св. Атанасиј Велики, с. Журче

Во издание на  библиотеката „НЕБЕСНИ ЦВЕТОВИ“ при манастирот на св. Атанасиј Велики, с. Журче излезе  од печат  нова  книга: “Да ја претвориш туѓата болка во своја” - поуки на светогорскиот старец Пајсиј, од  о. Дионисиос Тацис


во моментов, книгите може да се купат  во манастирот  на  св. Јован Крстител, с. Слепче и во манастирот на св. Атанасиј Велики, с. Журче , или на контакт маил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете

Библиотеката “НЕБЕСНИ ЦВЕТОВИ” -(дел од издаденире книги):

„ДУШТА ПОСЛЕ СМРТТА“  од јеромонах Серафим Роуз

„ПАТОТ НА ХРИСТИЈАНИНОТ “од Арх. Рафаил Карелин.
“НОВ ЗАВЕТ”
“Тајната на спасението” од арх. Рафаил Карелин
“Светињата на животот и детеубиството”
“Касијана”
“Свети Серафим Саровски”

 “Свети Нифонт”



 

Korica.Tajnata.jpg

Беседа на старец Пајсиј
со монахињи


   Оваа беседа се одржала во еден од женските манастири во Атика. Таа била умножена и распространета во илјадници копии, а објавена била и во „Атонски дневник”.


   Монахиња: Оче, како да Го возљубиме Бога со сета сила?
   Старецот: Кога човекот ќе се собере себеси и своето сознание, тогаш умот неизбежно се сосредоточува во Бога. Вие, жените, можете полесно да се предадете на Бога, затоа што за помошник го имате своето срце. На мажите им е потешко, бидејќи им пречи разумот. За време на Христовите страдања, Неговите ученици, раководејќи се според разумот, се разбегале и се скриле, додека жените, водени од срцето, тргнале кон Голгота и Гробот. Но, за вас има друга опасност, а тоа е срцето да ве одвлече кон празни нешта. Вие лесно го предавате срцето на ниски и празни нешта, така што на крајот во вас не останува ништо за Христа. Вие не се задоволувате со неопходните облеки, покуќнина и предмети, туку тежнеете заедно со неопходното да го стекнете уште и украсеното и префинетото. Вам особено ви се допаѓа чашата ако на неа има насликано некакво цветче, и многу сакате да имате убава покривка на гравирана масичка. Такво е вашето срце и така го расфрлате – не расфрлајте го безрасудно! Срцето, кога е скротено, бега како лудо во добрата смисла на зборот. Никогаш не заборавајте дека светот, односно украсот е суета, лага и територија на ѓаволот. Жените стануваат привлечени од празните нешта и стануваат послушници на ѓаволот.

   Монахиња: Оче, зошто монахињите дури и за мало согрешение паѓаат во очајание? Дали е тоа правилно?
   Старецот: Тие очајуваат затоа што духовниот подвиг го извршуваат неправилно. Жените, како што и во секојдневниот живот сакаат префинети нешта, така и во духовниот живот го сакаат финиот, истанчениот труд и се занимаваат со ситници, оставајќи му простор на ѓаволот да ги напаѓа. Посветувајте го своето срце на Бога, а не на суетното. Не се заплеткувајте во ситничавости, туку почнете од грубото, за да не очајувате. Ако во потполност го отсечете грубото, лесно ќе исчезне и истанченото. Не се загледувајте во минатото или во вашите детски прегрешенија, затоа што се отвориле нови патишта и книги. Живејте во духот на непрестајно славословие и благодарење, затоа што најголемиот грев е неблагодарноста, а најголемиот грешник е неблагодарниот човек.

