crkva.shuma.jpg
Чесен крст 26. 11. 1973.

Сестро старице Филотеја, благословите
Се чудам како сестрите очекуваат да дојдам, а не поминале ни шест месеци од кога заминав! За да не ги ожалостам, седнав и напишав послание од триесетина страни, за обичните нешта. На тие страни секоја сестра ќе најде нешто што ќе ја смири нејзината мисла и ќе ја почувствува онаа радост што би ја почувствувала и кога јас би бил присутен.

Во ова послание пишувам за љубовта, смирението, и воопшто удирам на рационализмот и ја нагласувам Божјата благодат. Накратко, удирам по заблудениот философско и западно – еретички дух, чии струи за жал, влијаат и на црковните луѓе и на Универзитетот.

Уште една причина ме наведе да ви го напишам ова послание, а тоа е што меѓу вас има многу образовани монахињи. Доколку тие не разберат што е Божјата благодат, ќе страдаат во текот на целиот живот и ќе се чувствуваат како да ја промашиле својата цел, и навистина тие би ја промашиле.

Ако некогаш го препишувате ова послание, испратете ми го преписот, за да не се случи во иднина повторно да ви пишувам за истите нешта.
Немам ништо друго да ви кажам
Христос и Пресвета Богородица нека бидат со вас.
Вашиот брат монах Пајсиј

Чесен крст 25. 11. 1973.

Света Катерина нека ви биде на помош!
На своите монашки сестри, посветени на Христа, во манастирот Свети Јован Богослов, саканиот ученик, кој е познат по својата девственост и љубов, од далеку им ги испраќам овие неколку страници за девственоста и љубовта, да им помогнам да го следат. Своите скромни зборови ќе ги потпрам со молитва, за монахињите да ги благослови нашиот пребогат Отец и Бог.

Како што сфаќам, за да го засакаме Бога, треба да веруваме во Него. Покрај нашата вера потребна е и нашата љубов. Ако љубовта ни е млака, тоа значи дека и верата ни е слаба. Огнената вера раѓа огнена љубов кон Бога и Неговата икона, нашиот ближен. А со љубовта која се излева од нас – затоа што е преобилна за нашето срце, па затоа се излива – се појат дури и сиромашките животни.

Исто така, огнената и изобилна љубов, поседува и возвишеност и затоа никогаш нема за цел да извлече и корист од жртвата која ја принесува, заради Бога или заради нашите ближни. Оној кој прави добри дела, а очекува награда, тој е вистински наемник. А и кога го избегнува гревот, за да не заврши во пеколот, тој всушност се грижи само за својата благосостојба. Но, оној кој од пожртвуваност и љубов прави добри дела, воопшто и не размислувајќи за небеската награда, и кој не греши за да не го повреди Христа, својот Добротвор, Кој претрпел рани на Крстот за да го спаси со Своето Сесвето Тело, и кој, од усрдност не сака да оди во адот само за да не го ожалости Господа, не само што е добар работник, туку е и добро Божјо дете.

Многу од нас зборуваат за љубов (вклучувајќи ме и мене), но не знаат всушност колку е вредна нашата љубов. Кога Христос би сакал да не искуши за секој од нас да дознае колкава е вредноста на љубовта и кога би рекол: „Деца Мои, Рајот се наполни и немам повеќе место каде да ве ставам!“, некои од нас без стеснување би рекле: „А зошто тоа не ни го кажа порано?“ Другите би побрзале да не губат време и да не пропуштат ни еден момент за забава, и повеќе нема да сакаат ни да слушнат за Христа.

Усрдните Божји деца би Му рекле: „Не се грижи за нас, доволно е што Рајот се наполни. Тоа толку не радува како и ние самите да сме во него!“ А потоа би го продолжиле својот подвиг, како и пред тоа, но со усрдност и радост поради Него, Кој го засакале со бесценета љубов.

Површната љубов секогаш има некој свој интерес. Бидејќи таквата љубов е ограничена, Христијанинот кој живее со неа си поставуваа граница (на љубовта) до онаа граница до која може да оди, а да не падне во грев, така што сепак да може да ужива во световните нешта. На пример, тој јаде до полноќ (до пет до дванаесет) последниот ден пред почетокот на Великиот пост (на Поклади) и сака да ужива во секоја световна радост до последната граница по која тоа претставува паѓање во грев. А потоа (во својата евтина љубов) сака да знае зошто не ја чувствува љубовта Божја и слично на тоа.

