98.  Во секоја разумна природа има безброј промени и во секој човек секој час стануваат изменувања. Разумниот може да стане мудар, ако ги разбира сите овие промени и ако се самоиспитува; ако биде трезвен и ако се надгледува со својот ум, лесно може да дознае кога која промена ја прима неговата мисла и како одеднаш од мирна состојба преминува во вознемиреност и поради какви причини.


За ова свети Макариј им напишал поука на браќата: во времето кога настануваат спротивни промени, да не очајуваат, зашто и кај оние што се во степенот на чистотата, како што станува заладување и во воздухот, се случуваат често паѓања од добра во лоша состојба и тогаш кога тие не ги ослабуваат своите трудови и кога продолжуваат да бидат строги спрема себеси; и тогаш кога тие стојат цврсто и го извршуваат својот подвиг, на нив им се случуваат слични паѓања, спротивни на намерата на нивната лична волја.


Ова истото го тврди и блажениот Марко велејќи: „Промените, како и во воздухот, ги има кај секого“. Значи, „кај секого, а не само кај несовршените, туку и кај совршените.“ Како што во природата бива студ, а набргу потоа топлина, а потоа град, а по него пак ведро и топло, така бива и во нас, во нашиот душевен живот, ту духовна борба, ту помош од благодатта и духовен мир; некогаш душата бива разбранувана и шибана од бесни бранови, и потоа настанува промена, таа бива посетувана од Божјата благодат и го исполнува човековото срце со радост, со мир од Бога и со целомудрени и мирни помисли.


99.  Затоа, ако некогаш си зафатен од духовна бура, не очајувај, и кога си под сенката на мирот, не превознесувај се. Напротив, подобро е да ги разгледаш нечистите помисли во себе и оние неприлични вообразби, кои се утврдиле во твојот ум за време  на твојата духовна бура, во часот на вознемиреноста и безредието на твоите помисли. Размислувај и за тоа колку брзо си се свртел на страстите и си разговарал со нив во помраченоста на твојот ум. И знај дека сето ова го дозволила Божјата промисла да нѐ снајде за наше смирение, зашто Бог промислува за секого од нас и го прави за нас она што ни е корисно.


100.  Смирението и без подвизи многу наши прегрешенија ги прави простиви; без смирението и подвизите не се корисни, па дури ни подготвуваат многу лоши работи. Она што е солта за секое јадење, тоа е смирението за секоја добродетел. За неговото придобивање е потребно непрестајно да се ожалостуваме со мислата за потценување и со мисловна тага. Ако го придобиеме, тоа ќе не направи синови Божји.


101.  Господ ни ја дал молитвата за поткрепа во нашата немоќ и ни вели: „Разбудете се“, бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение“ (Матеј 26,41). Молете се и не бидете мрзливи, „бидете постојани во молитвата“ (Кол. 4,2). „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што сака добива, и кој бара наоѓа, и на оној што чука му се отвора“ (Матеј 7,7-8). Овие свои зборови Спасителот ги потврдил и кон уште поголема ревност нѐ поттикнал со онаа евангелска парабола за човекот, кој во полноќ дошол кај својот пријател и барал од него леб назаем. Господ ја завршува оваа Своја парабола со зборовите: „Ви велам, макар и да не стане да му даде за тоа, дека му е пријател, но ќе стане заради неговото навалување и ќе му даде, колку што му треба“ (Лука 11,8). И вие молете се не бидете мрзливи. Каков неискажлив поттик кон смелоста!


102.  Господ не ја одзема од нас можноста за отклонување и промена; ние лесно се менуваме и преминуваме од добродетел кон порок – човек лесно го прифаќа спротивното. Затоа Господ ни заповедал да бидеме внимателни и ревносни  кон непрестајна молитва. И не ни заповедал само за тоа да се молиме непрестајно, туку и поради тенкоста и несфатлвоста на она што се случува со нас, што често не можеме да ги сфатиме со нашиот ум состојбите во кои се наоѓаме не по наша волја. Зашто, иако имаме одлучни и непоколебливи мисли во доброто, Божјата промисла нѐ остава не еднаш во границите на искушенијата и нѐ фрла во нив, како што рекол светиот апостол Павле: „Ми се даде бодило во телото“ (2. Кор. 12, 7-9).


103.  Овој свет е место за натпревари и за натпреварувања. Времето на нашиот земен живот е време на борби. А за време на овие борби и натпреварувања Царот не суди; дури по завршувањето на земниот живот царот ќе ги повика натпреварувачите и ќе испита дали храбро се бореле до крај или срамно избегале од местото на натпреварите. Засега овде постои само еден единствен закон: да бидеме бодри и да се противставуваме. Да не бидеме мрзливи за молитва, да бидеме секогаш подготвени да Му се молиме на Бога за помош, без Кого не можеме да направиме ништо од она што Му е Нему угодно. Постојано да мислиме за тоа дека сѐ додека сме во овој свет, сѐ додека сме во нашето тело, макар да сме издигнати сѐ до самото небо, не смееме да бидеме без дела, без труд и без грижи.


Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

Подготви: Т.С