(Обновено)

о. Горан Стојчевски

ЕВАНГЕЛИЕТО КАКО ЖИВОТ, А НЕ КАКО ПРОФЕСИЈА

Она што го разликува Новиот од Стариот Завет е
токму присуството на Христос, Кој Самиот присутен,
ги распоредува душите на луѓето на неискажлив начин за да ги обликува.
– свети Николај Кавасила

...и не смееме да се врзуваме душевно (телесно) за духовниот отец,
туку само за неговото евангелско слово (ако е такво) –
разликата меѓу овие две врзувања е како разликата меѓу вистината и прелеста.
–    Митрополит Наум Струмички


    Што толку длабоко допира до нас? Дали е тоа ревноста за Бога или ревноста за нашата професија? Како денес, и не само денес, се брани Црквата, со што? Ако Црквата може и треба на светот да му ја понуди Евхаристијата, присуството на Царството Божјо во овој свет, односно благодарењето што треба да го опфати сиот свет за да му Го принесе на Творецот – Твоја од Твојих – како што секој од нас лично му се принесува на Христос со земање учество во Неговиот Крст преку личното аскетско-исихастичко царско свештенослужење во подвигот, така Телото Негово – Црквата, и соборно го принесува тоа благодарам: да му благодариме на Господа.  


Таа доверба, таа надеж не само во Живот Вечен, туку самото ветување дека Светотроичниот Бог штедро сака да ни го даде по благодат сето она што Го има Он по природа – ова севкупно предание на Отците кратко ни го изложил свети Никола Кавасила, пренесувајќи ни го вековното и вечно искуство на Црквата. Истовремено, тој ни го покажува и христоцентричниот карактер на теологијата дека обоженото Тело Христово што ни се дава во Причеста е Извор на благодатта, онака како што е и непрестајното молитвено повикување на името Исусово. Едното од другото е неразделно, неизменливо, неодделиво, неспоиво, оти сите имаме полнота во Богочовекот Христос. Или, како што поточно истакнува светителот: „Ако икономијата на објективното спасение има Троичен карактер, тогаш субјективниот карактер се состои во синергија на Христовото присуство во Тајните и личната слобода на верниот“.
Сега можеме да си го поставиме прашањето: штедро ли даваме налик на нашиот Отец или се скржавиме за нешто што и онака не е наше? Оти сѐ е од Бога, освен лагата и гревот. И дали од повикот правиме само професија, фела што треба да се брани, празнина што ја пополнуваме со цртки и решки од моралноста? Се лажеме и грешиме, а тоа го правиме од самиот почеток на падот со непослушноста, со гордоста дека можеме да бидеме богови без Бога. А каде така? Па, и сите најнапредни научни достигнувања, философски мудрувања, експертски залажувања од секоја област, не можат да го надминат фактот дека се среќаваме со Бога, со Христос, во совеста или во постапките, како и во слободниот избор на одлуки што го правиме. Тие постапки и слободен избор нѐ соочуваат со Оној Кој нѐ ослободил – и од лагата, и до гревот, и од смртта, и од ѓаволот, а тоа е Христос Богочовекот. Така исповедаме и согласно на исповедањето, така и веруваме, во Неговото Воскресение. 


Знаете ли дали постои друго Име за Него? Како би Го именувале нашиот Господ со други зборови? Секако, постојат и други зборови, но најпознатиот е Евангелие или Блага вест. Да, токму тоа, Христос е Благата вест (вкусете и видете колку е благ Господ), а таа е соопштена преку Неговите зборови: времето се исполни и Царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието (Марко 1, 15). Со тоа можеме да се одбраниме: да, секако, со Неговото Име кое е над секое друго име (Филип. 2, 9-10). „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, тоа е православното предание што ни укажува дека Еванагелието може да ги даде и ги дава сите одговори: Христос е Оној во Кого живее телесно сета полнота на Божеството (Кол. 2, 9), Син Божји и Син Човечки, Богочовек, чии зборови и дела нема да преминат (Мт. 24, 35), бидејќи Он е Патот, Вистината и Животот (Јн. 14, 6). Затоа и светот очекува од нас да се браниме и одбраниме и да ги уловиме за спасение само со Него (Марко 1, 17), со потврдените Негови зборови во дела, со Евангелието.
Светот и луѓето сѐ уште ја очекуваат Благата вест, оти таа треба да се проповеда до конечното исполнување на времето и просторот во Царството Небесно. Зошто Евангелието? Тоа сведочи за Љубовта (Новиот Завет), не само кон Бог и ближните, туку и кон непријателите. Тоа нѐ соочува со тоа дали ќе бидеме водени според искушувачот во пустината или според гласот во пустината; дали ќе бидеме како Матеј цариникот или богатиот младич; дали ќе се одлучиме за Пилат или Христос, за Варава или Христос, за разбојникот одлево или оддесно на Крстот Христов; на крајот на краиштата, дали ќе ја следиме Пресветата Владичица како пример за обожение, на свети Јован Богослов за љубов, или Јосиф од Ариматеја за храброст; дали ќе ја следиме пожртвуваноста на Апостолите и сведоштвото на мачениците... Тоа е Евангелието – секоја мисла, збор и дело да се измерат со Христа, секој поглед кон секој и сѐ да биде со Неговите очи и да биде расудено со Христов Ум...


