✣✤✣

Овој богомудар маж бил роден во Константинопол во 1296 година во благочестиво семејство, во непосредна блискост со дворот на царот Андроник. Останал без татко на седум годишна возраст. Откако завршил византиско образование, преку кое се стекнал со голема мудрост, успеал да ги убеди својата мајка и своите двајца браќа и две сестри да заминат заедно со него  во манастир. Св. Григориј најпрвин отишол на Света Гора во Големата Лавра, а еден период бил и пустиножител во скитот Глосна. Откако започнале нападите од Турците, многумина монаси го напуштиле Атос засолнувајќи се на разни места. Меѓу нив бил и св. Григориј заедно со уште неколку монаси. Тие се засолнале во околината на Солун, предавајќи се сосема на молитвата. Но, многумина погрешно го протолкувале нивниот начин на живот. Еден од нив бил Варлаам Калабриски. Тој ги обвинувал дека се богомили односно месалијани. Имено месалијаните учеле дека крштението како и останатите Свети Тајни не се задолжителни, и дека доволно е само харизматичното лидерство - нешто што е спротивно на учењето и пастирската служба во Црквата. Подоцна св. Григориј се покажал како силен поборник против заблудите на неговиот противник Варлаам, кој во секој исихастички, молитвен акт согледувал масалијанизам.

Кога наполнил 30 години, Палама примил свештенички чин и нешто подоцна повторно заминал на Атос, во ќелијата на Св. Сава. Тука се предал на исихастичкиот подвиг, соединувајќи се со Бога и духовно хранејки се со Него. Токму неговиот живот, кој бил преисполнет со благодатта од Св. Дух, е вистинската причина што св. Григориј неуморно се борел против луѓето со еретички умови, докажувајќи им дека философијата и интелектуалноста не се единствениот пат да се стигне до најголемата цел во човековиот живот - просветлувањето со Таворската светлина - и дека таа е достапна на сите, а не само на елитата.

Расправата меѓу св. Григориј и Варлаам започнала во оној момент кога двајцата биле повикани да се соочат со догматскиот проблем „Филиокве“. Варлаам сметал дека проблемот може да се реши по дијалектички пат, врз основа на библиски искази. Палама кон решавање на проблемот тргнувал од духовна страна, од вистинското христијанско искуство, помогнато од философијата и дијалектиката.

Но, како што ниту една голема личност не поминува без искушенија, така и Палама од своите противници бил затворен, а неговото учење - осудено. Подоцна во неговите дела се потврдила вистината, при што бил ослободен и хиротонисан за архиепископ Солунски.

Св. Григориј богомудро ја бранел вистината и отфрлајќи го влијанието на месалијаните го потврдил заедништвото со Самиот Бог, а не само благодатта. Противникот Варлаам погрешно учел дека крајната цел на молитвата и умственото набљудување е духот да се ослободи од материјата, искривувајќи го Светото Предание на Светите Отци на Црквата, кои пишувале за целосно преобразениот човек преку чинот на молитвата. Духот, Кој што осветува, го осветува целиот човек и ја оживотворува душата, преобразувајќи го и телото. Човекот не е целосен доколку не е во заедништво со Бога. Да се биде обожен значи да се биде со Христа, да се заедничари со Него во Црквата Негова, особено на Литургиското Собрание, каде што ние Го примаме целиот Христос.

Расправата меѓу св. Григориј и Варлаам завршила со потпишување на манифест во корист на вистината, најпрвин од страна на Светогорското монаштво, а потоа и од страна на Соборот во Константинопол во 1341 год. Св. Григориј се упокоил 1359 г., а во 1368 со одлука на Синодот на Константинопол бил канонизиран за светител.

Приврзаниците на Варлаам тврделе дека монасите би требало да имаат познавање од областа на философијата, оти во спротивен случај тие не би биле компетентни да зборуваат за Бога и со Бога да се соединат. За противниците критериум бил интелектуалниот дар, кого го нарекувале духовен дар, како и познавањето на тајните на природата. Кај нив просто постоела добра конструкција на зборови. Но, Палама ставајќи се во одбрана на монаштвото, покажува дека човекот кој полага надеж во Бога, кој е ослободен од секакви грижи, природно ја поттикнува својата душа да ги набљудува Божјите созданија и треперејќи од восхит, тој го продлабочува своето разбирање. Друг пат за разбирање на Божествените нешта не постои. Интелегенцијата е дар што секој може да го стекне со вежбање во мудроста т.е. со учење, а тој дар е добар, тогаш кога човекот знае да го искористи внимателно и да го стави во служба на Бога. Тоа е нешто како мед и пелин, и притоа секогаш треба да се внимава, кога се одвојува медот да не се земе и од пелинот. Од таква невнимателност потекнале сите ереси. Арогантноста на философијата нема ништо заедничко со понизноста, затоа гордоста треба да се совлада и секогаш оној кој сака за Бога да слови и со Бога да заедничари, треба да се подвизува и да се моли.

