Поуки од свети Макариј Велики
За вистинскиот христијански живот

5.  Состојба на подвижништвото


з) Од бројот на оние што се надворешно исправни свети Макариј ги издвојува особено оние, кои се занимаваат со книги и разговори, кои научиле и слушнале за сето ова и сметаат дека го знаат и дека им е јасно, па затоа и говорат за него и го толкуваат, но тие и не почнуваат да живеат според она што го знаат. Поради тоа тие во своето духовно знаење заостануваат и зад оние најпростите, па затоа и нивното толкување не е исправно.

168.  Оној што говори за духовните работи, а тој самиот не ги доживеал, сличен е на човек, кој, со настанувањето на дневната жештина, оди низ пустината, па, измачувајќи се од жед, опишува буен вруток, од кој истекува вода, замислува дека пие, а и устата и јазикот му се исушени од неизгаслива жед, или на човек, кој говори за сладоста на медот, а тој самиот никогаш не вкусил мед и не ја знае неговата вистинска сладост. Па затоа, кога станува збор за совршенството, за радоста или за бестрастието, оние што не ги доживеале и почувствувале во себе си вистински, што не се увериле лично во нивното постоење, кога говорат за сето тоа – она што го говорат не е сѐ онака како што го опишуваат тие. Зашто, тие луѓе, кога по извесно време ќе се удостојат да ги доживеат тие работи лично, тогаш тие размислуваат во себе си и велат: „Не е така, како јас што претпоставував. Јас поинаку размислувам, а тоа било сосема различно, поинаку дејствува Светиот Дух“.


169.  Едно нешто е да разговараме за лебот и за трпезата, а сосем друго нешто е – да јадеме леб или да употребуваме друга храна. Едно е – да позборуваме за сладоста на некој пијалок, а сосема друго нешто е да наточиме од тој пијалок и да го пиеме. Едно нешто е – да размислуваме за војна и за храбри борци, и за страшни борби и војни, а сосем друго нешто е да бидеме во војнички редови и да навлеземе во крвава борба со непријателите, да напредуваме и да отстапуваме, да нанесуваме и да примаме удари, да победуваме и да бидеме победени. Така е и во духовните работи: поинаку е само со научно знаење и со разум да го објаснуваме она што го кажале другите, а сосема друго нешто е – да имаме навистина и суштинско сокровиште во нашиот внатрешен ум, да имаме благодат и да го чувствуваме вкусот и дејството на Светиот Дух. Оние што изговараат само зборови, тие само замислуваат дека знаат нешто и се гордеат со својот ум.


170.  Како што во светот, кога се објавува војна, великодостојниците и учените луѓе не се пријавуваат, туку плашејќи се да не бидат убиени, остануваат во своите домови, а во војна одат сиромасите и непознатите и се случува тие да ги победат непријателите и да ги протераат од својата земја, та потоа за тоа тие биваат наградувани и одликувани, па добиваат почести и високи служби, така што великодостојниците и богатите, кои не учествувале во војната, остануваат зад нив. Истото бива и во духовниот живот. Простите, штом ги слушнат првпат зборовите, веднаш искрено ги извршуваат Божјите заповеди, и затоа добиваат од Бога голема благодат, а оние што се прават многу паметни и учени, се трудат да ги објаснат зборовите што ги слушнале до нивната длабочина, но не сакаат да се борат и да го победуваат гревот и ѓаволот, па затоа остануваат изоставени и надминувани од оние што учествувале во борбите и што победиле.


и) Па така, со сите сили треба да се грижиме да ја добиеме благоодатта на Светиот Дух. Зашто, ако Светиот Дух не е во тебе, сите твои трудови и жртви ќе бидат без значење, и во денот на твојата телесна смрт – ќе те зграпчат бесовите и ќе те одвлечат во бездната. А оној што Го има Светиот Дух во себе, тој ќе ги изгори.


171.  Ако некој заради Господа, оставајќи ги своите најблиски, откажувајќи се од светот и насладите на овој свет, како и од имотот, од својот татко и од својата мајка, па се распне себе си и стане како туѓинец и сиромав, кој е лишен од сѐ, па место спокојот на овој свет – не добие во себе божествен спокој, не почувствува во својата душа некаква духовна наслада, па место во гниежлива облека – не се облече во риза на божествена светлина, по внатрешниот човек, ниту, место некогашното телесно општење, не го доживее несомнено во својата душа општењето со небесното; место видливата радост од овој свет – да ја има во себе си радоста духовна, утехата од небесната благодат и тогаш ќе може да рече заедно со псалмопеачот Давид, кој вели: „А јас пред лицето Твое ќе се покажам во правда, ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Твоја“ (Псал. 16, 15). Со еден збор, место привремената наслада, нема да го прими сега во својата душа она што го сакал – онаа вечна наслада. И тогаш тој е како обезумен и е за жалење повеќе од сите луѓе: лишен е и од сегашните и од божествените наслади; не ги познал во својот внатрешен човек божествените тајни.


172.  А тоа што душата навидум сама од себе, што претприема и што сака да направи, надевајќи се само на својата сила, мислејќи, помислувајќи дека сама, без помошта на Светиот Дух може да ја доведе до совршенство, и во тоа многу греши: зашто е непогодна за небесните живеалишта и за небесното царство онаа душа, која мисли дека ќе може само со своите сили, без помошта на Светиот Дух, да ја придобие совршената чистота. Ако оној човек, кој се наоѓа под влијание на страстите, не пристапи кон Бога, кога се одрече од светот, и не поверува со надеж и трпеливост, дека ќе добие некое необично добро за својата природа, односно силата на Светиот Дух, а во неговата душа не навлезе од Господа одозгора божествениот живот, не го чувствува вистинскиот живот, нема да се отрезни од светската опијанетост и просветлувањето од духот нема да болсне во неговата помрачена душа; нема да се раздени во неа светиот ден и нема да се разбуди од длабокиот сон на незнаењето, за да може вистински да Го познае Бога со помошта, силата и дејството на Божјата благодат.

173.  Затоа, оној што се труди да поверува, и да пријде кон Господа – тој треба да се моли, за да Го прими Божјиот Дух, бидејќи Он е живот на душата и затоа Господ дошол на земјата: за уште овде да ѝ даде живот на душата – да ѝ Го даде Светиот Дух. Зашто е речено: „Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината“ (Јован 12, 36), „оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи“ (Јован 9, 4). Ако некој овде не го барал и не го примил животот на душата, односно божественатаа светлина на Духот, тогаш тој во денот кога неговата душа ќе излезе од телото – ќе се одвои на левата страна, на страната на темнината; нема да влезе во небесното царство, туку ќе го има својот крај со ѓаволот и со неговите ангели. Или, како што златото или среброто, кога ќе бидат фрлени во оган, стануваат почисти и поскапоцени, затоа што ни дрвата, ниту тревата можат веќе да ги изменат; тие стануваат како огнот и проголтуваат сѐ што им се приближува. Така и душата, која живее во духовниот оган и во божествената светлина, нема да претрпи никакво зло ни од еден од лукавите духови, а и ако се приближи некој од нив, тој бива уништен од огнот на Духот. Или како што птицата, кога лета во висините, нема никакви грижи и не се плаши ни од ловец, ниту од итрите и крвожедни ѕверови; таа лета, издигната високо и се подбива со сите нив, така и душата, откако ги примила крилата на Духот, се издигнува над сѐ – во небесните височини – со сите се подбива и од ништо и од никого не се плаши.


174.  Ако некој уште ја нема утврдена во себе си Божјата благодат, тогаш тој и дење и ноќе, да ја бара, за да го раководи кон доброто. Ако го нема уште тоа, тогаш барем, да се труди да ги има во себе си: грижата, стравот, жалењето и скрушеноста на срцето да биде во него.


Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том I

Подготви: Т.С.

 

Друго:

(Поуки од Светите Отци)
Поуки од свети Макариј Велики (1)
Поуки од свети Макариј Велики - За вистинскиот христијански живот (2)