51.  Отците кажале, дека монасите не треба да се гневат, и не треба никого да навредуваат. Тие го рекле и ова: „Кој ја победил раздразнителноста тој ги победил демоните, а кој бива победуван од оваа страст, тој воопшто му е туѓ на монашкиот живот“. – А што треба да кажеме за себеси ние, кои не само што биваме победувани од раздразнителноста и гневот, туку живееме постојано во злопамтењето? – Што треба да правиме кога не ја оплакуваме нашата ваква жална и нечовечка состојба? – Сепак, браќа, да бидеме внимателни и да се потрудиме со Божја помош да се избавиме од горчината на оваа смртоносна страст.


52.  Меѓу браќата често стануваат недоверства и возбудувања, но тие обично брзаат да ги смируваат тие разидувања и се смируваат. Но, секогаш има понекој меѓу нив, кој и по измирувањето продолжува да се лути на својот брат и да има во себеси лоши мисли против него. Тоа  е  злопамтењето. Ние сме должни со многу внимание да се пазиме да не го задржуваме во себеси за да не загинеме. Кој се измирил веднаш по раздразнувањето, тој го излекувал гневот, но против злопамтењето не направил ништо; затоа тој продолжува да има лоши мисли против својот брат. Зашто едно е злопамтењето, друго е гневот, друго – раздразнителноста, а сосема друго збунетоста. За да го разберете ова подобро, ќе ви кажам еден пример. Оној што распалува оган, тој зема најнапред мало јагленче; тоа е зборот на братот што нанесува навреда. Ако ја претрпиш таа навреда, ти ќе го изгасиш тоа јагленче. А, ако почнеш да мислиш: „Зошто тој ми го рече тоа? Добро, кога е така, и јас ќе му речам така и така; ако не сакал да ме навреди, тогаш немаше да ми го рече тоа. Тогаш неизоставно и јас ќе го навредам“. – Ете, на овој начин потпалуваш боринки, слично на оној што потпалува оган и зачадува, кој е всушност слика на неспокојството. А  неспокојството е она раздвижување, кое го раздразнува срцето; раздразнувањето, пак, е она одмаздничко станување против оној што нѐ навредил, кое се претвора во безумна смелост, како што рекол блажениот авва Марко: „Злобата, која се храни со помисли, го раздразнува срцето, а молитвата ја убива“. Само кога би го претрпил малку твојот брат, тогаш би го изгасил тоа мало јагленче пред да може тоа да ја предизвика вознемиреноста. – Сепак и неа, само, ако сакаш, можеш лесно да ја изгасиш, додека е уште нова – со молчење, со молитва  и само со еден поклон од срце. – А, ако продолжиш да зачадуваш, односно, ако продолжиш да го раздразнуваш и да го возбудуваш твоето срце со помислата: „Зошто тој ми направи така, зошто ми го рече тоа ... така и јас нему ќе му речам, од тоа се распалува твоето срце и од него ќе се разгори раздразнителност во твојата душа. – Ако сакаш, и неа можеш да ја изгаснеш пред да го предизвика гневот. Ако продолжиш да се раздразнуваш и да се лутиш, ќе бидеш сличен на човек кој става дрва на распален оган, а тоа е гневот. А гневот, ако се задржи подолго во нашата душа, се претвора во злопамтење, од кое нема да се ослободиме, ако не ја пролиеме својата крв, - ако не се потиме и не се трудиме над себеси.


53.  Ете, чувте што е првобитната збунетост, што е раздразнителноста, што е гневот и што е злопамтењето. Гледате ли како од еден единствен збор доаѓа до толку големо зло? Зашто кога би се прекорил во почетокот, кога трпеливо би го поднел зборот на твојот брат, кога не би посакал да се одмаздиш и за еден збор сакаш да кажеш два или пет, да вратиш зло за зло, ти би се избавил од сето ова зло. Затоа и ви говорам да ги отсекувате страстите додека се уште млади, пред да се вкоренат, зашто кога ќе се вкоренат во нас, тие ќе нѐ измачуваат. Тогаш ќе претрпиме големи маки од нив. Една работа е да искорнеме едно мало и младо растение, а сосема друга – да искорнеме големо и старо дрво.


