3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

КОВИД 19 – БОЛЕСТ НА ЕГОИЗМОТ
Вирџилиу Георге


За „Ковид“ зборува сиот свет. Не постои дом во кој не се слушаат коментари, ден а да не се спомне името на овој вирус, или да не зборуваме за пандемијата што го сврте светот наопаку. Ке вклучиш ТВ или радио, или само сакаш да направиш некое пребарување на интернет, а од некаде на страницата те потсетуваат за „Ковид 19“. По сѐ изгледа само така можеме да кажеме дека сме во тек со актуелноста. Нашиот живот е силно одбележан со неговата појава и просто тој стана тема на секоја усна. А зошто? Никој не се прашува. Стран ми изгледа и фактот што и за неговата етимологија никој не се прашува. Дали навистина е природен или направен во лабораторија, испаднат е вон контрола како несреќен случај или е намерно раширен низ целиот свет – и во континуитет е ширен додека не ја постигне целта? Само Бог знае.
Се разбира, сите овие прашања се поврзани со светскиот поредок на нештата. Но, сепак, постои и духовен поредок, кој преставува детерминaција на светскиот, како што вели свети Софрониј Сахаров, двете реалности се пресретнуваат и влијаат реципрочно една на друга. За духовните причини на пандемијата немам слушнато да се разговара. Можеби, навистина, ќе видиш по некоја стара жена која ќе се пожали: „Гревовите на светот, мајко!“ – но никако таа не е од жените кои страствено гледаат сапуници и ТВ вести. Инаку, најмногу сме заинтересирани за еволуцијата на вирусот и хоспитализациите, за бројот на случаи, за тоа колку се излекувале или колку починале и за тоа: дали ќе нѐ стават „овие“ во вонредна состојба? Светот повеќе изгледа како анестезиран од експлозијата на „Ковид 19“ во општеството, наместо да е свесен за неговото значење.
Иако сите луге се исплашени и го гледат како некоја клетва – а, кој знае, можеби и да е – сепак, пандемијата има и добри страни кои треба да се согледаат. На пример, од кога сме со новиот коронавирус, луѓето почнаа се повеќе да размислуваат за смртта. Иако неволно, станаа се повоздржани и позауздани. Седењето дома, носењето маски и сите други мерки за безбедност и претпазливост вклучуваат одредено послушание, кое можеме да го сватиме како вежба за послушанието кон Бог; а колкумина ќе го достигнат, само Бог знае. Потоа, многу од антихристовите идеологии, кои до вчера нѐ гушеа едноставно преминаа на втор план. Сѐ помалку ги има и обсесивните дискусии за човековите права и дефинирањето на каков било идентитет, освен за оној што Самиот Бог му го дал, по природа, на човекот, и сѐ  така, списокот со добрите страни од пандемијата може да продолжи.
Континуиран повик на покајание
Навистина, пандемијата може да ја согледаме како укор или опомена што Господ ја допушти над целиот свет. Допуштена како чумата за времето на Давид, пред сѐ, како причина за гордоста на современиот човек, кој до скоро веруваше дека „сè е можно“, и  дека постоењето би можело да му биде продолжено до бескрајност, од страна на „семоќната наука“ и многуте други. И ете, еден вирус, помал од еден микрон, го исмева и си поигрува со целиот тој занес. Но, за Божјиот укор и за нашето покајание скоро никој не зборува. Како би било кога насекаде каде што се пишува и спомнува за „Ковид“ би се спомнало и за покајанието на Ниневјаните и за потребата на светот за очистување од гревот, и за големата милост Божја, Кој очекува од нас да направиме мал чекор, за сето друго Тој Самиот да го направи за нас?  Но нас, дури и во самите цркви сѐ повеќе нѐ интересират маските и за тоа како да не се заразиме од Светата Причест или од бакнувањето на иконите, а како повторно да се појави и теологија на стерилизација, како потребен исход од Божјиот закон.
Се разбира, не можеме ни да си замислеме дека на ТВ некогаш ќе го слушнеме „гласот на оној што вика во пустината“. Смртноста до 0,5% се чини дека не ја оправдува таквата порака, но ако наместо коронавирусот постоеше вирусот МЕРС, кој има смртност до 30%, дали и тогаш немаше да биде оправдана? Тоа што прават и го работат владетелите на светот, со своите средства, за нас е потешко да го сфатиме. Но, во црквите нели треба да слушнеме како се зборува за покајание? Службите не треба да престанат во ниту еден момент, а ниту молитвите и солзите наши, за нашите гревови. Во нив, повикот за промена на начинот на животот преку промена на умот, преку метанојата, треба да биде континуиран. Континуиран повик на покајание. Можете ли да замислите такво нешто, или пак, воопшто не си го поставуваме тоа прашање? Мислиме ли дека без покајание нешто може да се реши? Се разбира, безверниците бараат природни објаснувања и чекаат научни решенија, како на пример, вакцината спасител. Но, што прават оние што се нарекуваат „верници“? Што правиме ние, сите, свештениците и архијереите, поголемите или помали верници, кои веруваме дека Бог постои? Зошто не ги впрегнуваме умот и срцето во Христос? Зошто денес веќе не можеме да направиме колективно покајание за нашите гревови и гревовите на светот во кој живееме?
