– За заканувањата и ветувањата.
– За помислите, страстите и добродетелите.
– За безмолвието и молитвата


40.  Судот на овој свет е поради неверувањето, според евангелските зборовиː „Кој не верува, тој е веќе осуден“ (Јован 3, 18). Исто така, Бог суди и кога го пресекува животот на грешникот и кога го обраќа во нов подобар живот. Зашто, праведниот Божји суд се раководи и со расположението на слободната волја, па или ги накажува лошите или ги милува и наградува праведниците, едните ги овенчува со вечна слава, а другите ги испраќа во пеколот.


41.  Ако нашата природа не биде запазена непорочна со силата на Светиот Дух, ако не биде очистена, како што треба, тогаш таа не може да биде и едно тело и еден дух со Христа, ни сега, ни во идниот живот. Зашто, на сеопфатливата сила на Светиот Дух, Кој соединува сѐ, Му е неможно старата крпа на страстите да ја зашие на нова облека.


42.  Еднаквата  чест со Христа ќе ја прими оној којшто го примил на дар очистувањето од Светиот Дух и којшто го запазил, удостојувајќи се со тоа со обожување. Никој таму нема да биде со Христа, нема да биде член на Христовото тело, ако овде не биде учесник на Божјата благодат и, ако ја нема вистината за Христа преку образот на разумот.


43.  Царството небесно е слично на богоизградената скинија, зашто и тоа во идниот живот, слично на Мојсеевата скинија, ќе има две завеси; зад првата завеса ќе влезат сите што биле осветени со благодатта, а зад втората завеса совршените.


44.  Тамошните различни степени на состојбите Спасителот ги нарекол многу живеалишта. Царството е едно, но внатре, во себе, има многу разлики, според разликите меѓу оние што ќе влезат во него, според разликата на добродетелите и знаењето, според степенот на обожувањето. Зашто, како што вели апостолотː „Еден е болскотот на сонцето; друг е болскотот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува“ (1. Кор. 15, 41), и покрај тоа што сите болскаат на божественото небо.


45.  На ангелите им е некако подобен оној, кој, како да е бестелесен, умот свој го очистил со своите солзи, душата ја воскреснал со силата на духот, како и телото, потчинувајќи му го на разумот, го направил светловидно и огнено.


46.  Телото ќе биде земно и негниежливо, но без течности и дебелина; неискажливо претворено од душевно – во духовно, така што ќе биде и земно и небесно. Такво какво што било создадено во почетокот, такво и ќе воскресне, за да биде сообразно на Синот Човечки – според целосното негово обожување, преку соединувањето со Христа.

47.  Земјата на кротките е небесното царство или боговечна состојба на Синот Божји, во Кого сме навлегле или навлегуваме, откако го примаме благодатното раѓање на посиновувањето и обновувањето во воскресението. Или светата земја е обожена природа; или, според едно друго толкување, е наследувана од вистинските светии. Таа е тишина, која никогаш не се бранува, или божествен мир, кој го надминува секој ум, а во оваа и ваква земја ќе се всели родот на праведниците.


48.  Ветената земја е бестрасноста, во која тече радоста  на Светиот Дух, како мед и млеко.


49.  Светиите во небесното царство разговараат меѓу себе со внатрешни зборови, изговарани од Светиот Дух.


50.  Ако не знаеме какви нѐ создал Бог, нема да дознаеме ни какви нѐ направил гревот.


51.  Овде се еднакви според духовната возраст оние, кои ја достигнале полнотата на совршенството во Христа.


52.  Тие што имаат труд – ќе имаат и награда. А колку се и какви се тие трудови, каква е нивната мерка и состојба, таму ќе биде точно објавено.


53.  По ум, не гниење и обоженост, рамни на ангелите ќе бидат светиите, како синови на воскресението.


54.  Велат дека во идниот живот ангелите и светиите никогаш нема да престанат да преуспеваат во умножувањето на добрините, стремејќи се кон сѐ поголеми блага. Во другиот живот нема да има преминувања од добродетелта во гревот.


55. За совршен сметај го оној што го примил подобието на Христовата возраст, како некаков залог; во идниот живот силата на обоженоста ќе биде совршена.


56. Во идниот век секој ќе има таков степен на обоженост, во каков степен е совршен сега во духовната издигнатост.


Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ – Том V

 Подготви: Т.С.