СВЕТОГОРСКИТЕ ОТЦИ

 

... Јуродивите заради Христа, покрај својата длабока смиреност, имаат и голема чистота, проследена со духовна проникливост, така што ги познаваат човечките срца. Таков човек бил и отецот Антим, кој пристигнал на Света Гора во 1841 година.

Кога навраќал во манастирот св. Пантелејмон, тој никогаш не влегувал внатре, туку останувал со манастирските работници, и седел и јадел со нив во иста трпезарија. Кога игуменот на манастирот слушнал за тоа, задолжил еден монах, кој инаку се грижел за трпезаријата, да се грижи за отецот Антим. Од самиот почеток, монахот се однесувал спрема аскетот со големо почитување, му помагал и се грижел за него. Така тој стекнал доверба кај отецот Антим и можел да ги запознае неговите скриени доблести.

Една од неговите големи доблести била дарбата за постење: тој можел да пости неограничено долго! Така, тој еднаш дошол во рускиот манастир пред славата на светите апостоли сосема истоштен. Монахот кој го служел го примил со голема радост и му приготвил нешто за јадење. Старецот почнал да јаде, а монахот одел по трпезаријата тамуваму. Монахот, набљудувајќи го старецот кој јадел повеќе одошто е вообичаено, си помислил во себе: „Така сув и слаб монах, а јаде толку многу!“ Нерасположен поради таквите мисли на осуда, тој излегол од трпезаријата и отишол во својата ќелија. Кога отецот Антим завршил со јадењето, излегол и седнал пред вратата од ќелијата на монахот. Гледајќи дека неговиот пријател се соблазнува, се сожалил на него. За да му помогне, бил принуден да му објасни зошто јадел толку многу, за во иднина монахот да биде повнимателен кога дава суд за други. Откако го фатил за раката, го прашал:

„Брате, дали знаеш што е смиреноумие?“ 
Братот почувствувал потреба да ја каже вистината:
„Не, не знам.“
Тогаш старецот му рекол: „Смиреноумието се состои во следново: Не осудувај никого, а за себе мисли дека си полош од сите. Ете, ти пред малку се соблазни и ме осуди дека многу јадам. Но, притоа не знаеше колку дена воопшто не сум јадел. Паметиш ли кога последен пат бев тука?“
Братот му одговорил:
„Се сеќавам, оче. Вие бевте тука со нас во саботата на Цветници. Одтогаш не сме се виделе.“
Старецот му рекол:
„Така е. Сега гледаш колку дена поминав без јадење (Старецот, всушност, не јадел цели 7 седмици). А ти ме осудуваш што јадам многу! Брате мој, не се сите Божји дарови исти. На секого му е дадено по нешто од Бога. Ете, мене Бог ми даде сила да поднесувам глад и студ. Можеш ли ти да поднесуваш онолку колку што јас поднесувам? Дали можеш да ја соблечеш својата облека и да појдеш до најблискиот манастир, а потоа да ја поминеш зимата на врвот на Атос само со облеката што јас ја имам (Старецот бил облечен во платно од вреќа). А ти, бидејќи пееш во црквата, дали знаеш како му пееш на Бога? Твојот ум е расеан, повеќе мисли на задоволства, отколку на Бога. А сега слушни како јас пеам.“
Отецот Атим ги подигнал своите раце кон небесата и со треперлив глас ја запеал Алилуја, при што од очите почнале да му течат солзи. Монахот, кој му бил доделен да му помага, се запрепастил и почувствувал големо каење. Тогаш старецот му рекол:
„Ете брате, не осудувај никого, зашто не знаеш на кого каков дар му е даден. Обрни повеќе внимание на самиот себе.“

Посети:{moshits}