Ikona.Bogojavlenie.jpg

 Слово на Богојавление – Св. Димитриј Ростовски

Празнувајќи го Богојавлението Господово на Јорданските води, да се потсетиме дека нашиот Господ Бог и пред тоа се појавуваше врз водите, за да изврши различни прекрасни дела. Така, кога Тој се јави над водите на Црвеното Море, тогаш “го откри дното на длабочините” и ги преведе Своите луѓе, како по суво. Кога во ковчегот преминуваше преку Јордан, тогаш го сврте текот на таа река назад, речено е: “Јордан назад се врати”. И на крај, во почетокот, кога “Духот Божји лебдеше над водата”, Бог ги создаде небото, земјата, птиците, ѕверовите, човекот и воопшто целиот видлив свет.


И сега над Јорданските води се јавува Бог, Едниот во Троица: Отецот – во гласот, Синот – во тело, Духот Свет – во вид на гулаб. А што врши Тој во тоа Свое јавување? Тоа создава нов свет и сé обновува, како што се чита и во претпразничниот тропар: “се јави, сакајќи да ја обнови целата твар”, односно, да создаде нов свет, различен од првиот. “Древното помина – вели Светото Писмо – ете, сé стана ново”! Првиот свет по својата природа бил тежок, не можел да се вознесе кон небото и имал потреба од суша, врз која да може да стои, како врз основа. А новиот свет, изведен од Јорданските води, е толку лесен, што нема потреба од суша, не се соградува на земјата, тука нема град за да пребива, туку го бара горното, од водите се стреми сé побрзо кон отворените небесни Двери над Јордан: “Веднаш излезе од водата, и ете, Му се отворија небесата”. За првиот свет, обременет од животните тегоби, во случај да го достигне небото, би му требала лествица, утврдена врз земјата и чиј врв би стигал до небото. Но, и таа била само созерцувана од Јаков, а самиот тој не се искачил по неа. А за новиот свет е можно восходувањето на небото и без лествица. Но, на кој начин? Ете, наместо лествица, Духот Божји, во вид на гулаб, лета над водата! И тоа го покажува следново. Човечкиот род, веќе не како твар која се влече по земјата или како животно што ползи, туку како крилеста птица, излегува од водата на крштевањето. Затоа и Светиот Дух се појавил над водата на крштевањето како птица, за да ги вознесе на небото без лествица Своите птички, кои ги  преродил преку бањата на крштевањето.
Така, секое од Лицата на Пресветата Троица, јавувајќи се на Јордан, ги изведе од водите на крштевањето Своите духовни пилиња и кога ги изведе, ги повикува да полетаат врз дадените им крилја на добродетелите и да влезат во отворените небеса.
Прво, Бог Отец, како духовен орел, го повикува кон лет Своето јато – духовните орли, односно  учителите, имајќи посебни крилја, за кои Црквата пее: “Оние птици кои летаат врз крилјата на богоразумието и кои кон небото се вознесуваат.” А какви се крилјата на тие птици? Несомнено, тоа се двете нивни добродетели, кои тие ги поседуваат, покрај другите општи за сите добродетели: делото и словото. Тој е црковен учител, тој е високолетечки орел, кој и сам на дело го прави она  што со зборовите ги учи другите.
Црковните учители, кои претставуваат садови, треба да го разгласат Божјото име по целата вселена и со своето учење, Црквата Христова – Божјата колесница, во која се наоѓаат многу десетици илјади души што веруваат, да ја изведуваат на вистинскиот пат што води кон небото. Учителот треба да го учи стадото и во исто време е должен и сам да живее онака како што учи. Зашто гласот на учителот не принесува корист, кога во него самиот не се гледаат крилјата на богоугодниот живот. Само оној учител се вознасува директно во отвореното небо над Јордан, кој лета не единствено и само врз крилото на словото, туку и врз другото крило – на добродетелниот живот – оној, кој истовремено поучува и со слово и со дело. Не така лесно ги вознесува кон небото – и наставникот и ученикот – искусното составено слово или слаткогласната уста, или громогласниот јазик, како крилјата на добрите дела.
