Korica.Pisma.Valaam.jpg

25. 
5 декември 1947 г.
Го добив твоето топло писменце. Ме израдуваа твоите последни зборови: „Во мене нема никакви превирања, туку се е тивко и спокојно". Според учењето на св. отци така и треба да биде: ако се потсопнеш во некоја добродетел (доблест), не треба да се плашиш! Ако си паднал, стани! Ако повторно си паднал, повторно стани и така до твојот последен — смртен час! „Слава, Господи, на Твоето милосрдие! Големо е Твоето богатство што си ни го дал нам на грешнте — покајанието, бидејќи Ти се симна на земјата, не поради праведните, туку поради нас грешните".
Еве, ти си зафатила чиста вода и неочекувано ти паднала жаба во бунарот; исфрли ја надвор и живата вода ќе остане чиста. Ме радува што од корен почна да разбираш што значи духовниот живот. Голема среќа е што св. отци од сопствното искуство ни оставиле совети добиени преку искуственото доживување. Почесто гледај во нивните книги.
Господ нека те варди! Спасувај се!

26. 
29 декември 1947 г.
Непотребно се вознемируваш поради своето малодушно писмо. Луѓе сме и расположението ни е променливо. Добро е што пишуваш за своите доживувања, тие не ме вознемируваат, напротив, ми се допаѓа кога пишуваш за се, едноставно и без срам.
Вообразеноста и сеќавањето се исто внатрешно чувство. Понекогаш потсетувањето на изминатите настани на човекот му паѓа како да го удираат со чекан по глава. Тука е потребна внимателна молитва со трпение. На сеќавањето треба да се наддава читањето на Светото Евангелие и св. отци, со еден збор, умот да не биде празен. Изминатите настани треба да се заменат со други мисли и претходните спомени постепено ќе бидат истиснати и самотијата ќе помине. Во едно срце не можат да живеат заедо двајца господари.
Грешните страсти никогаш нема да ги задоволиш, колку повеќе ги храниш, толку повеќе бараат храна. Страстите се слични на песот „кој навикнал да го лиже држачот за месо", штом „земеш стап и го избркаш, тој на држачот повеќе нема да му приоѓа". Св. Апостол вели: „Внимавајте како одите во опасност!" И уште: „Она што е зад тебе заборави го, а стреми се кон она што е пред тебе!"
Една позната госпоѓа ми напиша долго писмо. Пишува дека почнала да ја прима Исусовата молитва. Каква радост е што во светот постојат молитвеници! Таа била во Германија, а сега оди во Јужна Америка. Среќен и пат, Господ нека и помогне! Чедо, еве што да правиме: ајде јас и ти подобро да почнеме да се занимаваме со молитвата, по примерот на споменатата госпоѓа. Господи, помогни ни! Ти сега се навикна на својата работа и за неа веќе не размислувај! На својата свест додај и молитва и богомислие. Вистинскиот час е, почни. Без молитва животот ќе ти биде исполнет со многу воздишки, а од молитвата, кога ќе добиеш навика, срцето ќе ти се развесели и ќе ти се смири. Блажена е таа состојба. Понекогаш дури и овде на земјата молитвените луѓе го претвкусуваат идното блаженство.
Господ нека не варди со Својата милост!

