Полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи“ на светска листа

Полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи“ во Kавадарци кој потекнува од првата половина на 14 век е вклучен во World Monuments Watch (WMF) листата за 2014 година. Тој е избран меѓу 67-те локалитети, односно споменици на културата од 41 земја, и секој од нив претставува незаменливо сведоштво на човековите достигнувања и на различноста на културите од целиот свет.

Манастирот „Св. Ѓорѓи“ е предложен од Националниот конзерваторски центар – Скопје (НKЦ), односно од м-р Јасминка Николиќ-Новаковиќ, историчар на уметноста – советник конзерватор и м-р Јехона Спахиу, историчар на уметноста – виш конзерватор, кои ја подготвија апликацијата испратена до World Monuments Watch (WMF).

Оваа  листа е формирана во 1996 години, на секои две години се дополнува со нови локалитети. Таа има за цел да го привлече меѓународното внимание за предизвиците и опасностите со кои се соочува културното наследство во целиот свет. Храмот е четвртиот споменик на културата, локалитет од Македонија кој е вклучен во листата по манастирот Трескавец, Прилеп (2006), црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид (2008) и археолошкиот локалитет Стоби, Градско (2012).