-На очите носам цврст превез од самољубие и заради тоа ништо не гледам, туку седам како во темница- ( атонскиот старец Арсениј)

Егоизмот е особено длабок поим, изразито човечки, поврзан со човековото себство во неговото хипертрофирано пројавување. “Его- структурата“ е природно својство неопходно заради преживувањето и усовршувањето. Меѓутоа, злоупотребата на вниманието кон себе, доживувањето на себе како нешто исклучиво, доведува до деформација на целиот систем на меѓуличностните односи во овој свет, вклучувајќи ги односите меѓу луѓето, односите кон природата и напосле и со Бога. Во крајните степени на концентрација на егоистичкото влијание доведува до тоа човекот да стане средиште на вселената, се дури до негово обоготворување. Ваквата гордост ја исклучува или намалува можноста да се доживее другиот; искреното заедничко доживување се заменува, во најдобар случај, со формално учество, се гаси душевноста и добротата, не се доживува туѓата несреќа, па дури и не се сака тоа да се направи. Тогаш човекот живее според законите на самољубието, а не љубовта на која не заветуваше Христос. Егоистичкиот човек пред се ја посакува личната корист и истата ја бара насекаде и со секого.

Понекогаш е претерано загрижен за своето здравје и буквално ги тероризира ближните и лекарите за најмали ситници, со текот на времето станува неподнослив за околината. Тој може да биде дури и добро воспитан, но сепак неговиот систем на егоизам ќе се открие веќе во разговорот каде пречесто ќе го користи зборот „јас“ и отсуството на искрен интерес кон настаните кои не го интересираат и кои не му ветуваат никаква корист.

Егоизмот понекогаш се сублимира (преобразува) во творештво, во некоја дејност или политика. Занимавајќи се со тоа, човекот божем се ослободува од егоизмот, но неизбежно повторно му се навраќа, бидејќи е прикован за своето „јас“ како со ланци.

Светоотечкото учење не усмерува кон преосмислување на своето „јас“ во правец на размислување за сопственото несовршенство, за направените грешки и гревови заради нивно поправање, низ самоспознанието и самовоспитувањето на личноста. Понекогаш советите на мудрите аскети ни се чинат за премногу строги и тешко изводливи („живеј така како да веќе те нема на овој бел свет“; „одрекни се од себе“; „умри за себе“; „ сметај се за полош од сите“; „ кој си ти, освен прав и пепел“и сл.) Паралелно со тоа, овие мудри препораки навистина се неопходни заради борба со духот на гордоста, надменоста и лажната надмоќ над другите.

Колку само болно не погодува егоизмот во нашето секојдневие! Човекот кој стои прв во редот во продавницата бара од продавачот да му го даде најдобриот производ, не мислејќи за тоа што ќе остане за оние кои стојат во редот зад него. Не забележувајќи ве, ве туркаат без извинување. Секој тежнее кон тоа што поповолно да ја заврши својата работа, заборавајќи на ближните. Затоа е најлошо за оние слабите, болните, немоќните, сиромашните. Кога човекот би паднал, побеснетата толпа би продолжила да го турка, а луѓето ќе го прескокнуваат во трка за материјалното.

Понекогаш егоизмот се пренесува на сопственото дете кое, според мислењето на родителите, мора задолжително да биде најдобро од сите, најпаметно, најспособно, најсреќно. Понекогаш се трошат огормни напори и средства пропратени со херојско саможртвување, па дури и одрекување од себе. И во овој случај движечката сила е пред се егоизмот кој е проектиран и изменет, неретко вештачи маскиран.

Исто така и силната сетилна љубов може да биде толку егоистична што ја затвора вратата пред сиот свет, освен на избраниот идеал. Во егоизмот е сокриена трагедијата на индивидуата, но во неа е втемелена и можноста за преориентирање на себе си во правец на одрекување од хипертрофираното „јас“. И во тоа се состои разумски несфатливата Премудрост Божја.

Подготви: дипл. теолог Александар Ивановски
(извадок од книгата „Терапија на душата според Светите Отци)

Друго: