисни за душата, блажениот авва Зосим почна да ни наведува изреки од светите старци; кога дојде до изреката од светиот авва Пимен, дека оној што се самоосудува, секаде наоѓа мир за себеси. Тогаш ни кажа и што рекол аввата на Нитриската Гора, кога му го поставиле прашањето: „Што е најголемото нешто, што си го нашол на овој пат?“ Тој одговорил: „За мене е најголема поуката, што сум ја нашол на овој пат: да се обвинувам и да се прекорувам себеси.“ Тогаш, друг брат го прашал: „А нема ли некој друг пат освен овој, кој води кон истото добро?“ – Тогаш, светиот рекол: „Голема сила имаат зборовите на светите луѓе. Што и да говореле, тие говореле врз основа на својот животен опит. Оваа вистина ја потврдува и светиот преподобен отец Антониј Велики. Нивните зборови се силни, затоа што се искажани врз основа на дела, кои биле правени од нив. Затоа, еден од мудрите отци ни заповеда: ‘Вашите зборови нека ги потврдува вашиот живот!’ “ Потоа, блажениот авва Зосим ни ја раскажа следната случка: „Кога во текот на извесно кратко време живеев во лаврата на светиот авва Герасим, јас и еден сакан мој брат седевме заедно и си разговаравме за работи што се корисни за душата. Тогаш ги спомнав наведените зборови на авва Пимен и на Нитрискиот старец, а братот мој, при тоа ми рече: ‘Јас ја знам оваа вистина и од личен опит, го вкусувам спокојот што го дава извршувањето на овие зборови’ – Тогаш рече: ‘Во таа лавра живеев јас во искрено пријателство со еден ѓакон. Не знам зошто, ама тој почна да се сомнева во една работа; се навреди заради тоа и почна да ме одбегнува. Јас го забележав тоа и го замолив да ми ја каже причината за својата мрачност спрема мене. Тој тогаш ми рече дека сум направил една нечесна работа спрема него. Не чувствувјќи се виновен за таквото сомнение, го уверував дека сум сосема невин, но тој ми одговори: Прости ми, ама не можам да ти поверувам‘. Откако се оддалечил од мојата ќелија, почнав да го испитувам моето срце, дали некогаш сум направил таква работа спрема тој брат, но не наоѓав ни помисла ни чувство, кои би ме обвинувале за нешто слично. Но кога, по извесно време, се случи, тој да го земе путирот и да ми го подаде, јас му се заколнав дека таква работа не сум направил, и дека не се сеќавам оти сум ја направил на дело. Тој пак, ми рече дека не може да ми верува. Тогаш си спомнав за зборовите на старците и, во нивната сецела вистинитост, длабоко се замислив и си реков: ѓаконот ме сака искрено и, воден од ваквата своја љубов, ми го отвори своето срце и ми предочи дека има нечисти мисли спрема мене, за јас трезвено да внимавам и да не направам такво нешто. Тогаш си реков: „Бедна душо моја, како можеш да говориш, оти не си го сторила тој грев? Си спомнуваш ли за тоа? Па зар не си го направила и тоа, иако говориш дека не си? Ти си направила илјадници лоши дела, и сите си ги заборавила. Каде е она што си го згрешила вчера и пред десет дена? Си спомнуваш ли за сите тие работи? Па, тогаш, не ли си го направила и ова, како што си направила и многу други нешта, и си ги заборавила?“

На таков начин јас поверував во своето срце, дека навистина сум го направил и тоа, но дека сум го заборавил, како што сум заборавил и многу други работи што сум ги направил во минатото. И почнав да му благодарам на Господа и на ѓаконот, затоа што преку него Господ ми помага да си го познаам мојот грев и да се покајам за него. Потоа, станав и со такви мисли појдов кај мојот брат ѓакон, за да му го признам гревот што го открив во мене и да му заблагодарам што ми помогна да го откријам. Само што чукнав на неговата врата, тој веднаш ја отвори и ми се поклони до земји, велејќи: „Прости ми, со мене се подбија демоните, за да почнам да се сомневам во тебе за такво нешто; а сега навистина Бог ме увери, дека си невин во ова“ – и ништо не ми допушти да му речам, велејќи дека тоа не е воопшто потребно.

– Откако ми го раскажа ова доживување од својот живот, блажениот авва Зосим рече: „Еве како, искреното смирение го расположило срцето на неговиот брат. Него воопшто не го вознемирила постапката на ѓаконот и не го ожалостила: прво, затоа што се посомневал во него; а, второ, затоа што не му поверувал кога го уверувал во својата невиност – како и затоа што, не само што го примил врз себеси направениот грев, туку и затоа што му се заблагодарил  на ѓаконот. Гледате ли – што прави оваа добродетел? На какви височини ги издигнува оние што ја љубат? Зашто, ако посакал братот, тој можел да има илјада поводи, преку ѓаконот, да се стори демон.

Но, бидејќи тој се устремил кон добродетелта, не само што не се навредил и не му се налутил, туку уште и му заблагодарил, зашто добродетелта го исполнила неговото срце. Така и ние, ако ги сееме семињата на кротоста и на смирението во себеси и ако го насочуваме нашето срце кон нив, тогаш духовниот наш непријател не би имал во него место, каде да ги сее своите лоши семиња. Но, бидејќи нѐ наоѓа празни – без добри помисли, или и нешто полошо   од тоа, нѐ наоѓа како ние самите се распалуваме за правење лоши работи. Од ова зема поводи – за да нѐ исполнува со своето зло. А, ако имаме љубов спрема добродетелта, тогаш бива сосема спротивно на ова, зашто тогаш Господ, гледајќи ја нашата душа како жеднее за спасение и колку усрдно копнее да ги има добрите семиња во себеси, токму заради оваа нејзина искрена желба, ја исполнува со Своите дарови. “

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том III

 

За Преминпортал

 Подготви: Светланка Трајчева

06 Октомври 2017 лето Господово