Premin.90d.jpg

 ИЛЈАДА ПРИЧИНИ ЗА КРАЈ

о. Григориј Јакимов

    Еве една многу стара, но и многу актуелна тема: развод. Тема со чија проблематика може да се занимава секоја наука која за центар на проучување го има човекот или има допирни точки со него. И медицината, и социологијата, и теологијата, и психологијата, и психијатријата векови наназад го решаваат овој, не баш едноставен проблем, но проблем кој останува и за жал е сè поактуелен. Прашањето ми е: зошто доаѓа до развод? Зошто, кога некои толку многу се сакале, ја крунисале својата врска со брак, им се изродиле деца како плод на нивната љубов, работеле и создавале за подобро на сите членови во семејството, на крај, пак, се одлучуваат за ова зло како најдобро решение? На ова мое зошто, се присетувам на песната Илјада причини за крај (Нокаут). И навистина! Има навистина безброј причини за крај, не илјада туку постојат милиони причини, но најбитното е дека само една причина постои за да опстои една врска, која би требало да се гради до самиот крај на животот на сопружниците, а тоа е Бог.  
Доколку ја земеме Библијата како извор, ќе видиме дека во Стариот Завет мажот со разводно писмо можел да ја остави својата жена буквално за сè, дури и ако не му се допаѓало како готви. Во Новиот Завет, пак, Господ Исус Христос јасно укажува дека само прељубата може да биде причина за развод. А јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува (Мат. 5, 32). На нас како православни христијани, Христовите зборови би требало да ни бидат заповед. На тој начин, веќе не постојат илјада причини за крај, туку само една.
Главно, ќе констатираме дека денес луѓето се оставаат како и во Стариот Завет, буквално за сè. Но тоа е затоа што и тогаш имале, а и сега имаат закоравени срца. Но ете, да ја земеме само прељубата како причина за развод. И доколку ја направиме онаа вообичаена поделба на луѓето како верни и неверни (воцрковени и невоцрковени), и доколку се потрудиме да разгледаме како настанала прeљубата, а таа станала причина за разводот, ќе видиме дека демонот на различен начин напаѓа, т.е. ги прелажува луѓето да го направат овој грев, кој носи со себе само омраза и раздор, а последиците се повеќе од јасни. Ретко некој простува.
    Од моето искуство како свештеник, од исповедите и разговорите со верниците, дознавам дека на оние кои не живеат воцрковено демонот директно може да им ја дошепне оваа грешна мисла која доколку се прифати и се всели во срцето на човекот честопати се реализира и во дело. Примери има многу.
Пред неколку години, ме посетија маж и жена кои чувствувајќи го јазот меѓу себе, решиле да побараат начин за надминување на нивниот проблем. По исповедта и на двајцата, произлезе дека и двајцата направиле неверство. И двајцата го прават гревот преку социјалната мрежа FB. Јас буквално не можев да се изначудам. Таа нивна чиста и непорочна (платонска) љубов, која преминала во целомудреност со бракот, после многу години заедничко живеење да биде згазена и уништена.
Имам и други примери кои на ист начин, преку истата социјална мрежа, си ги пронашле своите поранешни девојки или момчиња. Ова не го спомнувам за да го осудам овој начин на комуникација, бидејќи изборот е секогаш наш, а демонот си го работи своето, секогаш изнаоѓајќи нови начини за искушување. Само си размислувам и се прашувам, колку ли ќе требаше храброст и колку преиспитување додека се напрви овој чекор на стариот начин, т.е. да се приближи некој на некого, па да отпочне разговор, па предлог за излегување, дружење итн.? Нормално, до чинот на неверство можеби и немало да дојде, бидејќи за ваквите дружења е потребно време поминато надвор од семејството, што нормално би довело до сомнеж. А колку нашата мисла брзо и слободно прелетува низ прстите на тастатурата, заклучете сами. Без страв – бидејќи си дома; без срам, храбар, со зголемена доза на слобода – бидејќи си далеку од соговорникот, кој ти изгледа дури и како измислен; горд на себе – бидејќи профилот ти е, не она што си, туку она што сакаш да бидеш, со најубавото и најдоброто за себе.
Ова нормално се случува и кај луѓе кои не користат FB, кај нас тоа е сè уште позастапено кај мажите, односно кај оние луѓе кои често сакаат да излегуваат без својата сопруга или сопруг, т.е. се чувствуваат поубаво и поисполнето во кругот на своите другари и пријатели. И овде, т.e. кај оние што живеат во светот заробени од своите страсти, демонот директно ја предлага грешната мисла и веднаш ги лови.
Причината понекогаш сe темели на неизживеаност или изживеаност со која останала стекнатата навика.
    Но кај воцрковените, ситуацијата е сосема поинаква.
