Зошто се поздравуваме со „Христос се роди“

Свети Николај Охридски и Жички


Кога велиме: Христос се роди, исто е како да кажеме: Месијата се роди, или Царот се роди, или Спасителот се роди! Поздравувајќи се така ние тврдиме и еден на друг сведочиме, дека дојде во светот Оној Кој требаше да дојде заради спасение на родот човечки, и дека друг освен Него не треба да чекаме. Оној, кого Бог им го вети на нашите прародители изгонети од Рајот; кого што незнабожните народи и племиња темно го насетувале; кого што еврејските пророци јасно го прорекоа; по Кого беспомошното човештво илјадници години болно воздивнуваше - тој заблеска на земјата како сонце после долга ноќ. И така кога ќе кажеме: Христос се роди, ние сведочиме, и дека Севишниот си го одржал своето ветување, и дека навестувањата човечки се исполнија, и дека пророштвата на пророците се исполнија, и дека воздишките човечки се згаснати со радост. Месијата се роди, Најчудесниот, истовремено Човек и Бог - та уморните очи човечки да се одморат на Него и да не погледнат кон друг Месија.
Царот се роди, Најсилниот, истовремено со жезолот на моќта и кандилото на милоста - и најмалите да се исправат и воскликнат: ние сме царски деца!


Јунак се роди, Непобедлив, да ги одбрани праведните, да ги освои грешните, да ги сруши духовите на поднебесната злоба.
Патеводител се роди, Највидовитиот, да ги изведе залуганите и да ги поведе. Просветител се роди, Најпросветен, да го растера мракот и да ги просвети помрачените. Пастир се роди, Најгрижлив, за да го спаси стадото од волците и да го прибере во Своето трло. Хранител се роди, Најбогат, за да ги нахрани гладните, не со земја, туку со небо, со Своето небесно тело и пламена Своја крв.
Човекољубител се роди, најредок, да ги прегрне на Своите гради и да ги оживи со Својата љубов Своите безбројни сираци, кои долго чекореа од гробот на животот во гробот на смртта.
Откровител се роди, најголем, за да ја повлече завесата и да им го открие на смртните своето бесмртно Царство Небесно.


Сето тоа го означуваат овие прекрасни зборови, со кои христијаните се поздравуваат на Божиќ и со кои и јас - вас, браќа, ве поздравувам:

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

Извор: Амвон