bogorodica.k.dol.jpg


2. Поуки од свети Марко,
извадоци од неговите други слова

44. Од каде го зеле монасите образот на својот живот? Монасите не се раководат со некаква мудрост, која ѝ е спротивна на Црквата, туку се трудат да ја следат мудроста Христова, според зборовите на апостолот: „Ние треба да ги имаме истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак, не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога, но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето, и по вид се покажа како човек“ (Фил. 2. 5, 7). А знај дека ваквиот вид на мисли и на живот е даруван од Бога и ја раѓа големата добродетел – смирената мудрост или мудрата смиреност. А Господ Исус Христос заповедал да се извршува ова дело во Црквата, велејќи: „Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен“ (Јован 6, 27). А што е и какво е тоа дело? – Тоа е со молитва да го бараме царството Божјо и неговата правда, кое е внатре во нас, како што рекол нашиот Господ (Лука 17, 21), ветувајќи им го на оние што Го бараат – сето она што им е потребно на нивното тело (сп. Матеј 6, 23). Оние што го чуле ова од Господа и што поверувале во Неговите зборови и кои, според своите сили, го извршуваат ова што го чуле, ако речеме дека сето тоа го прават не според своите природни сили, значи да Го откажуваме Бога, Кој го заповедал сето ова.
45. А како тогаш монасите, кои се раководат од ова – паѓаат? Не паѓаат оние што живеат според овие заповеди, туку оние што ги напуштаат, па бидејќи измамени од суетната слава и грижите за овој свет, не се грижат за она што е најглавно, ондносно за молитвата и за смирението. Затоа ѓаволот и не ни пречи да мислиме и да се трудиме за потребите на овој живот; само да може преку тоа да нè оддалечи од она што најмногу му пречи: од молитвата и смирението, зашто знае тој, дека сè што се прави без овие добродетели, макар и да е добро, сето тоа тој, порано или подоцна ќе ни го одземе. Под молитва не разбирам само она што го правиме само со нашето тело, туку и она што Му го принесуваме на Бога со нашата нерасеана мисла. Зашто, ако едното од двете – телото или мислата – ако бидат одделени едно од друго, тогаш оној што се моли не престои пред Бога, туку само пред својата волја.
46. Блажениот Павле, сакајќи никој никогаш да не биде негрижлив за молитвата, пишува: „Молете се постојано“ (1. Сол. 5,17), а освен тоа, укажувајќи на нерасеаноста на умот, рекол: „Не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Рим. 12,2). Бидејќи Бог, поради нашата маловерност и немоќ ни дал различни заповеди, така што секој во овој свет, според своите сили и трудови, да може да ги избегна маките и да добие спасение, затоа апостолот нè поучува на совршената Божја волја, за да не бидеме никако ни судени, ниту осудени, а знаејќи дека молитвата помага за исполнувањето на сите Божји заповеди, свети апостол Павле ни говори за неа многупати и ни заповеда, говорејќи: „Со секаква молитва и прозба молете се со духот во секое време и грижете се за тоа со постојанство и молба за сите светии“ (Ефес. 6, 18).
47. Молитвата бива различна, зашто едно е да Му се молиме на Бога со нерасеана мисла, а сосем друго, да стоиме на молитва со нашето тело, а мислата да ни биде расеана. А, исто така, едно е да одбираме кога ќе молиме, односно откако ги завршиме разговорите и работите во врска со овој свет, а сосем друго да ја претпоставуваме молитвата над сè друго, над сите светски грижи, да постапуваме според зборовите на апостолот, кој вели: „Господ е близу! За ништо не грижете се, туку во сè преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања“ (Фил. 4,6). Како што говори и блажениот апостол Петар: „Близу е крајот на сè. Па бидете мудри и бодри во молитвите... Сите ваши грижи оставете ги на Него. Зашто Он се грижи за нас“ (Петр. 4, 7; 5, 7). А и Самиот Господ наш Исус Христос, знаејќи дека сè се утврдува со молитвата, рекол: „Не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме?... Но, барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 31 и 33). А можеби со ова Господ нè повикува и кон поголема вера, зашто, секој што ќе ја остави грижата за привременото и не претрпи никакво лишување, нема да Му поверува на Бога и по однос на вечните блага? Објавувајќи го токму ова, нашиот Господ и Спасител рекол: „Верниот во малку и во многу е верен“ (Лука 16,10).
