РАЗЛИЧНОСТА НА СОПРУЖНИЦИТЕ


(отец Филотеј Фарос)


Општењето помеѓу сопружниците станува проблематично, ако едниот од двајцата не може да ја поднесе различноста на другиот. Човекот кој не ја достигнал својата лична автономност, многу често, различноста на другиот со кого е во тесна врска ја восприема како обид , или дури како отфрлање. Тоа се случува кога човек, неприродно многу се потпира на партнерот, за да го засили чувството за сопствената вредност и за да ја потврди сликата, која се обидува да ја има за себеси. Сето она во заедничкиот живот, кое потсетува дека другиот е различно суштество кое може да го предаде или отфрли,  го исполнува со страв и претпазливост.


Некои парови, слободно и искрено го изразуваат протестот кој го чувствуваат  кон взаемната различност, додека други кои чувствуваат несигурност, претпочитаат да се преправаат дека не постојат никакви разлики помеѓу нив. Во такво семејство општењето не е искрено. Секој знак, кој може да потенцира дека другата личност има свое постоење и свои плусови и минуси, желби и предиспозиции, се потиснува или “преголтнува“.



Членовите на секое семејство треба да пронајдат начини да го откриваат различното кај другиот и ДА СОЗДАВААТ МЕСТО ЗА НЕГО.


Затоа е потребно секој искрено да зборува, како се гледа себеси и другиот. Кога еден од двајцата ќе  забележи различност кај другиот која не ја очекувал, или не ја забележувал до тој момент, неопходно е во новото откритие да види можност за истражување и разбирање, а не повик кон воени дејства. Ако начинот на кој се пресретнува различноста, се темели на тоа да се утврди кој е во право (т.е. војна) или на една позиција која што е упорна дека  различност не постои (одрекување), тогаш се создаваат основи за патолошко поведение на секој член од семејството и особено на децата.


Разликите кои водат кон конфликт на интереси, сопружниците често ги восприемаат како заканувачко однесување кон самите себеси или пак како знак, дека другиот не ги љуби.
Кога ќе утврдат дека другиот е поинаков човек од тоа што го мислеле до тој момент, незрелите луѓе се разочаруваат. Во секој момент од деноноќието тие се фиксираат точно на оние особини на другиот, кои не ги забележувале пред бракот и кои не се совпаѓаат со нивните очекувања: на пример – сопругата го пресолува јадењето, а сопругот ги фрла своите алишта каде што се готви...
Различностите кои ги забележуваат, сопружниците ги разбираат како нешто лошо, зашто тие ги водат кон разногласие, а разногласието ги опоменува дека тие не се проекција еден на друг.  Различноста на едниот сопружник од другиот,  всушност е нешто, кое може да се искористи на разрушителен начин или да се исползува како можност за збогатување на врската.


Разликите  кои најчесто ги дразнат сопружниците се: разлика во желбите,  во навиките, во вкусовите,  во  идеите и во очекувањата.
Кога сопружниците имаат доволно самодоверба, тие имаат доверба и еден во друг, секој од нив може да биде сигурен во својата способност да зема од другиот, може да биде трпелив за да земе од другиот, може да дава без да се чувствува оштетен, може да ја исползува различноста на другиот како можност за личен развој.


Но најчесто сопружниците немаат доверба во своите способности. Ако секој од нив чувствува, дека она кон кое тежнее, едвај е доволно за  да си потврди самиот  себеси дека е “жив“, последицата е дека за другиот не преостанало ништо. И бидејќи  немаат доверба  еден во  друг, определени  области од нивниот заеднички живот  каде што  треба да покажат дека ја почитуваат различноста на другиот, почнуваат да им се чинат особено  опасни. Тие области се семејните финансии, храната, сексот, слободното време, работата, воспитанието на децата, односите со родителите. Како и да  е, реалноста ги принудува да решат што ќе прават сами и одделно.


Заради тоа  треба  да се научат да го изразуваат  своето мислење, своите  желби, своите чувства и сознанија, без да го омаловажат, присилат или отфрлат другиот, туку да успеат да оживеат едно вистинско сотрудништво (сопружништво) на сопствените капацитети со квалитетите на другиот.
Кога ќе успеат да направат една активна  врска, тие  можат да речат:  “Мислам што мислам, чувствувам тоа што чувствувам, знам тоа што знам. Јас сум Јас. Но не те обвинувам, заради тоа што  ти си  ТИ. Спремно го примам она што го  предлагаш. Да видиме што можеме да направиме со она што ни е дадено, што го имаме“.


Сепак, нејчесто тие не можат да создадат таква “соработничка“ врска и  обично велат: “Стани како мене, стани едно со мене. Лош си  кога не се согласуваш со  мене. Твојата различност нема никакво значење“. Секој од  сопружниците реагира така, не секогаш  може  да  биде истовремено и одделна личност и сопруг, не секогаш  може да  сожителствуваат различноста на личноста  и бракот.


Бракот треба да е  љубовен однос помеѓу две лица, кои меѓу другото ги запазуваат своите лични но различни карактеристики, во една активна врска. Во бракот треба две личности да се соединат  така,  да бидат едно, но истовремено секој треба да ја запази својата оригинална (различна) личност.


