ВОСПИТУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА

Старец Порфириј  Кавсокаливит
 
 
Воспитувањето на детето започнува во моментот на неговот зачнување
 
 
Воспитувањето на детето започнува од моментот на неговото зачнување. Ембрионот слуша и чувствува во мајчината утроба. Да, тој слуша и гледа преку очите на мајката, ги разбира и нејзините движења и чувствува, иако умот не му е сѐ уште развиен.
Штом ќе се смркне мајчиното лице – се смркнува и неговото. Се нервира ли мајката – се нервира и тој.
 
Тоа што го чувствува мајката, тага, бол, страв, вознемиреност и слично , - тоа го доживува и тој.  Ако мајката не го посакува  ембрионот, ако не го сака, тој тоа го чувствува и во неговата нежна душа се создаваат трауми кои ќе го следат низ целиот живот.
 
 Сосема спротивно се случува кога го следат светите чувства на мајката. Кога мајката чувствува радост, мир и љубов спрема ембрионот, таа сето тоа таинствено нему му го пренесува, како што подоцна им пренесува и на веќе родените деца.
 
Заради тоа, потребно е мајката многу да се моли за време на бременоста и да го љуби своето неродено дете, да го милува својот стомак, да чита псалми, да пее тропари, да живее свет живот.
 
Тоа и за неа е од полза, но, преку тоа се жртвува и за љубов кон зачнатото дете во неа, за нејзиното идно дете да биде што посвето и од самиот почеток да има  света животна основа.
 
 Гледате ли, колку е за жената чувствителна работа зачнувањето и носењето на детето, колкава е таа одговорност и каква чест?
 
Ќе ви раскажам нешто што се однесува и на останатите живи суштества и тоа оние кои не се словесни, па за тоа малку подобро ќе раберете.
 
Во Америка го извршуваат следниот експеримент: во две големи простории, со иста температура, со ист начин на заливање, садат цвеќе.
Но, меѓу тие две простории постои една разлика.
Во едната од нив пуштаат блага и пријатна музика.
Резултат? Што да ви кажам!
Цвеќето кое успева во таа просторија покажува  огромна разлика во однос на цвеќето во другата просторија.
Тоа е многу поживо, боите му се поубави и се развива неспоредливо побрзо и подобро.
 
 
 Она што ги спасува децата и ги прави добри деца е животот на родителите во куќата
 
 
 Она што  ги спасува  децата и ги прави добри деца е животот на родителите во куќата.
Родителите треба да се предадат на љубовта Божја.
Треба да бидат свети пред своите деца и тоа да го покажуваат преку својата благост, трпение и љубов.
 
Секој ден треба да поставуваат нов почеток – да пројавуваат ново расположение, воодушевување и љубов спрема децата. Радоста која ќе ја доживеат и светоста која ќе ги следи ќе ја пренесе благодатта и врз нивните деца.


За лошото однесување на децата главно се виновни родителите


Децата не ги спасуваат ниту советите, ниту дисциплината, ниту строгоста.
 
 Ако родителите не одат по патот на светоста и не се подвизуваат, тогаш прават големи грешки и  го  пренесуваат на децата злото кои самите го имаат во себе.
Ако не живеат со свет живот и не говорат со љубов, тогаш ѓаволот ги измачува преку реакцијата на нивните деца.
Љубовта, еднодушноста и слогата меѓу родителите е всушност она што на децата им е потребно. Тоа е голема безбедност и сигурност за децата.
 
Детското  однесување е во непосредна врска со духовната состојба на родителите. Кога децата се повредени со лошото взаемно однесување на родителите, тогаш тие губат волја и сила да напредуваат.
 
Тогаш тие лошо се изградуваат, па на градбата на нивните души им се заканува опасност секој час да се сруши.
 Ќе  ви наведам два примери во врска со ова.
 
Во некоја прилика, дојдоа кај мене две сосема млади девојки. Едната од нив имала многу лоши искуства, па ме запраша зошто е тоа така.
 Јас ѝ реков:
 
-      Тоа е сѐ од домот, од вашите родители.
 
Бидејќи ја „видов“ душата на едната ѝ реков:
 
-       Ти сето тоа го наследи од твојата мајка.
 
-  Ама, нашите родители се совршени луѓе – одговори таа. – Тие се христијани, се исповедаат, се причестуваат. Можеме слободно да кажеме дека живеевме во духот на верата, освен, ако е виновна самата религија...
 
Јас ѝ одговорив:
 
-  Не верувам ништо од ова што го кажа. Јас јасно гледам – дека вашите родители не живеат со радоста Христова.
 
 На тоа ќе рече онаа другата:
 
-  Слушај, Марија, добро вели отецот. Во право е. Нашите родители го посетуваат духовникот, се исповедаат,  пристапуваат кон светата Причест. Тоа сѐ стои...
Но, дали било кога сме имале мир во куќата?
Татко ми и мајка ми постојано се караа. Час едниот од нив не сакаше да јаде нешто, час оној другиот не сакаше да излезат некаде заедно. Спрема тоа, отецот е во право.
 