   Монахиња: Оче, дали се случува човек да помине многу години во духовен подвиг и да нема никаков напредок?
   Старецот: Да, има луѓе коишто се подвизуваат и не гледаат дека вознапреднале. Тој којшто се труди и не гледа преуспевање, или е горд или е склон кон гордост. Бог не дејствува таму каде што постои превознесување или склоност кон превознесување. Кога некој се труди сесрдно и со благодарност кон Бога, тој можеби ќе гледа дека станал полош, но ќе чувствува сигурност и радост. Тогаш сè му оди добро. Духовен напредок има само таму каде што човекот чувствува дека сè е многу тешко. Тоа покажува дека постои микроскоп за најситните нешта. Кога некој се подвизува од љубов и благодарност, тој чувствува сигурност и се надева. Тогаш сè му оди добро и има духовен напредок. А кога очајува, тоа е знак дека нештата не одат добро, затоа што очајанието потекнува од ѓаволот.
   Некој може да извршува мноштво подвизи, но без успех, затоа што нема смирение, а друг пак може да поднесе помали трудови, а да постигне поголем напредок, затоа што има смирение, коешто ги дополнува сите недостатоци. Подвигот бара бескорисна љубов кон Бога, чувство на скрушеност, надеж, утеха, сигурност и духовен кислород. Сето тоа ни осигурува безопасен пат. Тоа нема да го направат несреќите и принуденото послушание, ниту усилената молитвата. Нема ни солзите ни притеснетоста која е од ѓаволот. Да ги оплакуваме своите гревови надевајќи се на Божјата љубов – така, да. Но, да ги оплакуваме, затоа што така сака ѓаволот? – Тоа нема да го дозволам! Ѓаволот многу често човекот го фрла во најдлабоко очајание и излегува како победник. Да не биде така. Живејте просто, како дете во прегратката на својот татко. Предавањето на Бога е една непрестајна молитва која донесува добри резултати. Очајанието доаѓа од ѓаволот.
  
   Монахиња: Оче, дали е лесно да се почувствува длабочината на своите гревови?
   Старецот: Бог по Својата љубов не допушта да ги чувствуваме гревовите свои за да не се мачиме. Има богољубиви и чувствителни души коишто Тој нарочно ги прави тврди за да не се скршат од свеста за гревовите. Истото се случува и со свеста за Божјите благодејанија. Ако бевме во состојба да ги разбереме, во истиот миг би се растопиле. Колку повеќе човекот закрепнува во духовниот живот, толку повеќе Бог му дава да го види и едното и другото.
   „Буден” значи просветлен. Ѓаволот не ги гони незнајниците, тој ги бара будните, тие коишто се близу до Бога и коишто можат да творат чуда. Тој им ја одзема довербата во Бога и започнува да ги измачува со самонадевање, мудрување, сомневање и осудување. Ете зошто треба да го ставиме, „замрзнеме” својот разум во ладилникот сè дотогаш додека Бог не ни го врати осветен. Никој не се излекувал сам и никој не може да се спаси без послушание.
   Еден прост, но свет човек, кога бил во тешка положба и сакал да помогне на еден сиромав болен, отишол на морскиот брег каде што се наоѓал храмот на Вознесение, ги протегнал рацете и рекол: „Света моја Вознесенија, дај ми една риба за болниот брат”. И – о, чудо! – во рацете му се нашла риба и тој отишол и ја приготвил за болниот, благодарејќи на Бога и на „Светата Вознесенија”. Умот е дар од Бога, како и телесните сили. Заради тоа треба да ги користиме така, како што сака Бог – за спасение и осветување.
   Монахот се укрепува во покајанието и целиот гори од љубов кон Бога. Смелоста е неговото богатство, а разговорите – беседа со Бога. Кога душата разговара со Бога, не се изморува. Молитвата дава починка. Тој што живее со срцето отпочинува, а тој што живее со умот - се изморува. Во што е итрината на ѓаволот во наше време? Ѓаволот знае дека следното поколение – осакатено од гревот, чувствувајќи одвратност кон современиот начин на живот и немајќи идеали, ќе се встреми кон монаштвото, и поради тоа тој (ѓаволот) се стреми да ни пречи во вистинските духовни дела и да нè фрла во непријатности, за да не нарасте духовниот квас. Следното поколение ќе има потреба од нас, за да се фати за небото. Не заборавајте го тоа.
  
   Монахиња: Оче, јас имам бесчувствено срце, и не Го љубам Христос.
   Старецот: Тоа ти го говори твојата помисла. Дали тоа ти го рекол старецот или старицата? Не. Помислата ти го говори тоа. Љубов постои. Живејте просто и без особено расудување, како дете со својот татко. Верата без многу расудувања прави чуда. Умот им пречи на Божјата благодат и на чудото. Извршувајте го послушанието без логичко расудување.
  
