Деноноќна стража покрај олтарот на починатиот архиепископ

Поумерените грчки владици лобирале македонските собраќа да присуствуваат на испраќањето

Билјана Јовановска -Утрински весник

Македонските Владици не се добредојдени на погребот на Архиепископот на Грчката православна црква, г. Христодулос. Првиот негативен сигнал беше упатен со неиздавањето виза на дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј, кој заедно со струмичкиот г. Наум требаше да патува за Атина.

Потоа, вчера претпладне до Канцеларијата за врски на Македонија во Атина се огласи и главниот секретар на Синодот на Грчката црква, отец Кирило, кој усно соопштил дека ГПЦ воопшто не чувствува потреба да испрати одговор на дописот од Македонската православна црква проследен преку нашето МНР. Станува збор за барање за присуство на погребна церемонија, што е вообичаено, бидејќи во вакви случаи протоколот налага пријавување на делегациите кои сакаат да присуствуваат на последното испраќање на архиепископот.

Секретарот на грчкиот Синод нагласил дека „владиците на црквата во Македонија не може да присуствуваат на погребот, бидејќи и' припаѓаат на црква која Грција и Грчката православна црква не ја признаваат“.

Веднаш по објавувањето, оваа вест предизвика реакции кај дел од грчките митрополити кои не се согласуваат со официјалниот став зад кој стојат порадикалните владици на ГПЦ.

Реакциите одат дотаму што поумереното крило архијереи се лути и лобираат за присуство на владици на МПЦ на испраќањето на нивниот поглавар, бидејќи се свесни дека ваквиот гест ќе предизвика негативни реакции кај православниот свет и ќе ја разниша сликата за Грција „како колепка на демократијата“.

Во Архиепископијата на Македонската православна црква вчера не сакаа да го коментираат потегот зад кој стои дел од црковна Атина. Митрополитот Тимотеј, кој требаше да замине за Грција, ни потврди дека не му е издадена грчка виза, иако рокот на претходната истече минатиот петок. Наместо каков било коментар за неочекуваниот гест од Атина, портпаролот на Синодот на МПЦ само кусо одговори: „Нивно право“.

Пред два дена, грчката новинска агенција АНА пренесе и делови од телеграмата испратена од Синодот на МПЦ, каде што нашата Црква се нарекува со своето уставно име.

Неофицијално, духовници на МПЦ забележуваат дека некои црковни структури во Атина, еден ден пред погребот на својот поглавар, „со чинот на неприфаќањето на македонската црковна делегација, сами себе се погребаа“. Во десетгодишното раководење со ГПЦ, архиепископот Христодулос и, покрај својот познат негаторски став спрема нашата држава и црква, сепак, три пати се сретнал со владици на МПЦ. Првата средба била на граничниот премин Негочани, потоа во солунскиот хотел „Македонија“ и последната била во Софија.

Да се потсетиме, на погребот на претседателот Борис Трајковски, меѓу бројните делегации беше и онаа од Грчката православна црква. Тогаш, митрополитите Јоил од Воден и Серафим од Костур при влезот во Македонија беа пречекани од архимандрити на МПЦ кои ги придружуваа до Канцеларијата за врски на Грција во Скопје.

Посети:{moshits}