Нешто сигурно се сменило во внатрешната структура на современиот човек, на христијанскиот свет како целина. Не боли, но изгледа како дека не ја чувствуваме болката  на другите, на „целиот Адам“. Поради ова, ниту нашата болка не може да биде лесно преземена во Христос. Не боли – и толку! Сакаме само да се ослободиме од болката на физички или психолошки план, а не можеме да се излекуваме, бидејќи болката што ја носиме не ја носиме во Христос. И тоа е главната болест на човештвото, за која „Ковид“ е само „индикатор“. Затоа што, коронавирусот, со сите негови растојанија и маски, само болно ни покажува колку многу сме се одделиле едни од други, преку себичноста наша, а  после тоа и од Самиот Бог.
И, бидејќи себичноста нè „оддалечува“ од Христос, ние сме бескрајно далеку и од самите себе, од сè што имаме внатрешно и повистинито во нас самите. Затоа, сè додека прво не ги откажеме бескрајните растојанија во нас самите, сè додека не поставиме мостови помеѓу огромните внатрешни бездни и не ги тргнеме маските од лицето на душата, нашето лекување и лекувањето на светот ќе биде невозможно. Ќе останеме болни и осамени, дури и ако никогаш не се разболиме од „Ковид“, очекувајќи да се случи некое чудо надвор од нас, но без да сториме ништо, без да се покаеме, и без вистински да се вратиме кај Господ. А,очекувањето ќе биде залудно, бидејќи ќе нема никаква врска со живата вера, туку со фаталноста што ќе нѐ потсети на некои богови, кои си поигруваат со нас.
Нашата вистинска болест
Коронавирусот ја разоткри духовната состојба на светот во којшто живееме – како и секоја напаст во човековата историја, која не може да биде во целост  лишена од секаква рационалност и промисла – така и ова ни постави пред нашите очи безброј слики за поделбите во коишто стаса човештвото, кое лежи инертно на смртната постела на себичноста. Затоа што, не само еден човек, не само еден народ, туку во целост, сите, страдаме од истата болест. Сепак, она што не можеме да го сфатиме е дека оваа наша поделба и неможноста да се вратиме кај Христос, преку личното и колективно покајание, се работи кои се далеку полоши од „Ковидот“, и многу повеќе го загрозуваат нашето постоење. „Ковидот“ не преставува ништо друго освен еден мал тест преку кој Господ ни допушти да поминеме, за да ни покаже која е нашата вистинска болест. И, ако не поправиме ништо во онтолошка и духовна смисла, ќе следат други искушенија, кои во однос на „Ковидот“, ќе бидат како атомски војни во споредба на битките со лак и меч.
Треба да сфатиме, дека сите сме едно (Јован 17, 21), дека Христос се жртвуваваше за целиот свет и страда во секој момент за секој од нас, дека исцелувањето не може да биде индивидуално, и ако не најдеме сила да се молиме за целиот свет, ниту за нас ќе немаме сила да се молиме. „Ковидот“ се обидува да нѐ дистанцира едни од други, но ние треба да настојуваме со што поголема љубов да се приближиме до нашиот ближен, да му помогнеме, и да му дадеме надеж. „Ковидот“ нè тероризира со помислата за неизбежна смрт, но ние треба да си ги ставиме животите во Божји раце. Да, некои преку „Ковидот“ направија сѐ што е можно да биде донесена смртта во светот, но ние, ако знаеме како да му дадеме духовен одговор на овој предизвик, ќе направиме преку оваа болест да биде донесена во светот поголема надеж, поголема доверба, помош едни со други, поголема љубов и повеќе молитва за покајание за гревовите наши и за гревовите на целиот свет, затоа што сите сме од Адам и сите сме учесници во страдањата на истата голема нација на човештвото.
Веруваме дека ова е патот кој Господ ни го покажува и преку „Ковидот“, сега, многу поблизу до Неговото доаѓање.
Статија објавена во списанието Familia Ortodoxa / август 2020 година

 

 

 


Превод: о. Константин Митев


Текстот е објавен во 151/52 број на списанието "Премин"