3. ПОУКА НА МОНАХ НИКИФОР
 
Монахот Никифор својата поука за влегувањето во срцето ја изложува во своето дело „За трезвеноста и чувањето на срцето“
(Добротољубие, руско издание, том втори)

Вие кои сакате, вели тој,  да почувствувате во срцето оган небесен и низ искуство да осознаете што е Царството Небесно кое во вас се наоѓа, 
дојдете, да ви ја изложам науката на небесното живеење или подобро да се каже, методот којшто без труд и пот го воведува оној, кој со него се служи во пристаништето на бестрастието.
 
 Преку падот, ние излеговме надвор, се отуѓивме од вистинскиот живот;
 затоа треба да се вратиме назад; подобро речено да се вратиме кон самите себе, ослободувајќи се од прилепеноста за надворешните работи.
Невозможно ни е да се помириме со Бога и да се сродиме со Него, се` дотогаш, додека најпрвин не се вратиме назад кон самите себе, додека однадвор не влеземе внатре.
 Само внатрешниот живот е вистинскиот христијански живот. За тоа сведочат сите Отци.
 
Така, го запраша еднаш братот Ава Агатон:
Што е поважно, телесниот труд или чувањето на срцето?
Старецот му одогвори: човекот е сличен на дрво;
телесниот труд ги претставува  - лисјето, а чувањето на срцето – плодот.

Бидејќи, според светото Писмо, секое дрво кое не дава добар плод се сече и се фрла во оган, очигледно е дека е потребно сето свое внимание да го усресредиме на плодот,
т.е. на чувањето на срцето. Секако, потребна ни е и облека од лисја, т.е. телесен труд и подвиг.
 
Свети Јован Лествичник вели:

Затвори ја вратата на ќелијата за телото,
вратата на устата за јазикот и внатрешната врата за лукавите демони. 

Додека седиш  „во висините“ (кога ќе го усретсредиш вниманието на срцето), стражари, ако си опитен, во колкав број и какви крадци се прикрадуваат за да влезат во овоштарникот на твоето срце, за да го покрадат грозјето.
Кога стражарот ќе се измори (т.е. оној кој бдее над срцето), тогаш станува, се моли, потоа пак седнува и храбро се прифаќа за истата работа (т.е. стражарењето на срцето и молитвата).
 
Свети Макриј Велики не учи:
 Главната работа на подвижникот се состои во тоа  да влезе во срцето свое, да поведе таму битка со сатаната и да противречи на неговите помисли, да војува против него.

Свети Исак Сирин пишува: Потруди се да влезеш во својата внатрешност и ќе здогледаш небесно богатство. 
Лествица -  Царството Небесно е  сокриено  внатре во тебе, т.е. во твоето срце. Затоа, измиј се од гревот и собери се во срцето свое, таму ќе ги пронајдеш скалилата преку кои ќе се искачиш на небесата.
 
Еве, што кажува за ова Карпатиј:
 Потребни се многу подвиг и молитвен труд за да се постигне непоматена состојба на мислите, ова другото небо на срцето на кое Христос живее, како што вели Апостолот:
 „Или не знаете дека Христос живее во вас“  ( 1. Кор. 3, 16).

Еве ги зборовите пак на свети Симеон Нов Богослов:

Од оној момент кога човекот е истеран од рајот и се оддалечил од Бога, ѓаволот со демоните стекнал слобода деноноќно на невидлив начин да ги расколебува мислите на секој човек.
Умот не може да се одбрани од тоа поинаку, освен со секојдневното сеќавање на Бога. Само оној, чие што срце е запечатено со сеќавањето на Бог, во состојба е својата умна сила да ја сочува непоколеблива.
 
Така не учат Светите Отци. Овој подвиг, поголем од сите други, скоро сите тие, учењето  го преземаат едни од други. Само ретки поединци го задобиле без учење и тоа непосредно од Бога, заради нивната огнена вера.
Според тоа, потребно е да се бара учител којшто е искусен во оваа работа. Ако таков учител не може да се најде, тогаш треба да се повика Бог, со скрушено срце и солзи и да  го прави она што ќе ви кажам.
 
Познато е дека дишењето го спроведува преку белите дробови воздухот до срцето. Затоа, седни и собирајќи го умот свој, воведи го заедно со дишењето внатре, принуди го заедно со вдишувањето на воздухот да се симне во самото срце и држи го таму, не дозволувајќи му да излезе кога тој сака.
Држејќи го таму, немој да го оставиш да биде  празен, туку подај му ги следните свештени зборови:
Господи Исусе Христе, помилуј ме! И умот нека ги повторува дење и ноќе.

Потруди се да го навикнеш на престојот внатре со спомнатата молитва и внимавај умот да не излегува брзо од тука, зашто нему на почетокот ќе му биде многу досадно од таквата принудна затвореност внатре.
 Но затоа, кога ќе се навикне, ќе му биде многу мило и радосно таму да престојува, дури и самиот ќе посака таму да остане.
Како што кога човекот ќе се врати од туѓа земја, при средбата со жената и децата се заборава од радост, така се случува и со умот: кога ќе се присоедини со срцето, се исполнува со нескажлива радост и веселба.

Ако ти успее на овој начин, што ти го покажав, да влезеш во срцето, заблагодари Му на Бог и никогаш не го напуштај ова дело: тоа ќе те научи  на она за што не си ни сонувал.
Ако не ти успее и покрај трудот,  да влезеш на овој начин во пределот на срцето, тогаш направи го тоа што сега ќе ти го кажам, па со Божја помош, ќе го најдеш она што го бараш.

Познато ни е дека разумната сила  човечка (внатрешниот збор, зборот со кој се разговара со себе) се наоѓа во градите. Зашто, таму некаде, во градите, кога устата ќе замолчи, ние разговараме со себеси, се советуваме себеси, таму ги читаме молитвите
(кога напамет ги кажуваме во себе),
 таму пееме псалми и го водиме секој друг вид разговор со самите себе. Ете, всушност на таа мисловна (разумна) сила, ослободувајќи ја од секоја друга помисла, подај непрестајно да говори:
Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!

И принудувајќи се себе, наместо секој друг збор, само со тој вапај да бидеш внатре. Стрпливо држи се до тој труд и подвиг само некое време и преку него ќе ти се открие влезот во срцето. Во тоа воопшто не треба да се има сомнеж, зашто тоа самите врз себе сме го испорбале.

Заедно со тоа многусакано и радосно симнување во срцето и со неговото будно стражарење – вниманието, ќе се всели во тебе цел збир на добродетели:
 љубов, радост, мир, долготрпение, кроткост и останатите.

 Преведе: Мина Даниловска

Извор:
http://www.svetosavlje.org/biblioteka/index.htm

 

 7-ми декември, лето Господово 2015

 

Друго:

 

СВЕТООТЕЧКИ ПОУКИ ЗА ВНАТРЕШНАТА МОЛИТВА НА СРЦЕТО (1)

СВЕТООТЕЧКИ ПОУКИ ЗА ВНАТРЕШНАТА МОЛИТВА НА СРЦЕТО (2)

 Раскази на еден поклоник - Прв расказ