Противниците зборувале дека просветлувањето на Тавор и слегувањето на Светиот Дух врз апостолите е умствено набљудување и дека е јасно достапно на сетилата. Палама во својот одговор зборува за неможноста на познанието на Бога во целост, односно во Неговата суштина. Бог е над секое име и над секој збор употребен за Негово опишување. Кога светиите биле просветлени од божествената светлина, тоа значи дека најнапред кај нив постоела еден вид умствена аскеза. Гледањето на Светлината е неискажливо искуство, обожување кое се јавува со помош на Божјата благодат, откако од умот, преку молитвата, ќе бидат отстранети сите негативни активности што се наталожиле во него. Тогаш Духот Божји е во нив и тоа не е умствена активност, туку е резултат на чистата молитва, која се извршува во чистотата на срцето, каде Совршено Чистиот се населува. Така умот се издига над молитвата и таму таа престанува. А граница не постои, бидејќи се согледува Безграничниот. Тогаш човекот знае дека Бог е Дарителот на таа светлина и дека во споредба со Него тој е капка снег, со која знаеме што ќе се случи, доколку ја изложиме на сонце.

Варлаам велел дека таа светлина била символ Божји. Но какво е ова размислување? Ако на небесата постојат символи, знаци, примери, загатки, тогаш ние сме се излажале и залудно се надеваме во ветувањето дадено од Бога дека ќе ја стекнеме вистинската божественост, а не гледаме ниту дел од таа божественост. Дали е можно таа светлина на идниот век да ја наречеме само символ? Сигурно не, сé додека ја бараме таа светлина. Светиите нé потсетуваат дека Бог не е достапен на сетилата и дека духовното познание е дар од Светиот Дух. Тоа познание го имаат оние кои се целосно Божји и кои Го знаат Бога. Тие ја согледуваат Светлината, бидејќи самите се светлина. Сé што гледаат е светлина, а таа светлина е различна од секоја друга светлина.

Но, тоа не е природна состојба, бидејќи не би можело да се разбере како човекот е повикан да излезе од самиот себе, да се надмине себеси и својата природа за да се соедини со Бога. Тоа е карактеристично само за светиите, кои се родени од Бога и кои се дух роден од Светиот Дух. Христос не ќе имаше потреба да дојде, доколку обожувањето беше природно, оти тоа едноставно ќе му беше достапно на секој народ, дури и пред Неговото доаѓање. Тогаш и ангелите и сите луѓе ќе беа повеќе или помалку богови.

Варлаам користел и текстови од Светите Отци, но испревртено ги толкувал.Така на пр. тој велел дека само со посредство на ангел човекот може да Го сретне Бога, бидејќи како што вели Псевдо Дионисиј Ареопагит ние сме подредени на ангелската хиерархија. Но, св.  Григориј, спомнувајќи си за Мојсеевото видение на Синајската гора, вели дека тој таму не бил посетен од ангел, туку од Самиот Син Божји... „Јас сум Бог на Авраама, Исака и Јакова“. Синот Божји слезе на земјата и стана човек, за да му се јави на човекот и да зборува со него без посредник.  Св. Григориј заклучува дека обожувањето е дар поради телесниот, душевниот и духовниот напор на личноста задоена со стремеж кон Бога. Бог таквите ги препознава и им се открива во најбожествената светлина, во најбожествената благодат на Духот и се соединува со нив. Тој ќе рече: „Во Својата неизмерна љубов кон човекот, Синот Божји не само што ја соединил Својата Божествена Ипостас со нашата природа, примајќи го душевното тело и разумната душа, јавувајќи се на земјата и живеејќи со нас, туку, о какво неизмерно и прекрасно чудо! Он се соединува исто така и со човечките ипостаси, опфаќајќи го со Себе секој верен, преку причестувањето со Неговото Свето Тело. Така и со нас Он постанува едно тело, нé прави да бидеме храм на целото божество, бидејќи во Самото Тело Христово ’живее сета полнота на Божеството‘( Кол. 2, 9)“.

Нека премилостивиот Бог, по молитвите на ова големо светило, ги испрати Своите благодатни сили, за да нè поткрепи на патот кон присоединување со Него, кон очистување на нашите души, та така преобразени, достојно да се поклониме на Неговите страдања, примајќи ја на крај и невечерната светлина на Неговото Воскресение. Амин.

Извор: Бигорски манастир