Св. Цар Јустинијан


Дијалог со Павле Низибиски е препис од една расправа до која дошло помеѓу две теолошки делегации, едната предводена од Јустинијан, а другата од Павле Низибиски, околу прашањето дали Христос имал една или две ипостаси, која расправа е делумно зачувана во еден сириски ракопис поврзан со монотелитите. Дека до расправата навистина дошло сведочат неколку независни едни од други извори, од кои најважен е Несторијанска историја:

justinijan.premin.jpg
Се вели дека по склучувањето на мирот со Хозрој, Јустинијан го замолил да му испрати неколку мудри Персијанци. Хозрој му го испратил Павле Митрополит на Низибија, Мари Епископ на Белад, Бар-Саума Епископ на Кварду, Исаија учител во Селевкија, Исо-јахб од Арзун, кој стана Католикос на Црквата на Исток, и Бабаи Епископ на Синџар. Јустинијан им укажал чест на сите. Расправата, којашто била забележана, траела три дена. Тие разјасниле која е православната вера. (Јустинијан) му рекол на Бабаи, „Сакам да ми кажеш некои пасуси од Писмото и толкувања на отците на кои вие се потпирате”. (Бабаи) навел многу пасуси, кои душата на императорот била наклонета да ги прифати. Тие го натерале да разбере дека ниту природата е способна да постои без ипостаста, ниту ипостаста без природата, и дека, следствено, двете природи не е можно да бидат една ипостас. (Јустинијан) ги ислушал, и тие се вратиле со почести. Јустинијан се променил отпосле кога го анатемизирал Диодор и неговите соработници.


Описите на расправата во овој извор одговараат на содржините од посточекиот Дијалог.

Несторијанска историја ја датира расправата по мирот меѓу Јустинијан и Хозрој. Овие владетели склучиле два главни мировни договори, во 532. и 561. со две петгодишни примирја после персиската инвазија во 540. А. Шер и Артур Вубус ја поврзуваат расправата со првиот мировен договор и Јустинијановата дискусија со монофизитите во 532., но поради тоа принудени се да заклучат дека споменувањето дека Павле Низибиски доаѓа како епископ се анахронизми, зашто тој бил посветен по 551. Како поткрепа на едно порано датирање на расправата, Несторијанска историја ја сместува Јустинијановата осуда на Диодор и неговите соработници по расправата, што би значело датирање пред 543. Спротивно на ова, А. Жилмон докажува дека Несторијанска историја ја сместува расправава отпосле мирот од 561.

Доктриналните позиции што му се припишуваат на Јустинијан во Дијалогот се главно доследни на позициите што ги наоѓаме во другите негови текстови и можат да се изведат од тие текстови со само неколку исклучоци. Деловите што му се припишуваат на Јустинијан исто така се сродни на списите на Леонтиј Ерусалимски, нешто кое исто така го среќаваме во другите Јустинијанови дела. Сличностите меѓу Против несторијаните на Леонтиј Ерусалимски и Дијалог со Павле Низибиски можно е исто така да се плод од тоа што Леонтиј Ерусалимски ја користел расправата како основа за некои делови на Против несторијаните. На ова нé наведува сличноста меѓу несторијанските делови од Дијалог со Павле Низибиски и оние од втората книга на Против несторијаните на Леонтиј Ерусалимски.

Додека може да се очекува дека православните делови од Дијалогот биле изведени под влијание на Леонтиј Ерусалисмки, истото не може да се каже за несторијанските делови од расправата. На зависноста на Против несторијаните од расправата којашто е во основата на Дијалог со Павле Низибиски понатаму нé наведува темата, која ја наоѓаме во материјалите и во двата документи, на православното обвинување дека две ипостаси во Христа би значеле два Сина. Прифаќањето на ваквата поврзаност би значело дека до расправата дошло во 532., а не во 561., бидејќи Против несторијаните било напишано околу 544.

Доктриналните позиции што му се припишуваат на Павле Низибиски се доследни на описите на неговите позиции и на подоцнежната позиција на Персиската Црква. Позициите на опонентите во Дијалогот ги одразуваат различните поими за зборот испостас/гнома. Овие поими се во согласност со јазичката заднина на двете страни, грчката и сириската.

