Има воздржување на јазикот, - да не се говори многу, попусто, и да не се озборува, да не се навредува со зборови, да не се изговараат празни зборови, да не се клевети, да не се осудува, да не биваат откривани тајни и да не се интересираме за туѓи работи.
Има воздржување на слухот, - да владееме со него и да не бидеме победени од општата врева.
Има воздржување на очите, - да владееме со нив и погледот свој да не го задржуваме на она што е грешно и пријатно и што е неподобно.
Има воздржување на раздразнителноста, - да владееме со гневот и одеднаш да не се возбудуваме.
Има воздржување во славата, - да не сакаме и да не бараме прославување и чест, да не се воздигнуваме, да не се подбиваме и да не мислиме високо за себеси.
Има воздржување на помислите, - да ги победуваме со стравот Божји, помисла лажна и возбудлива да не примаме и со неа да не се насладуваме.
Има воздржување во храна, - да не сакаме и да не бараме многу храна, да не бараме вкусни и скапи јадења, да не јадеме во часови, кои не се одредени за јадење, на духот чревоугоден да не му се предаваме, да не бидеме алчни кога јадеме добра храна, да не бираме различна храна.
Има воздржување во пиењето, - прекумерно не само вино, туку и вода да не пиеме, да не бараме со задоволство да пиеме ретки и скапи мешавини, без потреба вино да не пиеме и на гозби да не одиме.


Има воздржување од порочното сластољубие, - да не им попуштаме на случајно возбудените похоти, на срамни помисли да не се согласуваме, волјата на телото да не ја исполнуваме и страстите наши со стравот Божји да ги зауздуваме.
Светите оци ни оставиле прекрасно покајничко правило за подвизите и трудовите, велејќи: „Воздржувај се не само денес, туку и утре не приготвувај вино; не само денес вода да пиеш, а утре да пиеш вино; не само денес кострет да носиш, а утре – мека и скапа облека; не само денес кроток и смирен да бидеш, а утре да се воздигаш и да се гордееш; не само денес тивок и послушен да бидеш, а утре – тврдоглав и непопустлив; не само денес да плачеш и ридаш, а утре – да се смееш и рамнодушен да бидеш; не само денес на гола земја да спиеш, а утре во мека постела да почиваш. Возљубен брату, за себе едно правило имај, по кое да живееш и на Бога да можеш да Му угодуваш и полза и на себе и на ближниот да му принесуваш“.


По четириесет и педесет години светите оци своето правило не го менувале, правилото прекрасно и беспрекорно за воздржувањето од храна, зборување, спиење на гола земја, смирение, кротост, вера и љубов, немаштија, непрестајна молитва со плачење и скрушеност, - и на тој начин се очистувале. Затоа и Бог се вселил и прославил во нив.
Ако некој се очисти од секое лошо дело, од нечистите помисли, од порочните желби, од гневот, од раздразнувањето, од зависта, од гордоста, од славољубието, од омразата, од противречењето, од осудувањето, од празното зборување. Со еден збор, од сè што Му е противно на Бога и, откако се оддалечи од сè што е лошо, треба да се држи далеку од него, инаку Бог нема да се насели во него. Затоа, возљубени, да се очистиме од злото и од гревот, за Бог да се всели во нас и да се удостоиме да ги добиеме Неговите ветувања.


Свети Ефрем Сирин

Подготви: Т.С.