За тоа како се случува одреден грев да биде направен на дело кај овие луѓе – за кој до пред само некој момент или на почетокот од неговиот процес биле сигурни дека не постои можност да го направат, а го направиле – ќе се послужам со едно многу интересно образложување на мојот Владика. А тоа е, како што вели тој, заради невосогласеноста на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме. Поконкретно, тоа е заради слободата во однесувањето што си ја земаме пред време – пројавена преку мисли, зборови и дела; таа, пак, произлегува од големата идеја за самите себе, од знаењето што мислиме дека го имаме, од судењето и осудувањето, од демонската прелест.  
Оваа невосогласеност на нашиот живот со степенот на духовен раст, бутнало многу верни во гревот на блудот и неверството, да не се залажуваме, дури и свештеници и монаси. А свети Јован Лествичник вели: Демоните на ништо не се радуваат така како на нечистотијата на блудот.
Но како доаѓа до тоа и како се случува некој кој живее во Црква да падне во ваков грев? Треба едно да знаеме, ниту е демонот толку глупав или неопитен, ниту сме ние толку неверни и бесловесни, па да добиеме од него предлог за директно чинење на грев (Митрополит Струмички Наум). Неговата цел е да изнајде начин како ние би останале без Божјата благодат, и самите да се оддалечиме од Бог, по што, би му било многу полесно да нè вовлече во стапицата на гревот. Затоа, на оние што поверувале, никогаш нема да им шепне или предложи директно да сторат грев; но најпрво нè наведува на поприфатливи предлози кои слободно и доброволно ги прифаќаме, а кои нè оставаат без благодатта што нè чува, за потоа самите ние да посакаме да го сториме гревот. Овие мали падови настануваат заради преголемата слобода што си ја дозволуваме во однесувањето. Потоа, демонот нè лаже убедувајќи нè дека тоа што сме го направиле не мора да го исповедаме на духовниот отец, бидејќи заради високото мислење за себе, си мислиме дека сме искусни (сметаме дека божем можеме правилно да расудуваме во одредени ситуации), а од друга страна, доаѓаме до заклучок и дека не треба да го заморуваме духовникот со глупости. И така веќе започнуваат големите падови, како што вели Владиката, чиј прв знак е прекин на редовната исповед кај духовниот отец (недозволиво за првиот степен, чиј процес е чистењето на срцето од страстите).
    А како само живеевме по нашето духовно раѓање, по нашата прва исповед, во периодот на влегување во Црквата? Да се присетиме, ни вели Владиката. Првата благодат, како од шега нè ослободи од сите страсти што дотогаш нè држеа во ропство, но ќе се сложиме и ќе заклучиме дека бевме и многу повнимателни во контролата над помислите, зборувањето и дејствувањето, т.е. бевме повнимателни и не си дозволувавме излети со помисла, со збор и на дело.
И запамтете, ни вели, редовното и честото причестување, само по себе не може да нè извлече од овој духовен лавиринт на падни – стани состојба; дури, ако не се покаеме може да биде и погубно.
    Излезот е во покајанието, кое како бесплатен дар ни е даден од нашиот Господ Исус Христос. Па со мал подвиг, возобновувајќи го молитвеното правило, повторно ќе бидеме облеани со несоздадената Божја благодат која ќе продолжи да нè чува во понатамошниот наш живот.  
Но тоа покајание, треба да биде лично и конкретно: смирено да го отвориме срцето и да се исповедаме пред духовниот отец и да го восогласиме нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме преку целосрдечно послушание (Митрополит Струмичи Наум).
    Значи, оние кои немаат духовник, да си побараат, оние кои се оддалечиле од својот духовник поради овие причини, да си го побараат и повторно да ја возобноват комуникацијата со него. Бидејќи, не постои друг начин на избавување од ова зло (развод).
     „Американските филмови“ кои го пресликуваат животот и навиките на западниот свет не треба да ни бидат пример за тоа како ние да живеме. Гламурот и развратот и онака не е баш и нивни вистински начин на живеење. А примената на таквиот живот на наши простори и наши услови доведува до расцеп на едното тело, кое се мажот и жената во Светата Тајна Брак.
Или да знаеме, посакуваниот таков живот, од една страна, со неостварениот, од друга страна, доведува до разочарувања или еве пак ќе ги наречеме мали падови, кои водат и до депресии. А тие мали падови пропратени со живот надвор од Црквата стануваат дел од илјадниците причини за развод.  
    Од полезност ќе ни е ако се потсетиме на чинот на венчавање. Се вели: „И дај ѝ на оваа слугинка (жената) во сè да се покорува на мажот, а на овој твој слуга (мажот) да биде глава на жената, та да поживеат според Твојата волја“; или: Вие жените покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото (Ефес. 5, 22-23). А мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела (Ефес. 5, 28). Доколку ова се почитува, тогаш нема и не постојат причини за разделби. Секој со свој влог да се потруди да ја зачува светоста на бракот.
    На секој што во ова се труди, Господ да го обдари со своите благодатни дарови за да му послужат за негово лично и за спасението на целото негово семејство. Амин.