54.  Да се враќа зло за зло можно е не само со дело, туку и со зборови и однесување. Некој мисли дека тој со дело не враќа зло за зло, но се покажува дека всушност го прави тоа – кога враќа со зборови, со однесување, со движење и со поглед. Зашто и со сето ова може да го натажи својот брат, па затоа и тоа е враќање зло за зло. Друг се труди да не се одмаздува ни со дело, ни со збор, ни со однесување, ни со поглед, но во своето срце има незадоволство од својот брат и има нешто против него. Друг, пак, иако се труди да нема ништо против него, но штом слушне дека некој го навредил тој брат, или го нападнал и навредил и понизил, - тој се радува на ова, па затоа и тој на своевиден начин му враќа на својот ближен зло за зло во своето срце. А некој друг нема злоба во своето срце против својот брат и не се радува кога некој го навредил, но не се радува ни на неговото напредување, кога ќе види, на пример, како го прославуваат и му угодуваат, тој тогаш жали и тажи; и тоа е еден вид злопамтење, иако, се разбира, полесно.


55.  Некој друг, ако се случи некој да го навреди, и веднаш се поклонат еден на друг и се измират меѓу себе и живее во мир со него и нема никаква лоша мисла во своето срце против него, но ако се случи оној што веќе го навредил пак да каже за него некој навредлив збор, тогаш тој почнува да си спомнува и за оној од минатото и се вознемирува не само од оној што го слушнал тогаш, но и од оној некогашниот. – Овој е сличен на човек, кој има рана и кој ставил мелем на неа и ја преврзал, па, иако таа рана веќе зараснала и се излекувала, но тоа место уште чувствува болка. И ако некој му фрли камен на тоа место и го удри, тоа место се повредува повеќе од кој и да е друг дел на телото и веднаш почнува да крвари. Ова истото го доживува и оној човек кој задобил духовна рана, кој бил навреден, кој ѝ ставил мелем на таа духовна рана, ја преврзал, - направил поклон, се измирил, се излекувал од гневот, почнал да се труди да го искорени од себеси злопамтењето, настојувајќи да нема ниедна лоша мисла во своето срце. Ова значи дека таа рана зараснала, но таа не е сосема излекувана, во душата уште живее злопамтењето, од кое лесно може духовната рана одново да заживее, ако човекот добие макар и сосем лесен удар на истото место.

56.  Потребно е да се трудиме потполно да го очистиме внатрешниот гној, за да може тоа болно место сосема да зарасне, така што да не се познава ништо од раната што сме ја имале. Како можеме ова да го постигнеме? – Ова можеме да го постигнеме, ако се молиме за оној што нѐ навредил и ако говориме вака: „Боже, помогни ни на мојот брат и на мене поради неговите молитви!“ – Молејќи се вака за својот брат, тој пројавува сочувство и љубов, а со тоа што му се моли да му помогне Бог, поради молитвите на неговиот брат, тој пројавува смирение. А таму каде има сочувство, љубов и смирение, таму не можат да успеат ни раздразнителноста, ни злопамтењето, ниту која и да е друга страст. – И авва Зосим рекол: „Ако ѓаволот ги употреби и сите итрини на својата злоба, со сите свои демони, сите негови лукавства и сета негова злоба ќе пропаднат и ќе бидат уништени од смирението (кое се црпи) од Господовите заповеди“. И еден друг старец рекол: „Оној што се моли за својот непријател не може да биде злобен, не може да има злопамтење“.
   

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

Подготви: Т.С.

2-ри мај 2017 лето Господово

 

Друго: