ВИСТИНСКИОТ ПОСТ

Секоја наша грижа да тежнее кон спасението на душата - така што, откако ќе ги совладаме телесните похоти, да го оствариме вистинскиот пост: а тој се состои во воздржување од зло! Воздржувањето од храна е добро, за да ја ослаби силата на плотта - да го скроти коњот на телото и да го направи покорен на духот! Оној кој пости треба пред сѐ да го совлада својот гнев, да се научи на кротост, да постане снисходлив, да има покајно срце, да ги прогонува нечистите помисли, да не биде среброљубец, да дава милостина, откако секогаш ќе си го претставува незгасливиот оган и нелицемерниот суд - тогаш ќе живее во мир и љубов со ближниот! Тоа е вистинскиот пост - за него зборува и Исаија од името на Бога:

„ЕВЕ ГО ПОСТОТ, ШТО ГО ИЗБРАВ: РАСКИНИ ГИ ОКОВИТЕ НА НЕПРАВДАТА, ОДВРЗИ ГИ ВРСКИТЕ НА ЈАРЕМОТ, И УГНЕТЕНИТЕ ПУШТИ ГИ НА СЛОБОДА И СКРШИ ГО СЕКОЈ ЈАРЕМ; РАЗДЕЛИ ГО ЛЕБОТ СВОЈ СО ГЛАДНИТЕ, И СКИТНИЦИТЕ СИРОМАСИ ОДВЕДИ ГИ ВО ДОМОТ СВОЈ; АКО ВИДИШ ГОЛ - ОБЛЕЧИ ГО, И ОД ЕДНОКРВНИОТ НЕ СЕ КРИЈ“(Иса. 58, 6-7).

Ако го направиш сето тоа:

„ТОГАШ ТВОЈАТА СВЕТЛИНА ЌЕ СЕ ЈАВИ КАКО ЗОРА, И ТВОЕТО ЗДРАВЈЕ НАСКОРО ЌЕ ПРОЦУТИ, ТВОЈАТА ПРАВДА ЌЕ ТРГНЕ ПРЕД ТЕБЕ И СЛАВАТА ГОСПОДОВА ЌЕ ТЕ ПРИДРУЖУВА“(Иса. 58, 8).

Гледате ли возљубени во што се состои вистинскиот пост?! Таков пост треба да применуваме, а не безрасудно да мислиме како сите, дека постот се ограничува само во тоа да не јадеш ништо од утро до вечер!
Не е тоа главното, туку друго: да го соединиме воздржувањето од храна со воздржувањето од штетното за душата и да пројавиме големо усрдие во духовните работи! Кој пости, треба да биде покаен, смирен, кроток, тивок, да ја презира славата на земниот живот! Кој ги презрел задоволствата на животот, тој е должен да ја презре и суетата на славата и да Го осознава Оној, Кој ги испитува срцата на луѓето, откако ќе упатува молитва и исповед пред Бога, придружени, до колку е можно, и со милостина. Таа особена добродетел може да ни ги прости гревовите и да нѐ избави од огнот на геената - доста е, милостината да биде штедра и да не биде за показ. Од последното да се пазиме не само во милостина, туку и во секоја духовна постапка - ништо да не правиме за суетна човечка слава, зашто тогаш нема никаква полза ниту од пост, ниту од молитва, ниту од милостината, ниту од други духовни дела! Ако ја замати нашата душа некаква страст: похота, гнев, јарост, злоба, завист и други - да ги спомнеме Чиј образ го носиме и Кој живее во нас и да изгониме секаква лоша мисла од своите души.

Да живееме прилично како оние, кои се облекле во Христа и да не Го навредуваме Духот свет!

Свети Јован Златоуст

Извор:  Фејсбук страна на

Добротољубие- МПЦ-ОА