Бесценетата (огнена) љубов, која се жртвува и не се храни со она што е световно, однатре се храни со љубовта Божја. Тогаш целиот човеков живот е една постојана Четириесетница (Великиот пост) и сите денови од животот се негова постојана радост на Воскресението (Светла) седмица. Вистинската љубов кон Бога, со своите жртви, сладосно прострујва низ човечкото срце и Божествената љубов излегува од него како незадржлива пареа и го соединува со Бога. Оваа посебна духовна состојба не само што го прави човекот да биде надвор од себе, туку го вади неговото срце од телото (т.е. од телесните желби), и срцето потоа се дава на Бога, цело и чисто.

Кога срцето без остаток е предадено на Бога, тогаш, секако тоа е раширено и на целиот свет и тогаш љубовта е обожена. Оваа преголема Божествена љубов Христова не може да се ограничи во срцето, ниту може да се затвори внатре во која било зграда или организација, ниту да се ограничи од внатрешната страна на граничните бодликави жици, зашто Христос не може да се ограничи. Ако ние, православните Христијани, со некои свои бодликави жици ја ограничуваме оваа љубов, тоа ја покажува нашата лоша духовна состојба, дека сме Христијани само по име и дека всушност не сме вистински Христијани, зашто го задржуваме не Самиот Христа, Кој не може да се ограничи, туку само Неговото име.

Забораваме дека по тело сме деца Адамови, а по дух – деца Христови. Кога би постоела вистинска љубов, тогаш секој од нас другиот ќе го гледа и ќе го чувствува како брат. Бидејќи плодот на Духот е љубов (Христос), Христијаните не би требало да обрнуваат внимание на половите (правејќи разлика по телото), зашто сите би требало да ги гледаат како чисто и свето, и тогаш би биле облечени во Божјата благодат.

Додека Адам го сакал Бога и ја исполнувал Неговата заповед, живеел во Рајот Божји и Бог живеел во Адамовото рајско срце. Иако бил гол, Адам бил облечен во Божјата благодат и опкружен со сите животни, тој ги пазел и со љубов постапувал со нив, а за возврат тие му ја лижеле раката со верност, како рака на својот господар. Кога ја прекршил Божјата заповед, Адам се разголил од Божјата благодат и се облекол во кожни фустани и бил избркан од Рајот. Некогаш бил во полнотата на Божјата благодат, а сега Адам подивел и многу животни поради него, исто така, подивувале и повеќе не му пристапувале со верност и повеќе не му ги лижеле рацете со љубов, туку бесно се насочиле кон него да го гризнат и да го растргнат.

Денес, исполнувањето на Божјите заповеди повторно го носат човекот до Бога, Кој ги слекува од човекот кожните фустани на стариот човек, и повторно го облекува во Својата благодат, обновувајќи го во неговата првобитна состојба, пред паѓањето во гревот. Тогаш човекот повторно незлобиво се движи меѓу луѓето и без страв меѓу дивите ѕверови, кои од далечина ја чувствуваат неговата незлобливост и љубов, повторно доближувајќи му се и лижејќи му ги рацете со доверба и препознавајќи го повторно како свој господар, престануваат да бидат диви, бидејќи и нивниот господар не е повеќе див.

О, блажена пустино, која толку помагаш во смирувањето на Божјите созданија со нивниот Творец и која потоа си преобразена во рај на земјата, собирајќи ги повторно дивите ѕверови околу човекот кој си го припитомила!

Значи, засакај ја што можеш повеќе пустината и бестелесниот живот, и отфрли ги колку што можеш, своите материјални нешта во дворот на сиромашните. Поедностави го својот живот, колку што можеш, за да се ослободиш од напнатоста на овој свет за твојот живот да има смисла.

Оној кој се ослободува од материјалните нешта, многу брзо го ослободува и своето срце за да го предаде на Бога, и поради тоа, исто така, лесно ги отсекува од себе страстите. Оваа двојна слобода се двете крила кои ја воздигнуваат душата близу до Бога, до нејзиното одредиште.

Засакај ја благословената пустина и почитувај ја, ако сакаш пустината да ти помага со својата света пустош и сладосен мир, и ти да станеш мирен и да се опустошиш од своите страсти, за да се приближиш до Бога.

Внимавај да не ја прилагодуваш пустината на своите страсти, зашто тоа е големо непочитување (тоа е како во Светата Земја да се отиде со оркестар на народна музика).

Пустината е за повозвишен духовен живот, живот ангелски, како и за построго подвизување, а не за телесно одмарање, како на одмор.