Тешкотијата да се прифати Јустинијановото авторство на Дијалог со Павле Низибиски е во неговата поддршка на една лична дејственост во Христа. Се чини дека ова е во споротивност со поддршката на две природни дејствености во Христа, која позиција се брани во фрагментот од Послание до зилотите. Во секој случај, Јустинијановите халкидонски современици, Ефрем Антиохиски и Леонтиј Ерусалимски, правеа разлика меѓу природните и личните својства и дејства со цел да ја запазат полнотата како на природата, така и единството на субјектот во Христа. Со оглед на тоа што Јустинијановите дела се сродни и со двајцава овие автори, изгледа веројатно дека Јустинијан исто така би ги поддржувал и двата вида на дејствувања во Христа. Според тоа, фрагментот е важен како извор за разбирање на делот на новохалкидонската заднина на моноенергистичкиот спор од седмиот век.

Извадок од дискусијата што император Јустинијан ја имал со Павле Епископот на Низибија, кој бил несторијанец.

1. Цезарот: Дали исповедате заедно со нас дека Бог Словото, Кој ја има истата природа како Отецот, е воплотен и стана човек од утробата на Дева Марија и прими тело коешто ја има истата природа како и ние и се направи себе си нераздвојно единство, и дека нема друг човек, кој би постоел во одделна ипостас, или би се познавал одвоено од Самиот Него, дали го исповедате ова или не?

2. Несторијанецот: Исповедаме, како што презедовме од пророците и апостолите, дека оној кој зеде облик и подобие на Бога зеде облик на слуга од утробата на Девата и е споен во неразделно единство.

3. Православниот: Значи јас велам дека ова е Неговото сопствено тело, зашто за секого од нас постои соодветно тело.

4. Несторијанецот: Тогаш Христос не е одделен човек во Неговата човечка природа, туку е само Бог, зашто Тој не опстојува како целосен и ипостасен човек во едно природно единство.

5. Православниот: Христос е совршен човек во Неговата човечка природа, исто како што е навистина совршен Бог зашто Тој е една ипостас која поседува две совршенства. Но ако има две ипостаси, како што претпоставувате, а не една, Тој не може да се нарекува еден зашто ќе поседува две целосни нешта, и секоја ипостас самата ќе е целосна, и не ќе може да има посредништво што ќе ги обедини целосните нешта. Зашто природата е она што е целосно во две ипостаси, но ако има две природи, тогаш тоа е ипостаста.

6. Несторијанецот: Христос опстојува во Неговата божествена природа. Дали неа ја нарекувате совршено опстојување или некако поинаку?

7. Православниот: Христос опстојува во Неговата божествена природа и во неа Тој е совршен Бог, како што е Отецот и Светиот Дух, вечно постоечки во една божествена природа.

8. Несторијанецот: Бидејќи Христос исто така опстојува во Неговата човечка природа, дали Го нарекувате совршен човек, да или не?

9. Православниот: Ние велиме дека човечката природа опстојува во ипостаста на Словото Божјо, бидејќи таа не се гледа и познава вистински во своја сопствена одделна ипостас, туку има постоење во ипостаста на Словото.

10. Несторијанецот: Ако Христос опстојува во Неговата божествена природа, а опстојува и во Неговата човежка природа, тогаш опстојување плус опстојување дава две опстојувања. според тоа, Христос има две ипостаси и две природи.