   Монахиња:
Оче, колку читањето на некаков текст ќе ѝ помогне на молитвата?
   Старецот: Читањето го насладува умот и го загрева срцето. Причинувајќи му некому несреќа, ние го нажалуваме Христос. Страдањето на другиот човек треба да стане и наше страдање. Молитвата е радост и благодарење. Ние почнуваме со изучување на светоотечките дела затоа што тоа ја загрева душата и ја пренесува во духовниот свет. Целта на тоа е умот да го наслади срцето и молитвата да стане срдечна. Само срдечната молитва може да се нарече молитва, затоа што во неа има болка и дава плодови. Срцето се очистува со воздишки и сесрдна љубов. Да ја поставиме душата своја на патот на солзите.

   Монахиња: Оче, јас чувствувам духовна болка и стравувам дали е од ѓаволот.
   Старецот: Колку што ќе претрпиме духовна болка, толку ќе ни биде испратена божествена сладост. Кога чувствуваме тегобност и очајание, тоа е бесовски напад. Задржувањето на дишењето за време на молитвата во некои случаи причинува штета на организмот и треба да го избегнуваме. Бог бара поинаква болка, а не таква. Ние го поимаме срцето, а не телото, односно дејството (енергијата) на срцето. Бог е подготвен да ни помогне кога ќе Му се предадеме целосно. Човекот најнапред целосно му се предава на Бога, а потоа Бог го очистува и го предава на луѓето. Кога човекот верува дека е полош од сите, тогаш едно негово „Господи, помилуј!”, произнесено за целиот свет, вреди многу повеќе отколку илјада пати „Господи, помилуј!” на некој друг. Молитвата треба да стане наша неопходност. Разговарајте со Бога, затоа што ништо не е послатко од тоа. 
   Додека душата не достигне духовна состојба, подобро е да се молиме, воопшто, за ближните и за целиот свет. Затоа што наместо да добиваме корист, понекогаш нè привлекува светот. Да се молиме особено за тие коишто имаат потреба. Јас сум ја разделил својата молитва на три дела: еден за себе, друг - за живите и трет - за починатите. Најдобриот помен за починатите е нашето духовно напредување. Ние, секако, ќе ги запишуваме нивните имиња и за споменување на проскомидија. Монахот треба да се моли со душевна болка за Бог да го помилува светот.
   Ќе ви раскажам еден случај. Понекогаш одев во едно село за да се причестам. Свештеникот обично ме причестуваше во олтарот. Кога дојде време за Божественото Причестување, јас се замислив и реков: „Боже мој, удостој ги сите луѓе да влезат во рајот, а мене, грешниот, постави ме во некое ќоше, и тоа само заради една причина: за Ти да не се жалостиш гледајќи ме во адот!” Во тој момент свештеникот со заповеднички глас ми рече да излезам од олтарот и да се причестам надвор. Откако се причестив, помислив на молитвата што ја бев кажал. Потоа свештеникот дојде, ме замоли за простување и ми рече дека во тој момент почувствувал како некој да му го одзел разумот. Тоа се случи затоа што Бог сакаше да ме искуша, и заради мене, во еден момент му го одзеде разумот на свештеникот. Истото може да се случи и во вашиот живот. Вие, на пример, се молите за нешто, а Бог привремено ја одзема благодатта од игуменијата или од некоја од сестрите, и таа се однесува грубо со вас или ви создава непријатности.
  
   Монахиња: Оче, има ли надеж за исцеление од долготрајната душевна болест?
   Старецот: Да. За една седмица ќе си го вратиш здравјето ако го исполнуваш послушанието и ако бдееш. Умот нека не ти се завртува кон ништо што го потиштува. Додека со телото сме биле во светот, нашиот ум се наоѓал во манастирот. А сега, кога се расејуваме, телото ни е во манастирот, како дрво, а умот ни оди во светот. Да не осудуваме, затоа што другата сестра можеби прави метании во својата ќелија, а ние грешиме. Да ја оправдуваме сестрата дури и кога гледаме дека таа постојано паѓа. Господ му рекол на Петар дека треба до седумдесет пати по седум да му простуваме на ближниот. Кога ги гледаме прегрешенијата на другите и ги осудуваме, тоа значи дека нашето духовно зрение (вид) не е очистено и ние луѓето ги гледаме како дрвја. Сети се на приказната за слепиот!
   Треба да си создадеме фабрика за добри помисли. Ако една фабрика произведува куршуми и ти во моделот ставаш железо, тогаш ќе излезат железни куршуми. Ако прави чаши, а ти ставаш злато, чашите ќе бидат златни. Ако ставаш железо, ќе бидат железни. Какви помисли влеваме во својот ум, таков ум и ќе добиеме. Сестрата поради нас е изложена на искушение. Кога се молиме Бог да ни подари љубов, тогаш Тој може да допушти некоја од сестрите да се разболи и преку тоа да ни даде начин да пројавиме љубов, кога болната има потреба од помош. Можеби таа ќе побара од тебе чај или нешто друго, и тогаш Бог ќе ги види нашата љубов и трпение. Тој може на некое време да ја одземе Својата благодат и од нашите старешини, и тие со нас ќе се однесуваат грубо. Така ќе биде испитана нашата добродетел и тогаш Бог ќе види дали осудуваме или не, бидејќи од Него бараме да ни даде неосудување на ближниот. Ете, на тој начин Бог ни испраќа добродетели, а не - колку килограми љубов сакаш, толку и земи, и колку смирение сакаш - толку земи. Бог не ни ги донесува добродетелите на послужавник. Тој само ни дава поволно време. Ако не го искористиме и ако го осудуваме ближниот, ние сами себе двојно се осудуваме: за тоа што сме осудиле и за тоа што не сме се покајале.

