✣✤✣ Првобитниот и придојдениот ✣✤✣
Но не се знае што се случило со нас, ние сме го напуштиле и сме ја зазеле страната на придојдениот порочен човек, и тоа до толку што само него го сметаме за себеси (свој). Нему ни на ум не му доаѓа дека овде тој не дејствува за себеси, туку за некој друг, против себеси. На пример, кога некој ќе се разгневи и по сугестија на гневот ќе се нафрли против некого, тој чувствува дека тоа е тој, дека сака да се заштити себеси, кога ниту гневот, ниту каква и да било друга страст - тоа не сме ние и не припаѓаме кон природата на човекот. Сето тоа е придојдено, туѓо, непријателско за нас, и не' убива.

Ете, тој порочен човек, туѓ и придојден за нас, кого поради соблазна ние го сметаме за нешто свое, за наша душа, Господ ни заповеда да го погубиме и да го умртвиме, ако сакаме да ја спасиме сопствената душа, која е потисната затворена и задушена од тој човек, од таа друга порочна душа. И навистина бидува така. Така ќе биде и со нас. Зашто, ако ние започнеме на дело да постапуваме така, да започнеме да ја погубуваме својата душата т.е порочната душа, како последица на тоа ќе се случи вистинскиот човек во нас да се ослободи од гнетот на придојдениот човек и ќе го заживее за него својствениот духовен живот. А придојдениот човек, кој живее призрачно, ќе исчезне од нас и во целото наше битие ќе настане вистински живот, кој како што гледате, произлегува од нашето себеумртвување и себепогубување.

Претпоставувам дека ви стана јасно што значи да ја погубиме душата, за да ја спасиме, и зошто тоа спасение не може да се устрои поинаку освен преку погубување на себеси, т.е. на порочниот човек во нас. Но треба да ви биде јасно уште и тоа дека во духовниот живот, главното и основно дејствие треба да се состои во тоа да се разделиме со придојдениот порочен човек во нас, да го оттурнеме од себеси, да сватиме спознаеме дека тоа не само што не сме ние, но и дека тој е наш непријател, кој не' погубува. Како и во нашите вообичаени односи, не почнуваме да дејствуваме против кого и да било, ако не ја прекинеме дружбата со него и не го спознаеме неговото непријателство кон нас, така и во нашиот духовен живот, додека не ја раскинеме дружбата со страстите и не го спознаеме нивното непријателство кон нас, нема да започнеме да дејствуваме против нив. Ако не започнеме да дејствуваме против нив, нема ни да ги умртвиме. А ако ние не ги умртвиме, тие ќе не умртват нас. И така ние треба да се раздвоиме. Да се поставиме себеси на една страна, а порочниот човек да го оттурнеме на друга. Да го поставиме наспроти нас и да започнеме борба со него, та отсекувајки од него парче по парче, на крајот сосема да го убиеме и да го исфрлиме надвор од себеси и да останеме чисти и совршени како што сака Господ, и како што Тој не' создал.

Ви напомнувам дека разделувањето во вас требаше да се случи токму преку силата и дејствувањето на покајанието. Бидејки, што е покајание? Човек почнува да се гнаси од се што е нечисто и гревовно и сакајки да се избави и да се очисти од него, цврсто решава да го посвети животот на доброто, да живее согласно заповедите на словото Божјо, во ништо да не отстапува пред страстите и да не се препушта повеќе на нивното завлекување (измама). Ете какво е покајанието! Тоа е оној внатрешен пресврт, преку кој човекот се раздвојува свесно и слободно внатре во себеси, преминувајки од страстите на страната на светоста и правдата.

Така раздвојувањето во вас веќе се случило. Внимавајте повторно да не се здружите. Бидејки штом ќе се здружите, ќе сопре духовното напредување. А тоа сега е нашето главно дело, во него е нашиот живот. Поради тоа треба постојано да го подновуваме и оживуваме почетното раздвојување со страстите, да ја засилиме омразата кон нив. Макар и ослабнат, порочниот човек сеуште е жив и ќе не' привлекува кон себеси со соблазни и заплашувања. Ние треба да стоиме на својот пост, без да влегуваме во било каква согласност со него и секогаш да се одоброволуваме себеси кон спротивното од она кое тој ни го предлага. Тој, на пример, ќе не влече кон похоти, но ние со усилби треба да се стремиме кон чистота. Тој во нас ќе распалува гнев, но ние треба да ја сочуваме нашата кротост. Тој ќе ни предлага гордост и празнословие, ние сепак треба да се учиме на смирение. И така треба во се. Да се противиме на злото и да се принудуваме кон доброто. И така тоа е нашата главна работа во процесот на духовниот напредок, така тоа е и главен услов и за нашиот успех и за нашето внатрешно смирение. Со таквиот труд над себеси, ние ќе постигнеме тоа порочниот човек се повеќе и повеќе да слабее, не само од тоа што нема да добива храна и задоволства, но и затоа што постојано ќе биде поразуван. А духовниот човек се повеќе и повеќе ќе закрепнува, додека другиот сосема не умре и не остане оној последниот.

Само тоа сакав да ви го појаснам денес, та кога ќе почне сатаната да ве соблазнува со слатки зборови: "Зошто се мачите и се лишувате од се, погубувајки се себеси", вие, вооружени со мажественост (храброст), да му одговорите: "Ние не се мачиме себеси, туку тебе, не се погубуваме себеси, туку ја поразуваме твојата глава, нашиот непријател, ласкател и убиец". И продолжете ја вашата безмилосната борба со страстите, без да отстапувате во ништо и без да им давате да земат здив од непрестано противење и поразување.

Како заклучок ќе ги додадам моите искрени добри желби, да ги умртвите земните делови односно пороците: блудството, нечистотата, страста, лошата похот и користољубието; отфрлете од себеси се': гневот, бесот, злобата, злоречието, сквернословието од устата (Кол.3.5,8). Така вие ќе го соблечете стариот човек заедно со неговите дела и ќе се облечете во новиот(9). И кон вас ќе се однесуваат зборовите на Апостолот: умревте - но така што од смрт преминавте во живот (1Јован 3.14), и тој живот е скриен со Христа во Бога (Кол. 3.3).

Нека биде тоа по благодатта и човекољубието на нашиот Господ Иисус Христос, Кој преку Својата смрт не' оживува и во нашето себеумртвување го преродува и утврдува во нас Својот живот. Амин.

продолжува..

извадок од: Духовно огледало - Слова за покајанието и постот за време на Светата Четириесетница - Св. Теофан Затворник
превод:Агапиј Тивериополски