vselena1.jpg
Кога бев дете во есенските вечери сакав да ги гледам ѕвездите кои паѓаат како исцртуваат сјајни траки на небото и исчезнуваат како да ги голташе темнината. Ми зборуваа дека се верува, кога паѓа ѕвезда, тоа значИ дека умрел човек – дека неговата душа се разделила од телото. И уште како дете, набљудувајќи  го тој метеорен дожд, размислував што е тоа смрт, зошто луѓето умираат, каде исчезнуваат, а мојата детска душа ја обземаше страв пред тајната на смртта.

И сега ѕвезденото небо без зборови - зборува на душата за вечноста. Ѕвездите имаат лик на острови и архипелази во бескрајниот океан на ноќното небо; зад  едните светови се откриваат други светови. Неподвижните ѕвезди летаат во брзодвижечки лет, но далечните простори го кријат тој лет од човековите очи и се чини како да се замрзнати во место, како да се прицврстени на свиленкастата завеса на ноќта. Зошто душата чувствува некаков мистичен трепет пред величенствената слика на ѕвезденото небо? Зошто таа стреми да се подигне кон горе – во замрзнатите  ледените,  пространства на Сириус и Арктура? Таа гледа во бездните пространства, како да сака да замавне со крилјата како птица, за да полета кон непознати светови, но крилјата на душата повредени се од огнот на древниот гревопад, - нејзиниот удел е да се влече по земјата и да мечтае за небото.

svestenik.karpa1.jpgСе сеќавам кога во една прилика мојот познаник Георгије Мазурин, сликар и поет, уште многу пред мојот монашки постриг, во отворен разговор ми рече: “ Се учев во сликарска академија, и едно време време мислев дека луѓето треба да се сликаат со зелена боја. Ме обвинија за надреализам и ме исклучија од академијата. Сега размислувам како да го насликам ѕвезденото небо. Сакам тоа да го направам, сакам да најдам боја, но никако не ми успева. Вообичаената темна позадина и точки во нијанси од жолта боја, преку нив златести, до боја на крв – не е ноќно небо, туку повеќе – бубачки кои се врткаат во црнина. Се обидов да го сликам небото со темноцрвена боја, а ѕвездите со зелена, но тоа предизвика некое чувство на немир, - како да гледаш агонија на болен: темноцрвената боја ги проголта ѕвездите и изгледаше како румен пожар. Се обидов  да го применам принципот на негатив и ја исликав позадината со златна боја, а ѕвездите со црна, но испадна уште полошо: кога ја погледнав сликата ми се пристори како да видов огромни јата гаврани како кружат над земјата.

Решив да се обидам поинаку: да ги продуховам ѕвездите и да ги насликам како човечки лица, и повторно – неуспех: пред себе видов смотра на обестеловени  глави. Тогаш се обидов да ги прикажам ѕвездите во вид светкави многуаголници, но тоа се покажа како ладна апстракција, некаква геометриска игра на вообразбата. Јас немам повеќе пари да купам сликарски платна, и бришам една слика за да насликам друга. Потоа помислив ѕвездите да ги прикажам со долги шилести опашки кои ја исполнувале целата слика но испадна некоја мрежа слична на пајажина. Потоа сакав да ги изобразам ѕвездите како електрицитетно светкање при спој на два кабли, и повторно не испадна така: тоа не беа ѕвезди, туку искри на бенгалски оган, кој децата го палат на елките. Тогаш се одлучив ѕвездите да ги прикажам во движење и ги нацртав нивните траектории во форма на елипси во разни бои кои се сечат, но на сликата испаднаа пердуви од некакви бајни птици. И така, не најдов боја за бесконечното.

Го избришав последниот цртеж, го грундирав (го премачкав со основна боја) платното и сега сакам да насликам било каков пејсаж за продажба.”

Поминаа многу години. Примив монаштво. Нашите патишта се разделија. Потоа случајно се сретнавме на булеварот Руставели – таа главна артерија на престолнината. Мазурин одеше со своите пријатели, веројатно поети. Кога ме виде ми пријде, подаде рака и почна да зборува како да не се наоѓавме во бучно мноштво луѓе, туку некаде – насамо. После неколку прашања, кои не значеа ништо, рече: “Тешко болен сум, преживеав два инфаркти, и веројатно третиот ќе биде смртоносен за мене. Претпоставувам дека сакаш да ме прашаш дали останав ист таков безбожник како порано, или сум поверувал во Бога? Но за сега да го одложиме тоа прашање, сакам да ти кажам нешто друго. Во последно време ме прогонува мисла која не можам да ја протерам: што се наоѓа позади границите на видливиот свет, таму, - над ѕвездите. Мислам дека не верувам во Бога, но понекогаш ми се чини дека се лажам самиот себе. Се фаќам себе во тоа, често во разговорите почнувам да го изговарам зборот “Бог” – зошто, ни самиот не знам”. Му одговорив: “Затоа што ѕвезденото небо за тебе стана средба со тајната”.

Помина некое време. Дознав за смртта на Георгије Мазурин од некролог објавен во име на Сојузот на писатели на Грузија. Таму беа овие зборови: “Замина од нас, но со нас останаа неговите стихови и платна”. Помислив: не, тој со себе понесе уште нешто, сокриено од вас – претчувствувањето на тајната на вечноста, која вие сте ја заборавиле.

karelin1.jpgЗа тоа дали најде одговор на судбинското прашање, - што се наоѓа над ѕвездите, - знае само неговиот последен сопатник – анѓелот на смртта.

Можеби онаа вечер кога умре Мазурин, некое дете гледаше на небото и виде како паѓа ѕвезда, кај блеснува и исчезнува во темнината.
 
Арх. Рафаил Карелин

 Подготви: Михаила Поповска

Посети:{moshits}