Сергеј Бољшаков

Отец Аркадиј стоеше на балкончето од својата ќелија и ги хранеше гулабите. Беше тоа висок и убав човек, во педесетите години. Секогаш пребиваше во благодушно (спокојно-радосно) расположение и беше мил.

- Кажете, о. Аркадиј, како вие секогаш останувате така благодушно расположен?

Отец Аркадиј одговори, насмевнувајќи се:

- Зошто да се жалостам? Сит сум, здрав, облечен, обуен, живеам во удобна ќелија, служам во црквата како ѓакон, го работам во столарската работилница својот занает, читам душеполезни книги и се подвизувам во молитвата. Што уште ми треба? Оној кој сака повеќе од тоа се подврнува, според апостол Павле, на многу скрби и страсти. Ги совладуваат час алчност, час честољубие, час осветољубие, час похота. Кога не можат да го достигнат она што го сакаат, се срдат и раздразнуваат, а достигнувајќи го, паѓаат во неспокојство да не го изгубат она до што се докопале. И заради тоа се катаден во жалости и сомнежи. Сергеј Николаевич, ако сакате да бидете во состојба на благодушнпст, живејте само просто, не мудрувајќи лукаво, и се ќе биде добро. Ете, старец Амвросиј Оптински вели: „Живеј просто и ќе доживееш сто години“.
- Тоа се може во манастирската обител, отец Аркадиј, а во светот?
- А, види, тој ист старец Амвросиј додава: „Може да се живее и во светот, но не како на плоштад, туку тивко и мирно“.
- А ако човекот има гревови, како тогаш?
- Исто така просто, Сергеј Николаевич. Пустинските отци раскажуваат дека дошол еднаш млад монах кај стариот Авва и му велел: „Што да правам, Авво, паѓам стално во еден ист грев?“. А Старецот му одговорил: „Но, ако еднаш си паднал, стани и покај се! А ако пак паднеш, пак стани и пак покај се!“. – „До кога така?“
- „До самата смрт!“ Еве ја тајната, Сергеј Николаевич, како да останеме во благодушност. Нема човек во светот а да не согрешил. За тоа пишува и светиот апостол Јован Богослов. Но за секој грев постои и покајание. И ете, токму тоа непрестајно покајание не спасува, од една страна, од гордоста и високоумието, додека од друга страна, не ни дозволува да паднеме во очајание.
- Токму тоа е умесната молитва Исусова, отец Аркадиј?! Оти, во неа повикуваме „Господи помилуј!...“
- Така е, брате Сергеј. Ние грешиме не само секој час, туку и секоја минута, со збор, дело и мисла – на драга волја ги примаме „предлозите“, т.е. непристојните, сомнителни, хулни или похотни помисли, ги разгледуваме од сите страни и се согласуваме со нив, а тоа што можеби не паѓаме, тоа е само оттаму што за тоа не ни се пружила згодна прилика. Тука е, ете, умесната молитва Исусова. На пример, ти дошла на ум хулна помисла, или во тебе се распалила желба за жена, или нешто те влече некого да ражалостиш, или пак да го столчиш, само обрати и се на молитвата Исусова, со шепот или во ум изговарај: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“ и прави го тоа полека, со внимание и жалостиво. И – помислите ќе отстапат. А ако дури и ги примиш и паднеш, ни тогаш не очајувај, но постојано изговарај ја таа иста молитва. И твојот дух ќе се смири. Бесите (злите духови) имаат обичај пред падот, нашиот Бог да ни го претстават како многу милостив и сепростувачки. Ни сугерираат како наводно Господ знае дека млад и силен маж е склон кон нечистотија и дека нема строго да го казни. А по сторениот грев, бесите Го претставуваат Господ како суров и беспоштеден Судија, за да не фрлат во очајание. Некои дури и ги доведуваат до самоубиство, а за лудило пак да не зборувам. Оној пак, кој повикува кон Господ да го помилува, секогаш останува во смирение. Светиот и велики Антониј ја видел еднаш сета земја премрежена со ѓаволски замки и ужаснат, запрашал: „Кој може да се спаси?“ И зачул одговор: „Смирението!“. Ете зошто е важна непрестајната Исусова молитва. Многумина, дури и меѓу монасите, велат – таа за ништо не ни служи, сосема се доволни црковните служби и ќелијното правило.

Но прво, ние не сме стално во црква или во ќелија, а искушенијата насекаде не следат, а второ, кога пеењето и читањето молитви во црквата навистина би спасувало, тогаш – како што старец Василиј Полјанопомеруљски пишуваше –певците и чтеците (читачите во црквата) зад певницата секаде би биле обрасци на добродетелта, но тоа баш и не се гледа. Дури и кога убаво пеат и читаат како треба, нивното внимание повеќе се троши на самиот поредок на пеењата и читањата, на тоа како се помузикално да се отпее или театрално да се прочита, отколку на смислата на она што се пее или чита. Секако има и певци и чтеци многу духовни...

- А кажете ми, отец Аркадиј, што е повозвишено – да го делиш животот со другите, како во киновија или општежитие, или живот во осаменост, во затворништво или пустина.
- Се има свое време. Почетникот треба да оди во општежитие, тука добро да се  протрие. Ене, камењата на брегот на езерото или морето се аглести и остри кога ќе паднат во водат, а потоа кога добро ќе се протријат еден од друг така ќе се заоблат што стануваат обли како јајце или топче. Така и општежитието со триење ги заоблува нашите незграпности и го тестира нашето смирение, трпение, безгневие, и некористољубие. А кога сите тие добродетели ќе станат нешто за нас вообичаено, тогаш можеме да тежнееме кон осаменоста, кога веќе ќе зајдеме во години, во педесетите години, а ако почнеме порано, тоа е само наш хир и суета и висока умисленост. А ете, кога некој ќе се истрие и ќе навикне на молитвата Исусова, тој може, дури и треба да оди во осама, и да се подготви за премин во друг, духовен свет. „Оти, во што ќе ве затекнам, во тоа ќе ви судам“, вели Господ. Кој како мудрите деви секогаш е спремен на Исусова молитва, имајќи масло за светилката на својата душа, тој преминува во друг свет, кога ќе го повикаат – ќе биде подготвен. Токму за таков крај (смрт) ние и се молиме се зборовите на ектенијата: „Христијански крај на нашиот живот дај ни, без болести, непосрамен, мирен, и да дадеме добар одговор на Страшниот суд Христов!“ Ете каква е молитвата Исусова. Оној кој во неа исправно се подвизува, станува смирен, едноставен, срдечен и благостив човек. И што уште можеме да посакаме?

Беше тоа прекрасно летно утро. На синото небо блескаа златните крстови на храмовите Божји – бели, розикави и светложолти. Во зелените крошни на дрвјата пееја птици. Мирна радост владееше насекаде.

 

Подготвиле: Б.М. / Б.Ѓ.