za.pocitta.jpg
Сергеј Бољшаков

Беше тоа во пролет, на денот на Вознесение Господово, при самиот крај на месец мај. Беше убав и сончев ден. Јоргованот скоро да имаше процутено, а на овошките веќе се забележуваа неголеми круши и јаболки. Седев со отец Тихон на клупичка во градината.


- Каква благодат! – забележа отец Тихон. Благо време. Треба да живееш и да се радуваш. Кај оној што ја твори Исусовата молитва, како оној боготражител, во душата секогаш е пролет. За ништо не треба да се врзуваш. Исто така не треба ни да живееш во минатото ни во иднината. Треба да живееш во сегашноста, во денешниот ден, а за се да Му благодариш на Бога. Така се поминува. Ете, епископ Тихон Задонски, мојот ангел, има напишано: „Се е минливо како вода; бев дете, сирото, и многу се напатив, и тоа помина; во училиште бев сиромашен, ми се смееја, - и тоа помина; потоа како најдобар завршив богословија, станав предавач и почнаа да ме уважуваат – и тоа помина; ме произведоа во архимандрит на голем манастир, па ме поставија за ректор на богословијата, луѓето почнаа да ми се умилкуваат – и тоа помина; станав архиереј, патував со кочии со повеќе запреги, престојував на дворот, видов многу добро и зло, користољупците ропски ми се поклонуваа – и тоа помина; се повлеков, почнаа да ми здодеваат, дојдоа болести – и тоа помина; потоа дојде староста – вечен покој, се надевам“. Ете, Сергеј Николаевич, тоа е нашиот живот. Јас се родив во сиромашно семејство, учев во скапо училиште, стапив во гарда, бев на дворот, се насладував на животот на пијаниот како Лав Толстој, и тоа помина. Дојдоа неуспесите на Академијата, женидба со разведена жена, интриги, одење под суд, неволји и жалости, и тоа помина. Како млад бев унапреден во полковник. Но веќе го имав изгубено интересот за кариерата. Увидов дека се е пропадливо и минливо. А тогаш, војна револуција, граѓанска војна, емиграција, женината страшна болест и нејзина смрт, тешка работа како надничар – и тоа помина. Сите тие жалости и страдања ме приведоа кон верата и монаштвото, и ја научив вештината на непрестаната молитва, и на се се радувам. Без жалости и тешки искушенија јас воопшто не би и пришол на верата.


- А кажете, отец Тихон – го прашав монахот – како да се стекне духовен мир, како да се избегнат бескорисните болки и илузорните надежи?
- Еве како би кажал. Живејте во сегашноста. „Доволно му е на секој ден неговото зло“. А притоа, зафатете се за молитва. И тогаш ќе ви се отвори нов и чудесен свет. Токму така? Вие знаете за ноќните пеперутки? Тие ни изгледаат неугледни и неинтересни, но на другите пеперутки, кои имаат подруго устроени очи, тие им изгледаат исклучително убави, сјајни, се прелеваат во сите бои на виножитото. Баш така и на оние, кои достигнале созерцание, како оној боготражител, светот им изгледа поинаку. Во се се гледа величественоста на Творецот и Неговото неисцрпно милосрдие. И штом молитвата почне да му прилегнува на срцето, доаѓаат таква утеха и радост и се отвораат такви созерцанија  во суштината на секоја твар, што тоа не може да се искаже. Тоа може само по опит да се разбере.
- А зарем тогаш не може да се западне во гордост?
- Може многу лесно. Но можно е да се избегне тој пад. Преподобни Макариј Велики со право воочил дека без сите други добродетели човек сепак може да се спаси. А сатаната имал се, освен смирение, и паднал занавек. Добро е богомислието и размислување за големите тајни, кои не опкружуваат, но оние на кои што притоа им недостасувало смирение, паѓаа во мудрување, и се спротивставуваа на Црквата и пропаднаа.
- Имам читано, отец Тихон, дека тибетските „отшелници“ кои се подвизуваат со повторување на мантрата (молитвата – „Ом ман падме хум“, т.е. “Благо, во лотосот те поздравувам“), постепено доаѓаат до голема тишина и восхитување. Кога ќе стигнат до одреден врв, тие постепено ја скратуваат мантрата, и, најпосле, еднаш во текот на ноќта, излегувајќи од својата пештера и гледајќи ја величенственоста на звезденото небо, кажуваат само „О!“ и изумираат во согледувањето на величенственоста која им се открива. Ете, и Алберт Ајнштајн го прашаа дали тој има вера. Им одговорил: „Да, ако под неа  подразбирате одушевеност од модроста и величенственоста кои владеат со светот“.
- Но учењето на црковните догмати Ајнштајн не го признаваше. Што мислите за тоа, отец Тихон?
- Не е наше да судиме што гледаат тибетските отшелници или како Ајнштајн го сфаќа Божественото. Ние го имаме Светото Писмо, Добротољубието и искуството на многу подвижници. Ние ќе се подвизуваме во Исусовата молитва, смирено и со трпение, и во свое време ќе дознаеме се што треба, ако не попуштиме. Главно кон што треба да тежиме е – љубовта, љубовта кон Вистината, т.е. кон Бога, и љубовта кон ближниот. Бог е љубов. Во тоа и се разликуваме од подвижниците на будизмот и хиндуизмот: кај нив е главно – знаењето, злото за нив доаѓа од незнаење, додека кај нас главна е – љубовта. На Страшниот суд нема да не прашаат каде, како и колку сме се молеле и созерцувале, туку дали сме го нахраниле, напоиле, или посетиле ближниот наш. Со тоа ќе бидеме или осудени или оправдани. Тоа не значи дека ние не можеме да се предадеме на созерцанието. Тоа особено и приличи на староста, кога веќе немаме сила за делотворно милосрдие, а исто така и на оние кои Господ ги повикал пред Него да стојат. Но, ни отшелниците не смеат потполно да се осамат, туку треба писмено или усмено да одговараат на духовни прашања кога им ги поставуваат. Сите големи отшелници тоа го правеа, и Антониј, и Макариј, и другите. Се треба да се работи со топлина во срцето.

Подготвиле: Б.М/Б.Ѓ

Посети:{moshits}