48. Бидејќи е неизбежна нашата секојдневна грижа за телото, Господ не ни забранил да се грижиме за него секој ден, но божествено и човекољубиво ни заповеда да не се грижиме и за утрешниот ден. Зашто за луѓето кои се облечени во тело, неможно е воопшто да не се грижат за своето тело; преку молитвата и воздржливоста овие многубројни грижи можат да бидат сведени на неколку, но неможно е сè што се однесува на телото да биде сосем занемарено. Затоа, оној што сака, според зборовите на Светото писмо, да израсне „до состојба на совршен маж, до мера на полна возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4, 13), не треба да ѝ ги претпоставува на молитвата другите работи и задолженија и без потреба да не ги презема врз себе, но не смее да ги отфрла од себе си оние, кои му биваат наложувани по Божја промисла, под изговор дека треба да се моли, но потребно е да знае кога е тоа Божја волја, и тогаш без многу размислување треба да го врши она што Му е угодно на Бога. Оној што мисли и што мудрува поинаку, тој не верува дека една зповед во Светото писмо бива поголема и поглавна од другата. Таквиот не сака, според зборовите на пророкот, „да се управував според сите Твои заповеди“ (Псал. 118, 128), со кои се среќава според Божјата промисла.
49. Неизбежни и неопходни се извесни работи со кои се среќаваме во нашиот живот, но многу непотребни работи треба да отфрламе, давајќи ѝ предимство на молитвата; особено треба да ги отфрлиме оние што нè вовлекуваат во големи штети и собирање на непотребен имот. Зашто, доколку некој, со Божја помош, ќе се ослободи од многу непотребни работи, дотолку и неговата мисла ќе се запази од расеаност. А доколку ја запази својата мисла нерасеано, дотолку неговата молитва ќе биде почиста, а со тоа ја покажува и својата искрена вера во Христа. А, ако некој, поради својата слаба вера или поради некоја друга своја немоќ, не може тоа да го прави, тој треба да ја знае вистината и да се движи напред според своите сили, обвинувајќи се дека се наоѓа во период на своето духовно детство.
50. Да се потрудиме со силата на надежта и молитвата да ја оддалечуваме од себе секоја грижа на овој свет, ако не можеме ова да го извршиме до совршенство, тогаш да исповедиме и да признаеме пред Бога дека сме немоќни, но грижата за молитвата никако да не ја занемаруваме, за што е подобро да се прекориме за извесни пропусти, отколку потполно да ја изоставиме. Од сето она што ни е речено за молитвата и за тоа дека треба неизоставно да го извршуваме нашето молитвено правило, имаме голема потреба. Самиот Бог да нè вразумува што треба да знаеме: кога и кои работи треба да ѝ ги претпоставиме на молитвата. Зашто секој што се занимава со некоја работа, мисли дека извршува неопходно служење, заборавајќи дека сите наши работи што ги правиме треба да Му бидат угодни на Бога, а не да ни бидат угодни на нас. А уште е потешко да сфатиме дека и тие неизбежни и неопходни работи, не секогаш се еднакви и дека една од нив во свое време треба да ѝ биде претпоставена на другата, бидејќи секоја служба не се извршува секогаш, туку кога е нејзиното време, а молитвеното служење треба да биде непрестајно. Затоа сме должни неа да ја претпоставуваме на секоја работа, за која не постои некаква неопходност. И сите апостоли, кои им проповедале на различни народи, сакајќи да ги поучат на служење, им говореле: „ Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да се грижиме околу трпезите. Затоа, браќа, изберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и премудрост, што ќе ги поставиме на таа служба; а ние постојано ќе пребиваме во молитва и служба на словото’. Овој предлог Му се свиде на сиот народ“ (Дела 6, 2, 5). На што можеме да се научиме од ова? – На тоа, дека оние луѓе, кои не можат да пребиваат во молитва, добро е да извршуваат некоја служба, така што ние да не бидеме лишени и од едното и од другото, така што оние кои можат, подобро е да се грижат за повозвишеното.
51. Да го започнеме делото на молитвата и преуспевајќи постепено во неа, ќе се увериме дека, не само надежта во Бога, туку и тврдата вера и нелицемерната љубов, и незлобивоста и љубовта спрема браќата, и воздржливоста и трпеливоста, и избавувањето од искушенијата, и благодатните дарови, и искреното исповедање, и срдечните солзи – ќе им бидат дадени на верните преку молитвата. И не само сите овие работи што ги споменавме, туку, преку молитвата, ќе добиеме: трпение во страданијата што нè снаоѓаат, и чиста љубов спрема ближниот и познавање на духовниот закон и изнаоѓање на Божјата правда, и вдахновението со Светиот Дух, и дарување на духовните сокровишта и сè друго што им ветил Бог на верните да им даде во сегашниот и во идниот живот. Сето ова ќе го добијат тие преку молитвата. Со еден збор, не е можно на друг начин образот Божји да биде востановен во нас; ова може да се постигне со силата на Божјата благодат и со верата, ако човекот со големо смирение пребива со умот свој во нерасеана молитва.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том I

Подготви: Т.С.

 

Друго:

 

Преподобен Марко Подвижник
Календар, житија,
 
Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.