Оној што Го љуби Бога, не може да не го љуби и секој човек како што се љуби себеси, иако не се согласува со страстите на оние, кои сѐ уште не се очистиле. Затоа, кога ќе го види нивното обраќање и поправање – се радува со неизмерна и неискажлива радост.

Оној што во срцето свое ќе забележи трага од омраза спрема кој и да е човек, за каква и да е мана, наполно ѝ е туѓ на љубовта спрема Бога. Зашто љубовта спрема Бога не трпи никаква омраза спрема човекот.

Нашиот Господ Исус Христос говори: „Ако ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ Јован 14, 15) и: „Оваа е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив и Јас“ (Јован 15, 12). Затоа, оној што не го љуби ближниот, тој не ги извршува заповедите, а оној што не ги исполнува заповедите – не може да Го љуби ни Господа.

Блажен е оној човек што може секого еднакво да го љуби.

Совршената љубов не ја добил сѐ уште оној којшто се однесува спрема луѓето така што: еден човек го сака, а друг го мрази заради една или друга причина или, пак, еден ист човек, заради разни причини, ту го сака – ту го мрази.

Совршената љубов не ја определува единствената човечка природа според тоа каков е некој човек, туку таа, без оглед на фактот какви се луѓето, сите ги сака подеднакво: добрите ги сака како пријатели, а недобрите – како непријатели, правејќи им добро, претрпувајќи го злото што ѝ го прават. Таа никогаш не им враќа зло за зло; готова е и да страда за нив, ако биде потребно, за, ако е можно, да направи да ѝ бидат пријатели. Дури и да не е можно, таа не отстапува од својата расположба спрема нив: секогаш ги пројавува своите изобилни плодови спрема нив. Така и нашиот Господ Исус Христос, пројавувајќи ја својата љубов спрема нас, пострадал за сите луѓе, за целото човештво; на сите подеднакво им ја дарувал надежта на воскресение, иако секој човек, самиот сѐ прави за вечна слава или за вечна смрт.

Свети Максим Исповедник


Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том III – Списи (Првата стотица - За љубовта 13, 15, 16, 17, 70, 71)

Подгорви: Т.С.

6-ти мај 2017 лето Господово

Друго: