Луѓето постојано брзаат, трчаат. Во еден момент треба да се овде, во друг-таму, а во трет уште подалеку; за да не заборават што имаат да направат, треба се да бележат. Во толкава забрзаност добро е што воопшто знаат како се викаат! ...Не се познаваат веќе ни самите себеси. А како и би се познавале? Зар е возможно да се огледаш во матна вода? Бог нека ми прости , ама светот стана права лудница. Луѓето не мислат на вечен живот; само бараат се повеќе и повеќе материјални добра. Затоа не наоѓаат мир, и непрестано некаде брзаат.

   За среќа, постои и оној другиот живот. Кога луѓето во овој живот би живееле вечно, тоа би бил најголем пекол. Кога под ваков стрес би морале да живеат осумстотини-деветстотини години, како што се живеело во Ноевото време, тоа би било едно големо мачење. Бидејќи некогаш се било едноставно, а се живеело долго да би се сочувало Преданието. Сега се случува она што го вели псалмот: Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе  време од нив се во труд и болести. Седумдесет години е само онолку колку луѓето да ги згрижат своите деца.

   Еден ден дојде во мојата келија еден лекар од Америка, и почна да ми кажува за тоа, како се живее таму. Луѓето се таму како машини; по цел ден работат. Секој член од семејството треба да има свој автомобил. Потоа, дома, за да секому биде по воља, треба да постојат барем четири телевизори. Се повеќе работат и се повеќе се заморуваат, како би заработиле повеќе пари, па за да можат да речат како се средени и среќни. Но каква врска има тоа со среќа? Таков живот полн со напнатост, во непрестана трка, не е среќа, туку пекол. Што би правела ако живееш во толкаво растројство? Кога целиот свет би морал да живее таков живот, јас тој живот не би го сакал. Кога Бог би им рекол на овие луѓе: "Нема да ве казнам поради начинот на кој живеете, но затоа ќе ве пуштам да живеете така вечно", тоа би бил најголем пекол.

   Затоа и многу луѓе не можат да живеат во такви услови, си одат од градовите, без одреден правец и цел. Образуваат групи во природа, со гимнастичка, или  со некаква друга програма.Ми имаат кажувано за некои кои трчаат во природа, или одат по планини и се качуваат на висина и од шест илјади метри. После го задржуваат здивот, па потоа го пуштаат, па повторно длабоко земаат воздух...Сешто! Јасно ти е дека нивните срца се гушат од напнатост, и само бараат некаков излез. Му кажав на еден од нив: "Вие копате јама, и тоа прилично длабока, восхитени сте од неа и од нејзината длабочина и...паѓате во неа, тонете. А ние копаме јама, и во неа наоѓаме метали. Нашиот подвиг има смисла, бидејќи е усмерен кон нешто повозвишено. "

Извадок од: „Поедноставете го својот живот за да отстапи напнатоста“
Подготви: Сузана Стефановска

Посети: {moshits}