   Монахиња: Оче, кажи ни нешто за молитвата и за аскезата (подвижништвото).
   Старецот: Молитвата, кога ќе започне сама да се движи, донесува најголема сладост. Тогаш човек заборава да јаде и да спие. Само се моли. Како што детето кога ќе го одведеме во слаткарница пробува од слатките и не мисли на ништо друго. Но, доаѓа старецот и го прекинува човекот за да го испита дали се смирил. Една монахиња во еден манастир ја беше достигнала таа мера. Преку ден таа работеше многу тешка работа, а преку ноќта се молеше. Кога настојателката ја прекинала, таа рекла: „Сигурно во нешто сум згрешила”, и почнала да се кае, иако немало никаков грев. Аскезата (подвижништвото) треба да биде умерена за да не ни наштети на здравјето и да нè спречи во исполнувањето на нашите послушанија. Крајностите го уништуваат телото и го прават човекот неспособен за сè, дури и за она најнеопходното. Настојателката треба да знае приближно колку поклони (метании) правите. Повисоко од постот стои бдението, бидејќи тоа го очистува умот, го профинува, го истанчува и го насладува срцето, додека сонот го обременува нашиот ум. Доверувајте се на Бога и на старешините ваши. Кога ќе ви речат да направите едно или друго, извршувајте го послушанието и нема да се изморите. Толку време сте негувале вера во сопственото јас, и што сте добиле? Самоувереноста е најголема пречка пред Божествената благодат. Никогаш не верувајте му на својот разум. Мислете просто и Бог поради вашето смирение ќе ви се приближи, и ќе го здобиете Неговиот мир и радост. Духовниот напредок зависи од нас. Не можат да нè спасат ниту св. Антониј Велики, ниту св. Варсануфиј Велики ако ние самите немаме правилно устројство. Бог ќе ни помогне кога ќе Му предадеме сè. Тој што има добри помисли има и духовно здравје. За време на окупацијата, малите деца, селските момчиња, со апетит гризеа парче пченкарно лепче и беа црвени во обравчињата, додека децата на богатите јадеа путер и мармалад, а сепак беа бледи и болни. Така е и во духовното. Ако имаме прости и безазлени помисли без лукавство, тогаш ќе имаме и душевно здравје. Вистинското покајание е природно смирение, додека вештачкото смирение не е потребно. Кога умот се насладува тој таму и останува, и затоа треба постојано да му даваме духовна работа.

   Монахиња: Оче, дали нашиот Ангел-чувар се оддалечува од нас кога грешиме?
   Старецот: Благословена душо, ако Ангелот се оддалечуваше така лесно, светот одамна ќе пропаднеше! Тој не се оддалечува, останува, но страда и се враќа при Бога со празни раце.

   Монахиња: Дали во манастирот има еден Ангел или има повеќе?    
   Старецот: А зошто во него да нема и земни ангели? Има и локални ангели.

   Монахиња: Оче, во денешно време постојат ли светии коишто ја виделе Пресвета Богородица?
   Старецот: Зошто, зарем тешко е тоа?! Ете, со ова ќе завршиме. Нека ве чува Божјата љубов!
   Монахињите: Амин! Амин! Амин!

 


Man.Zurce4.jpg

св. Атанасиј Велики, с. Журче