11. Православниот: Христос нема две ипостаси како што има две природи, зашто Неговото човештво не се брои и собира со Него како да има своја сопствена одделна ипостас, зашто тоа е навистина Негово сопствено, а не на некој друг човек. Христос самиот во Неговата ипостас ги држи двете постоечки природи на Неговото Божество и Неговото човештво. Нема две опстојувања кои самите се собираат меѓу себе, како кога би имало две ипостаси, како што се разбираат овде. Но ние познаваме една ипостас на Бога Словото, којашто во себе ги содржи двете постоечки природи на Неговото Божество и Неговото човештво. Во секој случај, тоа никако не значи дека секое постоење е израз на по една ипостас.  Зашто природното својство само ја изразува природата, и ова својство е видливо во секоја ипостас подеднакво. Не постои ипостас, од оние кои го покажуваат истиот род, која го нема ова својство или суштина во себе; ниту пак некоја го има истово повеќе а некоја помалку, туку тоа е во сите нив подеднакво, како што рековме. Но својството што ја објавува (покажува) ипостаста се разликува од поединечноста и особеноста кои се од него и кон него. Ова својство не е видливо во сите ипостаси подеднакво, туку само во оние ипостаси кои се во природата.

12. Несторијанецот: Ако Хритос не е две ипостаси како што е две природи, тогаш една од Неговите природи не опстојува и нема ипостас. А дали постои природа којашто нема ипостас, тоа нека го покаже вашата мудрост.

13. Православниот: Не се вели дека постои природа без ипостас меѓу простите и поединечни природи, туку меѓу сложените, и нејзината целосност (на оваа сложена природа) се смета дека е составена како една ипостас од различните природи од кои таа е составена (сложена). Истото го велиме и во поглед на тајната на домостројот на единството на Христа, дека Тој е една совршена и целосна ипостас која ги соединува двете природи, и се гледа и познава и во нив двете, но така што нема зголемување на бројот на ипостасите на Светата Троица. Или, ако не е можно да има природа без ипостас како што велиме, уште поневозможно е да има ипостас без личност како што велите вие. Според тоа, како ќе го избегнете тоа да учите за две личности?

14. Несторијанецот: Првин, потврди го нашиот збор преку испитување; дали Христос претставува опстојување во природата на Неговото Божество и во исто време опстојување во природата на Неговото човештво. Кога ќе го утврдиме тоа, како заклучок од секое (опстојување) следува дека или постои четворство, поради броењето на човечката ипостас, или останува Троица, според словото на нашата вера.

15. Православниот: Ние исповедаме дека природата на божеството на Христа има опстојување, и дека Господовата сопствена ипостас се брои како и онаа на Отецот. Ние не го одрекуваме постоењето на човечката природа, иако знаеме дека таа опстојува во божествената ипостас и дека оваа ипостас се брои како едно неразделно единство. Од оваа причина (човештвото) не се брои како една одделна и посебна  ипостас, засебно од ипостаста на Словото. Велиме дека ништо не недостига така што да има губиток од целосноста на човечката ипостас, но (човештвото) никогаш не било во некоја своја сопствена одделност од ипостаста на Словото, а потоа соединето со неа. Попрво, (човештвото) било познато од утробата во единството на Бога Словото.  Исто така, (човештвото) не се смета и на него не се гледа како да има во вистинска смисла сопствена ипостасна активност и делување. Зашто Единородниот син го зеде и благоволи преку него (преку човештвото, односно човечката природа) да стане човек, со своја сопствена сила, волја, дејствување, и да владее со секое ипосстасно делување коешто е извршено во домостројот. Исто така, составувањето на човечкото тело во утробата на девицата не беше извршено за некоја човечка ипостас на некој одреден човек, туку за преку него да се изврши домостројот и откровението на Бога Словото за нас, и за да се обнови и искупи родот во него (во тоа тело). Со оглед на тоа, Неговото тело се нарекува во потполност Негово, бидејќи е на Неговата ипостас преку соединување, и не постои друг човек кој може да се познава одделно во Неговата сопствена ипостас.

16. Несторијанецот: Значи, ипостаста којашто е несоздадена и и вечна е онаа на жовечката природа на Христа. Но никој не може да разбере и поверува дека човечката природа на еден човек е создадена, а неговата ипостас е несоздадена. Зашто, тогаш ипостатста ќе и’ биде нешто туѓо на природата, а не во неа; исто така, и природата ќе и’ биде нешто туѓо на ипостаста, со тоа што нема да може да се познае и да биде видлива во неа. Зашто природата на Павле не е во ипостаста на ангелите, бидејќи неговата природа е во човештвото. Исто така, ипостасите на Гаврил и Михаил не се гледаат и познаваат во човечката природа, туку секоја ипостас се познава согласно со својата природа. И секоја природа којашто постои се познава и гледа преку осет, перцепција и согледување на умот во нејзината сопствена ипостас.

