СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ: ДУШАТА

Душата е Божјо дишење и, макар да е небесна, трпи мешање со телото. Таа е светлина, заклучена во пештера, меѓутоа, светлина божествена и незгаслива, зашто, не приличи да се разруши бесславно образот на великиот Бог, како што се разрушуваат животните неразумни и оние што ползат, макар, гревот и да се засилил да го направи смртен. Душата не е природата на истребувачкиот оган, зашто тоа што опожарува е лишено од својство да го одушевува изгореното. Душата не е и природата на воздухот – тој се вдишува и издишува и не знае за покој. Душата не е ниту крвотокот, кој циркулира во телото, ниту пак е хармонијата на составните делови на организмот, која ги доведува до единство, зашто не се едно и исто нешто природата на телото и природата на душата. Би имало ли разлика меѓу добродетелни и порочни луѓе, ако добрите и злите во животот се плод на случајно поврзување на природни стихии? Зашто и во бессловесните созданија нема разумна природа, макар и да носат хармонија во тело и живот? Каде е во нив расудливоста, добродетелта и бесмртноста?

Знам и друго учење, кое никако не можам да го примам: учење не од мудри луѓе, а пуста и ниска забава! Според него, душата постојано се преселува во разни тела – секое сообразно на поранешниот живот, лош или добар, како награда за добродетел или некаква казна за грев! Тоа учење де ја соблекува, де ја облекува душата, како човек својата облека. Напразно се измачува душата, како што врти тркалото на злочестивиот Иксион, и му става де ѕвер, де растение, де човек, де птица, де змија, де куче, де риба, а понекогаш и едното и другото, и тоа по двапати, ако така се заврти тркалото! Каде е крајот на тоа? Јас никогаш не сум видел мудар ѕвер, кој има дар за слово, ниту пак, бодликав трн да говори! Враната секогаш си грака и безгласната риба секогаш си плива. Пронаоѓачите на тоа пусто учење велат, дека, ако душата ја должи последната отплата, тогаш таа, ќе претрпи казна или без тело – и тоа е извонредно восхитувачко – или со тело. Тогаш, која од многуте ќе ја предадеш на огнот? Воопшто ми е нејасно: на кој начин по сето ова, откако сум се воплотил во многу тела, откако тие преродувања ме направиле мудар – се изгубило памтењето на мојот дух за следното: каква кожа сум носел порано, каква потоа и колку пати сум умрел? Изгледа, дека моето тело било богато не толку со души, отколку со кожи. Можеби, пак, тој заборав на поранешниот живот да е последица на моето долго скитање во разни битија?!

Сега ислушајте го и нашето превосходно учење за душата. Имало време, кога врховното Слово на Духот, следејќи Го големиот разум на Својот Отец, го основало до тогаш непостојниот свет. Тоа рекло и сè постанало така, како што Му е угодно. Но, кога сето ова – земјата, небото и морето ја образувале вселената, станал потребен и посетител на таа Премудрост, која е мајка на сè, бил неопходен еден со страв Божји цар на земјата. Тогаш Словото рекло: „Пространото небо веќе го населуваат добрите Ангели, непорочните духови, чистите служители, вечните песнословци, кои постојано ја воспеваат Мојата слава; земјата пак, се краси само од едни неразумни животни; ете зошто Ми е угодно да создадам таков род созданија, во кои ќе се всели и едното и другото – да бидат во средината помеѓу бесмртните ангели и смртните животни; ќе создадам разумен човек, кој ќе се развесели од Моите дела; кој ќе биде мудар тајник на небесното, голем владетел на земјата, нов ангел од земјата, песнопеец на Мојата власт и на Мојот Дух“. Така рекло Словото, и откако зело дел од новосоздадената земја, со Своите бесмртни раце, го составило мојот образ и ми одделило дел од Својот живот, зашто вдахнало во него дух, кој е струја од невидливото Божество. Така од земја и дишење е создаден човекот – Образот на Бесмртниот, зашто и во двајцата царува природата на духот, кој не знае за смрт. Поради сето ова, јас, како земја, сум приврзан кон тукашниот живот – како дел пак, од божествениот Дух, носам во своите гради љубов кон вечниот живот!

 

Извор:

https://blagovesti.wordpress.com/2015/08/27/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8-%D0%B3%D1%80%D0%B8%D0%B3%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%98-%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B2-%D0%B4%D1%83%D1%88%D0%B0%D1%82%D0%B0/