Митрополит Американско- канадски г. Методиј

metodijvosoboren_small.jpgВо историските епохи со евидентна морална криза, без разлика дали се работи за римската декаденција во доцната антика, или за времето на индустриската револуција во Европа, или, пак, актуелната хај-тек антиутопија украсена со најморбидните геноцидни теории (и пракси) за одржување на рамнотежа на планетата, чедоморството е редовно еден од доминантните симптоми. Ако во претходните епохи и историски корпуси постоела извесна дискреција (дури и мистификација) во однос на методите и концептите на селекција на наталитетот (каков еуфемизам!), денес оваа противприродна тенденција зема форма на развиена идеологија, т.е. педагогија. Ги преповторуваме сите аргументи на овој свет за да се прогласиме невини во однос на убивањето деца, и родените, а уште повеќе неродените: оние од третиот свет се котат како лебарки; освен нивната сиромаштија и нивната религиозна затуцаност ги инхибира во можноста да посегнат по прогресивните методи за регулирање на наталитетот; ќе се уништи еколошкиот баланс на земјата заради пренаселеност; оправдани се и супер вируси за да се застане на пат на оваа тенденција; ќе ни ги изгнасат водата и воздухот, а земјата веќе е отровена од пестицидите (кои сиромавите ги купуваат од хемиските гиганти на богатите)... Така сиромаштијата станува поголем грев од убиството и омразата. Оние другите, бедните, се закана за нашиот хедонистички рај на земјата. Тие и оние недоволно живи и недоволно човечки ембриони кои по игра на случајот се појавуваат во женските утроби од немај каде. Како паразити. Како расипувачи на забавата.

Секој оној што ја читал Библијата добро се сеќава на масакрот што го направил Ирод, кога наредил да се убијат сите деца помали од две години во Витлеем. Едно вакво собитие и денес, кога светот е преполн со убиства, делува шокантно, без разлика во кој дел од планетата да се случува. Веројатно Си-Ен-Ен барем една седмица би го имал како ударна вест. Иродовото злосторство имало политички конотации, исто онака како што и во долготрајната агонија на распадот на Римската Империја било обичај веднаш по раѓањето да се убиваат женските деца од чисто економски причини. Ладнокрвноста на овие потфати во ништо не ја надминува денешната пракса на чедоморство, напротив. Без исклучок во сите клиники, дури и оние со многу побожни имиња, секојдневно се убиваат неродени деца, а причината не е ни стравот од губење на власта, иако во некоја психолошка инстанца и тоа е присутно, ниту некаков монструозен патријархален концепт, (повторно) иако и економската исплатливост на некој начин не е исклучена. Причината е најпримитивна саможивост во која несакаме да дозволиме веќе она што е плод на нашето нескротливо сладострастие да остане во живот. На блудот му го додаваме убиството.

Во оптек е цел еден дијапазон на помпезни формулации од типот на "планирање на семејството", само не преку разумно воздржување, преку духовна дисциплина и почитување на достоинството на другиот, туку преку изнаоѓање на безброј инстант решенија во кои со ништо нема да си го ускратиме редовното сексуално задоволство. Не е измислена пострашна демагогија од потребата да се оправда злосторството. Она со целта и стредствата. Тоа е јасен показател за потполно непокајание.

Ако абортусот треба да биде легален дали нашето раѓање е комплимент, случајност или проклетство? Што навистина одлучува? Колку е бесмислен селективниот критериум што одредува кој ќе се роди, а кој ќе биде уништен? Ни апсурдот по Сартр на стоти степен не може да конципира ваква бесловесност!

И покрај сето ова (и безброј други реторички прашања и словенски антитези) обичајот да се екстерминираат плодовите на непреобразената љубов функционира како водечки сексолошки концепт во современата семејна педагогија. Родителите ги учат своите деца да се пазат, да бидат итри, добро да ја совладаат вештината на задоволување без забременување, бидејќи таа играчка е многу скапа. На тој начин чедоморството се проецира и на живите деца, а не само на убиените. Убивај и учи ги другите да убиваат, за тоа вината ќе падне на докторите и бабиците, бидејќи тие земаат пари. Тие лоши чичковци и тетки ќе ја преземат грижата на совеста за нешто екстремно противприродно и неразумно што сме го направиле по слободна волја. Ова нî доведува до прашањето за одговорноста. Тогаш кога некаде од потсвеста, или во некој скриен интуитивен дел на изворната добрина, човекот ќе се свести за тоа што е чедоморството и со кое искуство тој чекори по земјата, се восхитува на нејзиниот поредок, родителски воспитува, ги љуби своите деца, оние кои дозволил да се родат, првата поразија како по правило е повредата на суетата. Тоа се гледа од фиксацијата за детективско одредување на виновникот. Обично жените (девојките) се тие кои реагираат побрзо и поемотивно. Мажите (момчињата) некако се оддалечуваат од местото на злосторот. Иако по правило се враќаат, на некој начин. Сепак тие го решаваат проблемот со бегство. Од почетокот до крајот, од зачнувањето до егзекуцијата, во одговорноста, во вината, ако сакате, мажот и жената се апсолутно рамноправни. Тое е потполно проблем и на едниот и на другиот. Освен ако абортусот е извршен без согласност на едниот партнер. Се разбира, доколку тоа несогласување е експлицитно искажано.

Абортираните деца умираат веднаш. Оние неабортираните, живите, биваат убивани сукцесивно. Со демонската педагогија на оправдување на злото. Флагрантна е патолошката посесивност кај родителите заради која децата, особено во периодот на индивидуација, претрпуваат тешки трауми од кои неможат да се ослободат дури и подоцна, во зрелоста. Комплекси според сите ликови и карактери не само на трагедијата за Едип, туку и пошироко. Причина за тоа, за таа посесивност, потоа, токсичност, потоа, некрофилност итн., е грижата на совеста заради искуство во чедоморството. Децата стануваат репликанти на своите родители, во онаа негативната смисла. Хиперсексизмот и хиперсексуалноста во "идолите на племето" ги прават исфрустрирани и емотивно несигурни. Притисокот од родителите во врска со "повторување на нивната грешка" уште повеќе ги турка кон истиот криминал. Сексуалната патологија, онаа невидливата за урбаниот морал и црните хроники, неминовно ќе се зголемува сî додека педагогијата на чедоморството и сите нејзини еуфемични вариетети ја позлатуваат нескротливата жед за уживање, која ни се чини поскапоцена дури и од животот. Животот од нашиот живот.