Korica.Pisma.Valaam.jpg

49. 
30 јуни 1950 г.
Ти рече дека св. Григорие Ниски напишал: „Сите паднати битија, па дури и демоните, ќе доживеат препородување и обновување и ќе бидат спасени". Тоа тој го рекол како претпоставка, а не како тврдо верување. Светата Црква тоа негово мислење не го прифатила. Кај св. Григориј, освен таа претпоставка, се останато е чисто и православно. Преп. Варсонуфиј им зборувал на своите ученици: „Не мислете дека луѓето, макар и да се свети, можат потполно да ги достигнат сите Божји длабочини!" Свети Апостол вели: „Делумно разбираме и делумно пророкуваме" (1. Кор. 13, 9.). И уште: „О длабочино на богатства и премудрост и разум Божји. Колку се неиспитливи Неговите судови и неипитливи Неговите патишта!" (Рим. 11, 33.)
Светото писмо вели дека ќе постојат вечен живот и вечно мачење и ние треба цврсто да веруваме во тоа и да не се впуштаме во истенчено богословие заради својот ограничен ум и срцето неочистено од страстите. Свети Јован Лествичник пишува: „О браќа, ние нема да бидеме обвинети при излегувањето на нашата душа затоа што не сме правеле чуда, затоа што не сме богословствувале и не сме достигнале виденија туку, без сомневање, на Бога ќе му дадеме одговор за тоа што не сме плачеле поради своите гревови" (слово 7, гл. 70). А св. Исак Сирин вака зборува: „Бегај од мудрувањето за догматите како од лав кој се нафрла на се" (слово 9-а). Јас би можел уште многу да пишувам на оваа тема, но мислам дека и ова е доволно.

50. 
2 февруари 1950 г.
Усрдна застапничка, Мајка на Вишниот Господ.
Ти посакувам добро здравје, богољубива слугинке Божја!
Ти се уште не научи да водиш борба со непријателот на човечкиот род. Ти се приближил со своите лукави досетки, а ти веднаш паѓаш во очај. Успокој се и не вознемирувај се! Ѓаволот те заплискува со спомени на претходните согрешенија; а нив не треба да ги прифатиш, едноставно не обрнувај внимание. Еве што пишува преп. Марко Подвижник: „Претходните гревови му штетат на верниот, ако се потсетува како изгледале! Бидејќи ако носат со себе тага, тогаш оддалечуваат од надешта, а ако се јавуваат без тага, не носат во претходаната нечистотија". А преп. ава Доротеј рекол: „Ако страста не вознемирува, не треба да се возбудуваме од тоа, бидејќи возбудувањето е плод на неразум и гордост".
Најмногу од се плаши се од гордоста, бидејќи поради гордоста главниот ангел — Денница (Луцифер), станал сатана, т.е. противник Божји и за него Господ подготвил вечна мака. Кога ѓаволот те заплискува со помисли на самофалба, тогаш треба само да се сетиш на претходните гревови за да се смириш како што е речено во Отачникот. Всушност, еден подвижник кога ѓаволот почнал да го напаѓа со самопофални помисли, си рекол себе си: „Старче! Погледни на својот разврат!" А за твоите претходни нечисти побуди, чедо, биди спокојна, Бог ќе ти опрости.
Си почнала да се разболуваш. Што да се прави? Потпри се на Божјата волја. Болестите не потсетуваат на преминот во вечноста. Ти посакувам телесно здравје и душевно спасение.
Господ нека те варди!

51. 
1951 г.
Вашето писмо го добив навреме. Во потполност ја разбирам вашата голема тага, дури и сочувствувам со вас. Што да се прави! Па неволјите не ни доаѓаат без Божјата волја; кога не би имало неволји, не би имало ни спасение (без неволја, нема богомолие). Неволјите и жалостите, сепак, многу не смируваат, а секого и насекаде го следат, само во различни форми. Судовите Господови се недостапни за нас грешните и никаков ум не може да проикне во нив, бидејќи Господ им испраќа на луѓето различни неволји: на едни многу тешки, а на други — лесни. „Против неволјите и жалостите постои едно средство — трпение и молитва", рекол преп. Марко Подвижник.
Голема грешка ни е што малку мислиме на преминот во другиот свет. Па нашиот живот во оваа долина на плачот не е ништо друго, освен пат кон вечноста и подготовка за неа. О вечност, ти си вечност што нема крај! Страшно е и тука, но иако понекогаш тешко се живее, бидејќи ни доаѓаат тешки неволји и тешки болести, сепак ни се дава и некоја утешителна помисла: ќе умрам и сето тоа ќе заврши. А таму, што ме чека таму!?
Господи! Спаси не грешните по патиштата што ги знаеш! Амин!
Напишавте: „Вие ја знаете мојата неволја со која се спасувам во молитвената доверба и милоста Божја, препуштајќи на Неговата блага волја според Својата промисла, се да направи за наше добро". Тоа е добро кажано, дури и потресно, до солзи. Всушност, само така ќе ги олесниме неволјите и ќе ја избркаме вознемиреноста. Вие го читате преп. Варсонуфиј Велики — многу поучна книга. Јас сиот живот ја читам и не можам да и се изначитам.
Светото писмо можат правилно да го разберат само чистите по срце, само тие ја поимаат волјата и намерата Божја во Писмото. А на луѓето, со срце не очистено од страсти, Писмото ќе им биде камен на сопнување.
Не би ни одговорил на вашето писмо, но заборавив на својата непросветеност и го напишав она што ми лежеше насрце.

 

(Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)