bogorodica.k.dol.jpg

21.
15 јули 1947 г.
Ја добив харингата. Си се потрудила дури и коските да и ги извадиш. Многу, многу ти благодарам! Бев кај отецот игумен во болницата во Куопиј. Него го лекуваат со зрачење. Патував со пароброд, во втора класа, седев во трпезаријата. Ми беше интересно да набљудувам како живеат луѓето. Се сетив на зборовите на св. Јован Богослов: „Бидејќи се што е во светот страст, е телесна, страст на очите и надменост на живеењето!" Тоа се потврдуваше на секој чекор, секаде се гледа само суета и гордост, во тој вртлог и се врти многуметежниот свет со своите прелести. Свети Исак Сирин рекол: „Овој свет е ласкавец и измамник, а тоа човекот ќе го почувствува дури тогаш кога ќе заминува во вечноста." По Божја милост, јас се сеќавам дури и на содржината на секое писмо, иако не ги чувам.
А на тебе, духовно чедо, уште еднаш од душата ти благодарам за сите твои дела и добри желби. Пиши ми, ќе ти одговарам колку што можам.

22. 
16 септември 1947 г.
По Божја милост, здрав сум. Житото од полето го ожнеаја и го овршија. За време на вршидбата, јас дури и се разболев, се преладив; топлината, потта и провевот... Сега почнаа да го копаат компирот. Компир има многу. Ако не послужи вре¬мето, вадењето ќе потрае до две недели. Кога е човекот здрав, добро му е и да поработи, дури е и поучно, понекогаш и до солзи. Секој се напрегнува според сопствената сила. Разговорите, секако, се разни. Понекогаш некои и се препираат, дури и ќе се скараат. Луѓе сме, и она човечкото, неизбежно во се се вплеткува.
Јеромонахот Михеј во мир почина во понеделникот, на 15-ти, во три наутро, ќе го погребаат во среда. Спомни го, Господи во Царството Свое! И на тебе и на мене, мое духовно чедо, неизбежно ќе ни дојде ред! Господи, помогни ни нам нагрешните да поставиме добар почеток и по патиштата што ги знаеш спаси не нас грешните. Амин.

23. 
27 ноември 1947 г.
Не одвојувај се многу од другите. Одиш на именден, и оди, само и таму биди внимателна со духот, оди во присуство на Бога. Вие таму немате прикладни луѓе на кои би можела отворено да им ги довериш своите преживувања, а со неискусните не треба да се зборува, бидејќи можат да ги искриват работите. Свети Петар Дамаскин рекол: „Во почетокот многу страдав од неискусни советници".
Не чуди се што понекогаш на тебе гледаат со недоверба кога нешто им кажуваш, бидејќи тие имаат сосем поинакви сфаќања од твоите. Прилагодувај се, зборував во склад со нивното духовно настроение.
Лошо е што не знаеш да молчиш. Св. Ар¬сение секогаш се каел за многусловието, а за молчењето - никогаш. По читањето на светоотечките книги, секако, списите на епископот Теофан Затворник ќе ти изгледаат некако суво. Тие две работи можат вака да се споредат: делата на св. отци се павлака, а епископот Теофан — млеко разблажено со вода.
Пишуваш дека е многу голема доблест — сеќавањето на смртта. Свети Јован Златоуст се молел на Господа да му подари сеќавање за смртта, бидејќи тоа е — дар Божји. Некаде е кажано: „Сеќавај се на својот крај и никогаш нема да грешиш!"
Господ нека те варди, духовно чедо!

24. 
29 октомври 1947 г.
Најчесна во Христа!
Продолжи да се молиш онака како што се молеше досега. Стоиш во Исусовата молитва и во сеќавањето на Бога. Свеста дека Бог е тука и дека се гледа и се знае е еднаква на молитвата. Кон повисоките работи, како што се умилението (молитвена трогателност) и солзи, не стреми се! Тие доаѓаат кога не ги очекуваме, секако, според Божјата милост! И добро е што во себе го имаш тој стремеж за молитва, и покрај твојот живот што е исполнет со обврски — при толку канцелариска работа и грижа за домаќинството. Не чуди се што не можеше уста да отвориш пред познатата личност, и мене ми се случува тоа, а тоа го има и кај св. отци. Прочитај кај св. Касијан, на 187. страница, во 29. глава, 10. ред одозгора и понатаму. Господ нека те измудри!
Во манастирот досега се е добро, живееме обичен манастирски живот, а што се однесува до она што не чека во иднина, нека биде во се волјата Господова. Ова го зборувам за сегашниот надворешен живот на земјата, а како главно е секој од нас неизбежно го чека часот на смртта. Овој наш привремен живот е пат кон вечноста и подготовка за неа. Господи, помогни ни нам на грешните да Ти благоугодуваме и не испрати ни христијански крај (смрт).

 

(Продолжува)

 Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

Друго:

 Писма на валаамскиот старец (1)

Писма на валаамскиот старец (2)

Писма на валаамскиот старец (3)

Писма на валаамскиот старец (4)

Писма на валаамскиот старец (6)