Во  повеќето семејства, горе спомнатото изгледа  невозможно и често сопружниците се обидуваат да го претопат партнерот, и оној кој успева тоа да го стори се соединува со другиот при тоа сочувувајќи ја својата личност, но другиот сопруг -  се губи во врската.
Еден човек го затвораме во себе, кога го искористуваме за да може тој да се чувствува способен. А го правиме способен, кога го почитуваме и оценуваме според неговата служба кон нас, и според користа за нас од тоа служење.


Кога сопружниците ќе допуштат да се случи ова, тие се омаловажуваат себеси, партнерот и својата сопружничка врска. Тогаш тие изрекуваат само монолози, се оддалечуваат еден од друг, се оттуѓуваат и постануваат  осамени. И спротивно на ова, оној кој чувствува дека  само-личноста му е респектирана,  истовремено чувствува дека е разбран од внатрешниот свет  на другиот, дека има резултат, и  во својот свет создава место за другиот. Секоја  личност  се развива пропорционално на тоа колку таа се разоткрива пред другиот како личност, како и другиот кон неа. Само во таква споделива  внатрешност, која значи живеење на самоличноста на другиот, се засилува само-личноста на човекот и заедно со партнерот стигнуваме до единство.


Еден автентичен човек се радува на односите со другите луѓе, а особено  на сопружничката  врска. Ја признава зависноста од другиот, но истовремено е доволно независен, за да може да  опстои како самостојна личност. Не се плаши да се  разоткрие себеси од страв партнерот да не ги види неговите слабости и да   ги искористи. Еден автентичен човек, не  чувствува потреба да ги велича своите способности, своите таланти, своите посилни страни, а да ги прикрива слабостите, но секогаш е спремен со збор или со постапка да ги продлабочува значењето и животноста на врската. И дава значење на врската онаков каков што е, и истовремено му остава слобода на својот партнер, да одговори или не. Не само што не се плаши да се разоткрие пред другиот, туку може и да го ислуша и оцени  соодветното себеоткривање на човекот до себе. Исклучително охрабрувачко искуство е човек да живее со  партнер, кој има свои убедувања и смелост да живее според нив.  


Се разбира дека мислењето на секој од двајцата партнери дава можност на другиот, но и создава тешкотии и наложува определени ограничувања во врската. Сопружниците се развиваат како личности, кога ги изложуваат, објаснуваат, говорат за своите идеи, за своите убедувања, за својата вредност,  како и за чувствата  кои го спроведуваат сето тоа. Дел од овој развој се должи на способноста на сопружниците да го слушаат (чујат) својот партнер, со целата своја душа.
На овој начин сопружниците  се развиваат и взаемно се поткрепуваат. Но атмосферата не треба да  биде заканувачка. Но дури и да не е,  секој сопружник треба да чувствува лична сигурност, за да знае, дека кога другиот ќе  оспори или одрече некоја негова идеја или дејство, со тоа не ја потценува неговата личност.



Често чувствуваме осаменост, зашто не разбираме, а понекогаш просто не можеме да ја разбереме  возможноста, да се задлабочиме заедно со нашиот партнер во смислата на нашиот живот. Прекрасно доживување е,  кога сопругот дозволува  партнерот да биде искрен, без да го смета тоа како закана, и без да има потреба да го контролира и да го претвора во своја копија.
Огромно задоволство е  кога ќе прифатиме, нашиот партнер да биде различен човек со негови идеи, со негови цели и способности, кои можеби и не се совпаѓаат со нашите. Ако сопругот  може да биде вистински човек, тој може да му помогне и на другиот, да постане истото тоа. Кога мојот сопружник  е вистинска личност, ми помага и мене да бидам вистинска  личност. Призивот да постанеме “образ“ доаѓа кај нас предводен од другата  личност, која треба  да стои на извесно растојание од нас, но чиешто присуство во нашиот живот реално го чувствуваме. Сопружникот треба да е независен и самостоен од нас, но истовремено близок и неопходен.
 
Многу брачни парови сметаат дека можат да создадат блиска врска, ако се загубат себеси еден во друг. Сакаат да се прилепат кон другиот и да постанат негова проекција. Оваа претерана зависност создава паразитна врска. Ги разводнува различностите помеѓу сопружниците и во иднина води кон потценување, намалување на нивното општење и заедно со тоа и на нивната врска. Кога едниот ќе ја жртвува само-личноста  за да го олесни хармоничниот соживот, тој всушност бега од една вистинска средба со својот партнер.


Воедно, сопружниците не можат да одат секој по својот различен пат, велејќи: “сакам да сум самиот јас, и не примам никакви ограничувања“. Оние кои говорат така, воопшто не ја разбираат природата на човечките односи. Бракот изискува од сопружниците  взаемни ограничувања. Не можеш да се радуваш на топлината на блиската врска без да ги примаш ограничувањата, кои таа врска ги наложува. Во бракот, сопружниците слободно го примаат ограничувањето на својата слобода.


Потребно е да  понесат одговорност за себеси и за својот партнер и да ги прифатат границите, но и можностите кои им ги предлага нивната врска. Тоа значи, дека  треба да имаат храброст да говорат,  кога случајот тоа го бара од нив; да бидат подготвени да дејствуваат и помагаат, кога  има потреба; и да знаат дека ризикот е задолжителен елемент од вистинскиот живот.





Подготви М.З.