Преподобен авва Исаиј
Слово дваесет и петто
До авва Петар, неговиот ученик
1.    Добро си напишал, дека сакаш да Му принесеш покајание на Бога за своите гревови, за да те избави Господ од горчливите светски грижи – од грижите на овој свет. Ова што го велиш е доброː ако се избавиме од делата на овој  свет, зашто е неможно да служиме и на едното и на другото, како што рекол Господː „Никој не може да им слугува на двајца господариː оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона“ (Матеј 6, 24). Мамонот го означува секое дејствување на овој век. Па затоа, ако човек не го остави него, не може да Му служи на Бога.
2.    А служењето на Бога не е ништо друго, освен тоа да немаме во умот ништо од она што Му е туѓо на Бога – тогаш кога Го прославуваме Бога, ниту да имаме грешни желби – кога Му се молиме на Бога, ни злоба – кога Му пееме, ни похоти кога Му се молиме, ни омраза кога Му се поклонуваме, ниту пакост, која ни става пречки, кога бдееме пред Него; ни срамни сласти во членовите наши – кога си спомнуваме за Бога. Зашто сите овие работи се како мрачни ѕидови, кои ја оградуваат нашата кутра душа. И не може таа чисто да Му служи на Бога, имајќи го тоа во себе си. Демоните ѝ поставуваат пречки на душата во воздухот и нè ѝ дозволуваат да Го сретне Бога и тајно – да Го прославува, да Му се моли со сладосна молитва, со пријатност во срцето и со света желба, - за да биде просветена од Него.
3.    Затоа умот се помрачува секогаш и не може да напредува во богоугоден живот, ако не се грижи разумно да ги отстрани овие работи. А не ќе може да ги отстрани, ако не почне да не се грижи за работите на овој свет. Едната грижа е свртена кон надвор и размислува за работите на овој свет со цел да му се даде спокој на телото, а другата грижа е свртена кон внатре – кон задоволувањето на страстите, им прави со тоа пречки на добродетелите. Но душата не ја гледа оваа внатрешна отстранетост, ако не се ослободи од надворешните грижи. Затоа Господ Исус Христос рекол дека секој што не ќе се откаже потполно од својата волја, не може да биде Негов ученик (Лука 14, 26).
4.    Надворешната грижа доаѓа од слободната волја, а внатрешната од надворешното дејствување. Господ наш Исус Христоос знаејќи дека и со едната и со другата грижа треба да царува волјата, препорачал да се откажеме од неа. Бидејќи умот се умртвува додека душата се грижи за надворешното, тогаш внатрешните страсти ги пројавуваат своите дејства без учество на умот и без ограничување. Па така, ако душата Го послуша Исуса Христа, па ги отсече сите свои грешни желби, тогаш почнува да го намразува секое грешно дело на овој свет. И тогаш се ободрува умот и почнува да се бори сè додека не ги исфрли од својот дом, внимавајќи постојано на неа и запазувајќи ја, за да не се вратат пак во неа и да не ѝ направат поголемо зло.
5.    Душата е слична на млада мажена жена, која, откако нејзиниот маж отиде некаде на пат, немајќи ни страв ни срам, не се грижи за она што е во домот. А кога се врати нејзиниот маж во својот дом, таа веднаш од страв го остава тоа што го правела и почнува да се грижи за сè што е по волјата на нејзиниот маж. А тој, откако си дошол, почнува пак да се грижи за сите домашни работи, за сè од што има потреба. Таков е и умот. Кога се возбуди, тогаш се грижи за душата и постојано ја чува, се додека таа нема пород од него и тој тогаш ги воспитува своите чеда. И, најпосле, тие имаат едно срце; душата му се покорува на умот. Таа му се покорува така, како што е напишано кај апостолотː „ На жената глава е мажот... Мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот. Оти не е мажот од жената, туку жената од мажот; и мажот не е создаден за жената, туку жената за мажот. Затоа жената треба да има на главата своја знак од власта на мажот над неа - поради ангелите. Но сепак, ниту мажот без жената, ниту жената без мажот ги бива во Господа. Оти, како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената; а сè е од Бога“ (Кор. 11, 3, 7-12).
6.    Овие зборови се однесуваат кон оние, кои се удостоиле да станат едно во Господа и го немаат веќе некогашниот образ. Ова се оние што Му се молат на Бога во чистота. Ова се оние што Го прославуваат Бога во своето срце. Тие се оние што се просветени од Бога. Тие се вистинските поклоници, какви бара Бог. Тие се оние, за кои Он реколː „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив“ (2. Кор. 6, 16). На кого се однесуваат зборовите за тоаː ако двајца се согласат во нешто и побараат во Неговото име – што и да побарате ќе им биде дадено (Матеј 18, 19)? Он сака оние што се Негови да бидат чисти од сè што е од овој свет, што е видливо и скриено во душата, од сè што отстрани Он од Себе – преку Своето овоплотување, како што реколː „Јас ќе бидам во вас“ (Јован 15, 4). Гледаш ли, брате, дека Он сака од нас, пред сè да бидеме со нашите дела со него? Тогаш Он ќе биде со нас заради чистотата, што ќе ја имаме според нашите сили.