 – Како се вика татко ти? – ја запрашв.
 
 Таа ми одговори.
 
-    А како  е името на мајка ти?
 
 Таа и на тоа одговори.
 
-   Е,  ѝ реков, - ти внатре, во себеси, воопшто не си добра во односите со твојата мајка.
 
Слушнете ме сега! Додека ми го наведуваа татковото име,  јас го видов нивниот татко, ја видов душата негова. Исто така, додека ми го споменуваа мајчиното име, ја видов и мајката, а го видов и тоа со каков поглед ќерката ја гледа својата мајка.
 
Некој следен ден ми дојде една мајка со својата ќерка во посета. Беше многу разжалостена. Плачеше и липташе.
 
-       Се чувствувам многу несреќна.
 
-      Што ти е? – ја  запрашав.
 
 -   Очајна сум заради мојата постара ќерка. Го избрка мажот од дома, а потоа нас, родителите, долго време нѐ обмануваше и ни говореше лаги.
 
-   Какви лаги? – прашувам понатаму.
 
 - Одамна го избрка сопругот од куќата, а нам ништо не ни кажа.
Кога ќе ја прашавме по телефон како е Стелио, ќе одговореше:
„Добро е. Моментално не е тука. Отиде новини да купи.“

Секојпат изнаоѓаше некој изговор и објаснување, за ние да не се посомневаме во ништо. Тоа така траеше две години. Криеше од нас дека го избркала. Пред некој ден тоа од него го разбравме, сретнувајќи го случајно. На ова ѝ реков:
 
-    Ти си виновна. Ти и твојот маж. Но,  ти повеќе отколку тој.
 
-    Како јас? Па јас толку ги сакав своите деца! Не излегував од кујната.  Немав личен живот. Ги приведував секогаш кон Бога и Црквата, ги советував сѐ добро. Како сум јас виновна?
 
 
 Се обратив на другата ќерка, која присуствуваше на разговорот.
 
-    Што велиш ти?
 
-    Да, мамо, отецот е во право. Никогаш, ама баш никогаш, на мир не изедовме парче леб заради твоите кавги со тато.
 
- Гледаш дека сум во право! Вие сте виновни. Вие ги ранувате своите деца. Не се тие виновни: тие ги трпат последиците од вашите однесувања.
 
Во детските души се создава одредена состојба, како последица на однесувањето на родителите. Тоа остава трага во нив за целиот живот. Нивното последователно однесување во животот и нивниот однос спрема другите се во непосредна зависност од доживувањата кои ги имале во своето детство.
Растат, се образуваат, но во длабочина не се менуваат. Тоа се гледа и во најситните животни манифестации.
 
Се случува, на пример, да те спопадне стомакоугодување. Ти доаѓа постојано да јадеш. Си зел нешто, си изел.
Ќе видиш нешто друго и тоа го сакаш; го сакаш и она третото....
Чувствуваш глад, ти се чини; ако не јадеш, чувствуваш дека те мачи киселина или тресење. Се плашиш дека ќе ослабнеш.
 
Но сето тоа е психолошки објаснив факт.
Возможно е, да речеме, да си останал без татко и мајка.
Со тоа си духовно лишен и духовно гладен, сиромашен и слаб. Тој духовен факт се одразува врз тебе и се изразува како телесна слабост.
 
 
На семејството паѓа голем дел од одговорноста за духовната состојба кај човекот. За децата да се ослободат од различните внатрешни проблеми, не се доволни советите, принудата, логиката и заканите.
 Од сето тоа, всушност, станува  уште полошо.
Состојбата се поправа само преку осветувањето на родителите.
Станете свети, па нема да имате никаков проблем со своите деца.
 Светоста на родителите ги ослободува децата од проблеми.

 Децата сакаат покрај себе свети луѓе, исполнети со љубов:  луѓе кои нема да ги застрашуваат, ниту ќе се ограничуваат на изрекување поуки, туку ќе им пружат свет живот и молитви.

Вие, родители, молете се тивко и со рацете подигнати кон Господ Исус Христос, па таинствено ќе ги прегрнувате своите деца.
А, кога се немирни, преземете некои педагошки мерки, но не вршете притисок на нив. Првенствено треба да се молите.
 
Често родителите, а најмногу мајките, го навредуваат и повредуваат своето дете заради палавост и го караат преку секоја мера.
 Тогаш, тоа е длабоко рането, дури и кога нема да го искараш на видлив начин, туку само во себе, со чувство на гнев.
Или, можеби, само грубо ќе го погледнеш, а детето тоа го чувствува.
Во тој случај, тоа мисли дека мајката не го љуби.
 
Прашува: ме сакаш, мамо?
 – Да, дете мое.
– Ама, тоа и понатаму не верува, повредено и рането. Мајката го сака.

 Таа, подоцна и ќе го помилува. Но, тоа  ја свртува главата, не прифаќа милувања. Смета дека тоа е лицемерие, зашто неговата душа е ранета.

 

Продолжува...
Превод:  Мирјана Даниловска Мина

20-ти јуни. лето Господово 2015