Бог Синот, исто така, ги повикува Своите полиња, светите маченици, да полетаат. А крилјата на добродетелта, кои им припаѓаат само ним, освен другите општи добродетели, се следниве две: верата и исповедништвото. За тие крилја на мачениците, Апостолот вели: “со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение”. Непоколебливата вера во срцето е едното крило, а смелото исповедување со устата на Христовото име пред царевите и мачителите е другото крило. Првата духовна птица, која влета во рајот – благоразумниот разбојник, кој пострада на крст заедно со Христа, полета токму врз тие крилја на верата и исповедништвото. Бидејќи во тоа време, кога нашиот Господ, Кој доброволно пострада заради нас, беше напуштен од сите и кога од Него се одрече дури и Петар, кој даде збор дека е подготвен да умре заедно со Него, само разбојникот поверува во Него со целото свое срце и го исповеда со устата, нарекувајќи Го цар и Господ: “спомни си на мене, Господи, – рече тој, – кога ќе дојдеш во царството Свое!” Колку велика и голема е таа вера на разбојникот, уште повеќе што во тоа време во сите Христови ученици верата беше оскудна! Кога сите верни се соблазнија заради Христа, тој единствено не се соблазни, туку Му се помоли со вера, заради што и ги чу следниве зборови од Него: “Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот”.
На крајот, Бог Светиот Дух, Кој се јави во вид на гулаб, ги повикува на лет и Своите пилиња – девствениците, бидејќи Нему Му е својствено да го прави човекот крилата птица, која би можела да се вознесе до најголемите височини. Светиот Дамаскин пее: “Секоја сеспасителна вина е на Светиот Дух – ако некому, по достоинство му вдахне дух, брзо го издига од земното, му дава крилја, го прави да порасне, го устројува горе”. Тој и духовните гулаби, светите девственици, “ги устројува горе”, повикувајќи ги да полетаат. А посебните крилја на добродетелите кај тие гулаби се умртвувањето на плотта и духот.
А дека умртвувањето на плотта е едното од крилјата, кое го вознесува човекот на небесата, за тоа свети Амвросиј (Медиолански), толкувајќи ги зборовите на Евангелието: “колку сте вие повредни од птиците!”, говори вака: “плотта, која е расположена кон исполнување на Божјиот Закон и која го соблекла гревот, по чистотата на чувствата се уподобува на природата на душата и се вознесува кон небото врз духовни крилја.” Тука светиот учител на Црквата зборува за уподобување на природата на душата, имајќи го предвид умртвувањето, преку кое вистинската природа на телото како да поминува во природата на душата, кога пониското се покорува на повишото и плотта се потчинува на духот, кога човекот се ослободува од гревот и ги очистува своите чувства (своите сетила), што не е можно без умртвувањето. А кога ќе ја умртви својата плот, човекот станува лесен и крилат како птица и врз духовни крилја, се вознесува кон небото.
И така, умртвувањето на телото е првото крило на девственоста, устремено кон небото, бидејќи на оние, кои сакаат да ја пазат чистотата, пред сè им доликува да ја умртват својата плот.
Второто нивно крило е умртвувањето на духот, кое се состои во тоа што не само на дело да не извршуваш грев, туку и да не го сакаш во духот, да не помислуваш за него во твојот ум.
Чувме што направи Едниот Бог во Три Лица, Кој се јави на Јорданските води, при обновувањето на светот – како Тој ги изведе од водите на крштевањето духовните црковни птици – учителите, мачениците и девствениците и ги повикува кон отворените небеса. А како од учителите, мачениците и девствениците, така и од нас грешните – да биде чест, слава, поклонение и благодарение на Отецот и Синот и Светиот Дух – Бог, Кој се јавил на Јордан – сега и секогаш и во вечни векови! Амин.


Извор: Слово на Богоявление Господне

Преземено од: Маран Ата