Многу лажни пророци ќе се појават
и ќе прелажат мнозина (Мт. 24, 11)
Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци,
и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат,
ако е можно, избраните. (Мт. 24, 24)
Возљубени, не верувајте му на секој дух,
туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога,
бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот. (1Јн. 4, 1)
Прв дел

Врз секојдневието на човечките животи се спуштила густа магла. Магла од незнаење и непознавање на вистинските вредности. Изгубени стада препуштени сами на себе, речиси слепо скитаат по неа. Малку се вистинските пастири, а во секоја грмушка и на секоја раскрсница демнат маскирани грабливци облечени како пастири. Малку се оние кои преку своето трагање го наоѓаат вистинскиот пат кој води кон живот, а многу повеќе се оние што заталкани одат кон пропаст.

Презаситени од општата безнадежност на материјалната стварност, својата духовна глад ја заситуваат со она што им го сервира обезбоженото општество, кадешто човекот навистина е сведен на нивото на стварите што го окружуваат, и кадешто се гледа една тешка морална криза, губиток на самото семејство и неговото значење (и како институција и како воспитувачки фактор), губиток на општественото воспитување, бесчувствителност, особено кон околината, неспособност за сносење на одговорност и неспособност за разликување на општите позитивни и негативни вредности во себе и во своето окружување. Од Бога дадената слобода на човекот се усмерува кон богоотпадништво, а со тоа и кон уништување и осиромашување на човечкото битие, додека втиснатата творечка способност се насочува кон создавање на дела без некаква потрајна вредност и без речиси никаква духовна содржина во себе.

Постојат две основни причини за ваквата состојба: општото непознавање на вистинските вредности кон коишто треба да тежнее човекот, и систематското „отстранување“ на Бога од животот на човекот. Суштински гледано, ова ги следи луѓето низ севкупната историја на постоењето на родот човечки, и резултира со различни форми на празноверие, извртување на свеста за Едниот и Личносниот Бог, потоа проекција на бог или богови според мерката на човечката душа и природното и општествено окружување, магиски однос кон реалноста, како и отворено богоотпадништво и атеизам. А зад сето ова стои лукавото сатанско настојување да го одвои човекот и да го заврти против Бога, настојувањето на „човекоубиецот од почетокот“, вештиот искушувач на човечката слободна волја и вештиот злоупотребувач на човечките слабости.

Сето ова, секако, се случува под видот на секојдневни или речиси секојдневни овоземни проблеми, позади кои поставените замки тешко се насетуваат, или многу често дури и несвесно, стануваме робови на гревот и сатаната.

Затоа, не е премногу чудно, но е многу загрижувачко (да не речам, алармантно) со какви сѐ не средства денес нѐ заведуваат од патот на Вистината, со што сѐ нѐ бомбардираат за да го оштетат она зрно на религиозност коешто лежи длабоко всадено во нас, како од Бога создадени битија.

Како прво, најголемиот број деца уште во раното детство добива непотполни или неточни информации за Бога и религијата, така што нивната природна религиозна љубопитност останува ускратена за важните известувања коишто можат да одиграат мошне значајна улога во развојот и формирањето на идната личност. Значи, гледаме како семејството недоволно ги усмерува младите луѓе кон Црквата и црковниот живот. Самото општество, пак, тоа го прави уште помалку.

Длабоката морална криза, отсуството на основна култура од животот на голем број граѓани, недостигот на општествена и политичка свест, општеството како боиште на нечисти политички судири и раздори, медиумите коишто ја изедначуваат верата на државотворниот народ со разнообразните секти коишто делуваат на штета на истата, а со тоа и на штета на самиот народ, верата во идоли – пари, моќ, национални квази-јунаци, политичари, фолк ѕвезди, бајачи, гатачи, астролози, „духовни“ движења – наместо во изгонетиот Бог, се само еден дел од животниот албум што ни се нуди и наметнува како неопходен за зачувување на „идентитетот на нашето национално битие“.

Особена улога играат печатот и радиото, кадешто постои цензура врз информациите од областа на дејствувањето на Црквата, а медиумскиот простор е натрупан со многу невкус, вулгарност, непроверени вести и свесно смислени лаги, кадешто се „тресе“ сѐ и сешто. Врв на сето ова е телевизијата, кадешто е изгубен вкусот и за реклами, и за филмови, образовни и информативни емисии, а кадешто во последно време е особено популарно на каналите на националните и локални телевизии да се посветуваат специјални емисии со класични залажувачи на лекоумниот народ – душепогибелните бајачи, гатачи, личности што се занимаваат со разни видови на магии и астролози.

Она што е најстрашно е дека истото сѐ повеќе се случува зад параванот на Црквата и православието, така што денес имаме „православни“ бајачи, „православни“ гатачи, „православни“ астролози, на коишто нашиот „православен“ народ и тоа како наседнува, иако сето ова е во директна спротивност со учењето на Црквата, на што понатаму ќе се задржиме.

[продолжува]

Извор: Тавор бр. 2
Презвитер Радиша Јовановиќ

Преземено од:  http://koe.mk/laznata-duhovnost-na-segasnosta-1/

Друго: 

  Лажната духовност на сегашноста (2)