17. Православниот: Има ипостаси коишто постојат природно во нивните сопствени природи и ние исто така знаеме дека тие опстојуваат од нив, и тие не можат да се одделат и да бидат различни од нивните природи. Но велиме дека телото на Бога Словото не ја има ипостаста на Словото природно, туку преку неразделно соединување, и дека тоа се гледа и познава во неа како соединета. Според тоа, ниту тврдиме дека има ниту броиме некоја друга ипостас, различна од неа. Со оглед на тоа, природната ипостас на Словото се брои и собира како единство, веруваме дека нејзиното тело постои и со право се вбројува во неа, иако е запазено во неговата природа непроменето. Од оваа причина, ние не сме принудени поради разликата на природите да речеме дека во единството на Христа има две ипостаси. Зашто ако сте принудени да исповедате две природи и две ипостаси во Христа, тогаш нужно сте осудени на тоа да исповедате четири ипостаси, па така воведувате четворство наместо Тројство во учењето на Црквата.

Се расправа дали Троица (Тројството) станува Четворство кога се вели дека Христос е две ипостаси.

18. Православниот вели: Сакаме да се обидете јасно да ни покажете дека Троица не станува четворство кога проповедате дека Христос е во две ипостаси.

19. Несторијанецот: Зар вие самите не исповедате дека Христос е Синот Божји, дека има две природи и дека Тој е еден од Троица?

20. Православниот: Навистина, ние исповедаме дека во Христа има (две природи) и дека Тој е една од ипостасите на Троица.

21. Несторијанецот: Дали е Христос еден од Светата Троица во две природи, или не е? И ако е Тој еден од Светата Троица во две природи, тогаш дали едната природа на Троица нужно е дуплирана од промислата во две природи бидејќи Христос е две природи и еден од Светата Троица?

22. Православниот: Никогаш да не зборуваме или мислиме, кога говориме за вечната природа на Троица, еднаква во суштината, дека поради извршувањето на домостројот таа се удвојува, станувајќи две природи. Природата на Троица останува каква што е во своето единство, и не се удвојува со друга природа.

23. Несторијанецот: Исто како што природата на Троица, еднаква во суштината, не се дуплира во нашиот ум и нашето разбирање кога ќе го прими дополнителниот број на две природи со оглед на тајната на раздавањето на Христа, Кој е совршен Бог и совршен човек во исто време, не ист (според природата) иако еден (во личноста). Во иста таа смисла, да се држиме до ова разбирање и истото нека биде потврда дека Троица не се прави четворка, и не поприма дополнување на бројот со друга ипостас преку домостројот на личноста на Христа, Кој е две природи и две ипостаси. Троица опстојува во еднаквоста на својата суштина, и е вечна и вековита. Исто така, тајната на домостројот останува и постои, како што (Христос) е. Двете природи и двете ипостаси се соединети неразделно, трајно и засекогаш во единството на личноста во утробата на Девата од започнувањето на образувањето на телото преку помазанието и силата на Светиот Дух.

24. Православниот: Тогаш, каде вие верувате дека останува и е другата ипостас на Христос? Надвор ли од Троица или меѓу ипостасите на Троица?

25. Несторијанецот: Секаде каде што мислите дека е човечката природа на Христос, таму е човечката ипостас. Ние веруваме дека Христос во Неговата човежка природа е на небото, како што ни беше објавено и како што научивме од светите ангели преку блажените апостоли, „Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1, 11). Тоа го велиме во однос на обликот (формата) во кој е Христос сега со оглед на Неговата телесност. Но што се однесува до другата работа за којашто прашавте, дали Христос е надвор од Троица или во Троица, ние веруваме дека не постои место надвор од Троица, така што би можеле да кажеме дека природата и ипостаста на човештвото на Христа е таму. Исто така, тоа не е во Троица како на некое место, но не е во Троица како што една ипостас е во една природа. Зашто плотта Христова не е од истата природа како и Отецот и Светиот Дух, но се верува дека таа е со Словото Божјо само преку сврзување во едно неразделно единство.

