На сметката на манастирот постојано пристигнуваат донации не само од Македонија туку и од странство


Една година по пожарот во познатиот манастир

На 4 февруари се навршува една година од стравотниот пожар во манастирот „Трескавец“, во кој целосно изгореа конаците градени со многу љубов низ годините. Стравотна беше сликата тој ден под Златоврв. Огнените пламени околу пладне за многу брзо време се проширија и ги пеплосаа конаците. Не постојат зборови со кои може да се опишат чувствата што во тој момент се појавија кај секој верник, секој прилепчанец. Секој што можеше во тие моменти стигна да помогне побрзо да се изгасне огнот. Се организираа општината, јавните претпријатија, интервенираа хеликоптерите на АРМ и за неколку часа се изгасна пожарот. За среќа, црквата, вредното архитектонско, религиско и културно наследство, беше спасена.

Отецот Калист, кој долги години се грижи за манастирот, не сака да зборува за тој ден. Сака да ги заборави тие часови кога во огнот изгоре неговиот топол дом, конаците.

Спасени црквата и вредните предмети

- Не сакам да се навраќам на неубавата слика од пред една година, оти сите заложби сега се насочени кон обновата - вели отецот Калист, кој успеа од пожарот да ги спаси вредните манастирски предмети.
Командирот на територијалната противпожарна единица Станко Колески вели дека минатогодишниот пожар во манастирот бил еден од потешките за гаснење.

- Со натчовечки напори, со сите мерки и активности што ги презедовме успеавме да ја спасиме црквата и дел вредни предмети, кои со голи раце ги изнесов. Сѐ друго изгоре. Од конаците останаа само голите ѕидови. Се надевам сите ќе придонесеме во обновата - вели Колески, кој жали што морал вторпат да гасне пожар на „Трескавец“.

Желбите на надлежните од општината, од МПЦ, од Заводот и музеј на државата, се конаците на „Трескавец“, кој од УНЕСКО е прогласен за еден од 100 најзагрозени споменици на културата, час поскоро да се возобноват и да блеснат во автентичен сјај. Градоначалникот Марјан Ристески вели дека од интерес на градот е што поскоро да се возобноват опожарените конаци.

- Сега кога се изгради патот, кога има интерес за посета на манастирот, очекуваме возобновувањето да заврши побрзо, оти вложуваме во развој на манастирскиот туризам и очекувањата се годишно над 100 илјади посетители да доаѓаат на „Трескавец“0. Ги повикувам сите граѓани на Р. Македонија, како што и многу пати досега се покажале хумани, колку што можат да донираат на жиро-сметката на манастирот за изградбата на конаците - вели Ристески.
На сметката на манастирот постојано пристигнуваат донации не само од Македонија туку и од странство.

Проектот за реконструкција на доработка

И додека средствата за обнова се собираат, Заводот и музеј работи на дополнување на основниот проект за санација, реконструкција и реставрација на конаците, во согласност со насоките што ги дала комисијата од Националниот конзерваторски центар.

- Почнавме да ги вршиме дополнувањата односно корекциите што ни беа посочени, а се однесуваат на решенија за армирано бетонската конструкција и корекција на детали на дрвените елементи, заради постигнување автентичност на конаците. Ќе работиме студиозно за да ги завршиме дополнувањата како што треба по сите насоки на комисијата, пред сѐ поради поголема стабилност на објектот и за естетскиот изглед и автентичноста на конаците. Инаку, се работи за голема површина од 1.400 квадратни метри - вели Гордана Д. Спироска, директорка на прилепскиот Завод и музеј.
Отецот Калист е оптимист. Очекува дека градбата ќе почне напролет и истакна дека сета мисла сега му е свртена кон обновата на манастирските конаци.

- Трескавец ќе биде изграден во автентичен стил, со запазување на сите стандарди, а ќе се реши и горливиот проблем со водата - додава отецот.

Паралелно во музејот, со поддршка на Министерството за култура, се работат проектите за заштита на црквата, која датира од 13 век, и на трпезаријата, која е во многу лоша состојба.
Инаку, по изградбата на патот, како што пишуваше „Нова Македонија“, десеткратно е зголемен интересот за посета на манастирот. Снежната покривка од неколку сантиметри не ги спречува посетителите да се искачуваат до горе, иако можеби малку потешко со коли, ама пеш секој викенд има поголеми или помали групи добронамерници.                                    
Истрагата за пожарот сѐ уште е во тек

Истрагата за пожарот во кој изгореа манастирските конаци сѐ уште е во тек. Од прилепското обвинителството велат дека го очекуваат вештачењето за да донесат обвинителска одлука.
Инаку, според првичната информација, затнатиот оџак на кој била поставена печката во гостинската соба бил причината за појавата на пожарот. Тогаш беше изјавено дека дошло до запалување на саѓите и смолите во оџакот, кои паднале на подот во собата и огнот многу брзо се проширил, а за тоа придонел и ветрот, кој дувал со брзина од 38 километри на час од западен правец.

Извор: Нова Македонија