Значи, засакај ја пустината со сета нејзина болна пустош, доколку сакаш твојата бесплодна душа брзо да донесе плодови и да станеш невештествен.
Кога човек ќе отиде во пустина, оддалечувајќи се така од светот и материјалните (вештествени) нешта, неговото срце веднаш се доближува до Бога и тогаш неговото срце повеќе не копнее за ништо друго освен за Бога. Бидејќи срцето сака да се успокои во Бога, природно е човековиот ум многу пати да се повлекува од она што е земско. Кога ќе почне да се одвојува од она што е земско, човековиот ум повеќе не дејствува сам по себе туку наместо тоа дејствува Божјата благодат, која го упатува човекот само на духовни нешта. Секако, енергијата на умот на човекот, која е телесна, не може да се спореди со Божествената енергија. Многу пати, умот со години се мачи за да научи еден или два странски јазици, а денес сите знаат по некој странски јазик. Но, сите тие јазици немаат никаква врска со јазиците на Светата Педесетница и ние, и покрај тоа живееме во најголемиот Вавилон.
Кога човекот има љубов (Христос), дури и ако е нем, може да општи со милијарди луѓе на сите возрасти, од кои секој зборува на својот јазик. Љубовта со болка на срцето кон нашите ближни, ја носи со себе силата Христова, и во состојба е да ја преобразува душата на варварот и да ги припитомува дивите ѕверови, кои потоа му приоѓаат како овчички.

Оној кој ги сака сите луѓе и пати поради нивните страдања, Бог никогаш не допушта да страда поради својата несреќа.
Бог многу се грижи за оној кој поради љубовта кон другите, рамнодушен е кон себе, а за него се грижат и многу луѓе.
Оној кој својот ум го држи собран во Бога постојано го чувствува Божјото присуство крај себе, заедно со својата татковска грижа.

Таму каде што е љубовта, таму е и Христос (Љубов), а таму каде што е смирението, таму постојано живее и Божјата благодат, таму владее Бог и таму земјата се преобразува во Рај. Таму каде што нема љубов и смирение, таму се населува непријателот (ѓаволот) и луѓето почнуваат уште во овој живот да живеат во адот со ѓаволот, постојано влошувајќи го своето место во идниот живот, во вечниот оган.

Кога немилосрдниот и горд богаташ од Евангелието умрел (Лк. 16, 19-31), не можел да помине преку огромната провалија која го делела од Рајот и прегратката Авраамова. Ние кои живееме овде на земјата, можеме ако сакаме, со Божјата благодат, да ја преминеме таа провалија и уште сега да се најдеме во Божјата прегратка, секако, ако ја победиме нашата гордост и грубост.

Како што човекот кој носи тежок товар мора да се ослободи од тежината ако сака да скокне, така и ние низ исповед мораме да ги исфрлиме тежините на нашите гревови. Исто така, како што човекот кој немарно се однесува кон исфрлањето на штетните материи од своите црева, го труе целиот свој организам и со тоа себеси си создава многу телесни и душевни проблеми, така и оној кој ја запоставува својата исповед ја труе својата душа и го уништува своето тело, зашто однатре постојано го јаде црвот на совеста.

Како што добрите родители сите свои деца ги сакаат подеднакво, а посебно внимание му даваат на оние деца кои се болезливи или заостанати, така и Бог како нежен Отец и Бог посебно ги сака Своите (телесно и духовно) слаби дечиња, секако, под услов тие да имаат чисти намери така што Му допуштаат да им помогне.

Како што поздравите браќа, од љубов им помагаат на своите послаби и кревки браќа и сестри, така што ги носат потешките предмети, а им ги оставаат полесните, така и духовно понапредните монаси секогаш го земаат на себе она што е потешко - неправдата, а на послабите им го препуштаат она што е полесно – правдата.

Оние кои во изобилие имаат љубов и смирение и ги земаат на себе сите бедни неправди, кои другите ги отфрлаат од себе, со тоа тие пројавуваат најголема добрина. Зашто, иако постои прифатилиште за сиромашките вонбрачни деца, каде колку – толку се грижат за нив, за бедните неправди нема ништо слично и секој ги презира, зашто многу се грди и тешки. За жал, многумина го сакаат она што е праведно и велат дека се во право, но трагично е тоа што секој за себе бара повеќе правда отколку што му припаѓа и затоа луѓето се конфронтираат.

Здравите кои имаат љубов и смирение многу пати се расправаат меѓу себе, кој, од љубов, прв да го земе потешкиот товар, земајќи го полошото за себе или чувајќи ја за себе бајата храна (за најдобрата да му ја дадат на својот ближен, кој е Христос). И бидејќи јаде бајата храна, тој чувствува голема сладост гледајќи дека неговиот брат јаде добра храна, зашто се гости со љубов и обземен е од љубовта. (На тој начин духовните луѓе „се караат“ меѓу себе).

(продолжува)

(Од книгата Солзи за светот - старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј)

Подготви: Жаклина Стојановска

Посети: {moshits}