(Обновено)

 

 Св. Николај  (Велимировиќ)

Еден богат човек живеел во својот замок. Тој имал сѐ и од сѐ му здодеало. Паднал во униние. Тогаш човекот решил да отиде на пат за да се развесели некако. Но ништо не помагало. Тој и понатаму бил тажен. Во еден момент, тој застанал да одмори. Погледнал околу себе и што ќе види: пред него се простирало поле, а среде полето здогледал земјоделец, кој, паднат на колена, Го славел Бога, додека еден од неговите волови стоел во браздата, а другиот бил паднат на земја. Богатиот го прашал земјоделецот:
- Зошто си Му толку благодарен на Бога?
- Ми умре волот.
- И затоа се радуваш?!
- Јас сум голем грешник. Но Господ е милостив: ми го зачува животот и ме казни со смртта на волот. Затоа и го славам Бог. Го славев Господ, кога Он ми ги даде воловите, зарем да не го славам и сега, кога ми зеде само еден од воловите? Слава Му!
- А како ќе ја обработуваш земјата само со еден вол?
- Господ сѐ ќе си среди, – се насмеал земјоделецот.
”Гледај колку овој човек е среќен и се смее, иако го изгуби волот. А јас имам толку голем имот и пак не се смеам!” – си помислил во себе богатиот човек. Тој извлекол неколку златни монети и му рекол на земјоделецот:
- Купи си друг вол. Денес многу научив од тебе.
- Нели ти реков дека Господ сѐ ќе среди! – воскликнал радосно земјоделецот и повторно почнал да Го слави Бога.
А богатиот човек си тргнал да се врати дома. Кога доближил до замокот, тој забележал дека целиот замок е опкружен со пламен. Тогаш човекот паднал на колена, ги кренал рацете и воскликнал:
- Ти благодарам Боже! Ти благодарам, Боже!
Слугите го гледале зачудено.
Не се чудете, – им објаснил богатиот човек. – Не Му благодарев на Бога, кога Он ми даваше сѐ, но сега кога Он ми зеде, јас двојно сум Му благодарен. Ете време и за мене да се потрудам со вера во Бога! Тоа ќе ми врати смислата на животот и радоста. Господ се ќе среди!

 

25-ти јули 2017 лето Господово