26. Православниот: Ние не прашуваме само каде е местото каде што велите дека е човечката природа, туку исто така и дали таа се собира со и е во Троица и со Троица или не. Зашто рековте дека (човештвото) не верувате дека постои во Троица како што една ипостаст е во една природа зашто човештвото не е како една од ипостасите кои се во природата на Троица, кои сите имаат иста природа. Зашто она што не се брои како ипостас според број и собирање (иако нема иста природа) нема постоење (не постои), дури и ако се брои заедно со една од ипостасите. Но ако (човештвото) се брои заедно со сите нив, како што се брои заедно со една (од нив?), тогаш заклучокот е јасен дека вие исповедате чотворство.

27. Несторијанецот: Никој нека не ни припишува, клеветејќи нé, четворство, затоа што тоа на нашето учење му е туѓо и на збор и во мислата. Зашто како тогаш тоа (вашето обвинување дека ние учиме на четворство) ќе го докажете, кога ние исповедаме три ипостаси кои се утврдени и постојат во една божествена природа? А онаа (човечка) ипостас, за која велиме дека е нешто друго за разлика од оние три и нивната природа, ние не ја сместуваме во нивниот број. Зашто човечката ипостас се познава и брои на местото каде што таа постои. Но тоа е во еден од Троица, а не во целата Троица, или заедно со неа. Но ако не е така, тогаш човечката природа би била утврдена во целата Троица и броена заедно со општата природа на Божеството, што и вие признавате.

28. Православниот: Вие трчате и прибегнувате кон оваа човечка природа што ние ја афирмираме (потврдуваме), без да ја објаснувате причината за прифаќање на вашето учење за човечката ипостас, до коешто се држите. Зашто фактот дека неброењето на човечката природа во еден од Троица ќе води до тоа цела Троица заеднички да ја поседува човечката природа, нема потреба да се докажува ниту со нашите ниту со вашите аргументи. Но, последнава работа за којашто говорите, дека човечката природа не се брои заедно со божествената природа, таа е добро позната, зашто човечката природа го прима количеството на својата природна спознатливост оттаму што и’ припаѓа на ипостаста на Синот. Значи, било да се смета заедно со ипостасите на Отецот и на Духот или заедно со општата природа на Троица, таа го добива количеството на сопствената спознатливост (од Синот). А ако постои, исто така, и човечка ипостас, како што тврдите, тогаш тоа е на истиот начин на кој нејзината природа е соединета со природата на Божеството (во Христа), така што нејзината ипостас исто така би се броела со трите ипостаси кои се (во Троица).

(За тоа дали Христос станува два Сина кога се вели дека Христос има две ипостаси.)

29. Несторијанецот: Дале е Бог Словото роден од Девата природно или преку благодат (благодатно)?

30. Православниот: Природно како човек, но благодатно и преку домостројот на единството како Бог. Но кажете ми вие, дали се родила ипостас за којашто не исповедаме дека е Синот?

31. Несторијанецот: Познато е дека секоја ипостас којашто е родена се признава (исповеда) дека е син на она од коешто е родена.

32. Православниот: Според тоа, кога исповедате две ипостаси, а јасно е дека велите дека има две (засебни) раѓања за нив двете, една од Отецот и уште една од Марија, исповедате два сина.

33. Несторијанецот: Исповедаме и ревнуваме за едно синовство и личност во овие две ипостаси.

34. Православниот: Тогаш кажете ми, дали велите дека ова едно синовство коешто го исповедате е природно за двете ипостаси или само за едната? Ако првото е случај, видете два сина и два Христоса еднакви по природа. Но ако е второто случај, останува една ипостас, којашто не се нарекува син или роден.

35. И повторно се прашува: Дали е родена ипостас без синовство? И дали има синовство за секоја ипостас? Јасно, бидејќи од тоа имаме два сина.

 Извор: Православен пат

{moshits}