27.
1947.
...Господ, по Својата милост, ти дал да вкусиш, макар и сосема малку — „Колку е добар Господ", и ти по малку си почнала да разбираш што значи. „Царството Божјо е внатре во нас". Во моментите додека тоа го вкусуваш, надворешниот свет како веќе да не постои. Сега ти е позната блажената состојба, како и зошто таа не остава. Господ нека те измудри! Твојот начин на борба со страстите е правилен, бидејќи поредок меѓу страстите нема; која страст ќе те нападне, со неа и бори се, но знај дека со твои сили не можеш да ги победиш; токму тогаш треба Господа да Го повикаме напомош. А осудувањето е големо зло. Оној кој осудува, го приграбува судот Божји, па Господ на таквите луѓе им дозволува да паднат во истите гревови за кои ги осудуваат другите. Причина за страста на осудувањето е живеење без внимание. Само убаво загледај се во своето срце и ќе видиш колку најразличен трулеж има таму.
Твоето телесно здравје, исто така, е незавидно, но немој да паѓаш со духот, препушти и се на волјата Божја, ако не денес, тогаш утре сите ние ќе умреме.
Еве што забележав: голема грешка и слабост е кога луѓето многу се трудат да го продолжат својот живот. Смртта и животот на човекот, сепак, се во рацете на Бога, а Господ рекол: „Барајте го најнапред Царството Божјо и Неговата правда и се останато ќе ви се додаде!" Наша грижа и тежнеење треба да биде да живеме според Божјите заповеди и да го очистиме срцето од страсти.
Јас ти пишав: не вознемирувај се! Овие зборови се однесуваат на тоа да не тежнееш кон повисоки духовни состојби предвреме, се се случува во свое време. Ако местото во срцето биде подготвено преку исполнување на Божјите заповеди, ќе дојде и таа состојба на блаженство кога не ја очекуваш.
Наше е да тежнееме и да се напрегнуваме, а се останато зависи од благодатта. Уште би забележал: ако осудуваш, солзите и умилението нема да дојдат.
Господ нека те вразуми и варди!

28.

Христос помеѓу нас!
Во своето последно писмо ги повторуваш своите доживувања. Но, тие сега, Му благодарам на Бога, завршија. Кога би немало жалост и неволји, не би имало ниту спасение, рекле св. отци. Од духовната мака има две ползи: првата — усрдност во обраќањето кон Бога и благодарност од сета душа што во човекот ја побудува; втората, пак, полза е избавувањето од суетните грижи и настојување. Од светоотечките списи се гледа дека тие биле слични на нас: и тие, исто така, биле потиштени и малодушни, па дури и го искусиле и она што не сакале да го запишат за нас неискусните во духовниот живот да не не збунат и фрлат во очајание. Секако, Господ допушта неволјите и жалостите, оние кои не снаоѓаат, да бидат сразмерни на нашите сили, онакви какви што можеме да ги поднесеме. Неволјите и жалостите не смируваат. Ние имаме некаква самоувереност дека со сопствени сили ќе напредуваме во духовниот живот, а во неволјите и жалостите и се учиме на смирение и на тоа дека нашите настојувања без Божја помош не ја постигнуваат целта. Наш треба да биде трудот во добродетелта, а успехот во добродетелта (доблеста) зависи од благодатта; благодатта, пак, од Бога се дава само на смирените, а без случувањата што смируваат нема да се смириш.
Мудроста на духовниот живот св. отци до ситници ја објасниле во своите дела, а тие списи се запознаваат преку — животот. Ако сам работиш на чистењето на своето срце од страстите, се ќе ти биде појасно и поразбирливо. Преподобни отци, молете Го Бога за нас, грешните и отворете го нашиот ум да го разбере она што сте го напишале!
Пишуваш дека задолженијата ти ја растресуваат молитвата. Додека ги извршуваш задолженијата, имај сеќавање на Бога, и тоа, исто така, е молитва. Добро е што кај тебе постои тежнеење кон духовен живот и молитва. Тоа веќе е половина спасение. Понатаму, повторно, Бог ќе ти помогне, само немој да паѓаш со духот и не биди малодушна.
Господ нека ти помогне!
Уште пишуваш дека не си поставила ни почеток. Тоа чувство е добро, тоа е пат кон смирението. Во духовниот живот така и се случува, според законот на духовното знаење: колку човекот се приближува на Бога, толку повеќе ја согледува својата расипаност и грешност. Чувај Боже, ако човекот сам на себе си изгледа праведен!
Господ нека ти помогне. Господ нека те избави од вечните маки.

 Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)

Писма на валаамскиот старец (6)