    Во Евнгелието секој може да се препознае во која било ситуација, случка, парабола, поука, слово и чудо. Ете затоа Евангелието може да го даде секој одговор – оти е Христос, преку Кого е сѐ во сѐ. Во Христа се крстивме, во Христа се облековме. Ги добивме даровите на Духот Живототворен, станавме деца на Отецот, се соединуваме со Телото и Крвта Христови, станувајќи едно со Него, а преку Него со сите. И ако нешто згрешивме, повторно можеме да Му се вратиме со покајанието, тоа второ крштевање и обновување на крштелната благодат, а сето тоа само за сведочење на Евангелието, на Христа.
    Сето ова води до уште едно прашање, бидејќи одговорот е Еден, Христос; но некако прашањата ни се омилени, оти целосно не сакаме да Му се предадеме на одговорот. Но, еве: зошто на Евангелието погледнавме како на обична книжнина на која ќе ги надоградуваме сите форми што отците наши ги формулираа да водат до Седржителот, до содржината, а не ние да се служиме за да ја оправдаме формата, нашата сега веќе професија – христијани? Зошто го претворивме во морална оставштина? Во кодекс за осудување? Во книга за оправдување? Зошто се враќаме на цртките и решките кога рамноапостолните нѐ просветија со Светлината на разумот и благочестието?
Евангелието е Христос, Словото Божјо кое се отелотвори преку Пресветата Владичица наша Богородица и Кој ни дарува живот вечен и изобилие (Јн. 10, 10), правда, мир и радост во Духот Свет (Рим. 14, 17), слава на деца на нашиот Отец Небесен. Да, обожението ни го покажува Евангелието, кое треба да го реализираме, да ја достигнеме благодатта Божја во сета полнота. Спомнавме погоре, за светоотечкото искуство дека Бог сака да ни го даде по благодат сето она што Он го има по природа. За тоа е потребно само нашето АМИН, во сиот наш живот. Толку малку чека Христос, Кој постојано чука на нашето срце, едно мало амин, кое како синапово семе преку благодатта Божја ќе израсне во големо дрво на кое ќе слетуваат птиците небески.  
Спасението ни е втемелено во Благата вест, но потребно е во нас да го изградиме Неговиот образ, во подобни на Него. А како на друг начин освен преку послушанието? Бидејќи со непослушност отпаднавме од Бога, со послушност се враќаме кон Него. А како да се вратиме кон послушание ако не преку евангелското слово на духовниот отец, кое, ако несомнено, како што спомнавме, сведочи за аскетско-исихастичкиот личен и соборен подвиг во Црквата, тогаш што друго ни е потребно освен амин за да продолжиме да го градиме нашето спасение? 


Едно е напишаното, но, секако, полно е ако е потврдено со живот. Денес, во нашата Црква, слава Му на Бога, има живототворно евангелско слово, кое успева преку благодатта на Светиот Дух. А ако некогаш отпаднеме, повторно се враќаме преку покајание. Ако, пак, не се вратиме, барем да не Му се противиме на Светиот Дух и да не ги клеветиме енергиите на Духот, како што вели свети Симеон Нов Богослов, особено не со цитирање на Светото Евангелие или на светите Отци. Оти аскетско-исихастичкиот подвиг е православно сведоштво; сѐ друго е само илузија. 
Затоа, да не го бараме пасиштето надвор од нашата Црква (види: Пс. 23), и, секако, да не заборавиме: Царството Божјо е внатре во нас (Лк. 17, 21). Низ тој подвиг, за тоа откритие, да не заборавиме едно слово – дека знаењето погордува, т.е. разградува, а Љубовта гради.

 

о. Горан Стојчевски

Извор: Православен пат

Лето Господово 2016

(на празникот на ВЕЛИКАСРЕДА)