Православни Императори

Во Ниш, минатата година беа погазени сите норми и вредности на верата. Светот ниту ги виде, ниту ги слушна Поглаварите проповедници на добротољубие. Во Ниш се беа збрали Императори кои дефинираа свои свери на влијание.



1700 години подоцна верските лидери на христијанството ги згазија вредностите на Миланскиот едикт. 18 века подоцна, со христијанството владеат заслепени среброљубци, горделиви великодостојници, надемени себегосподари. Ништо што минатата недела се случуваше во Ниш не го оправда јубилејното укинување на прогонот на Христијаните. Ништо! Затоа што денес е дојдено време  за еден нов милански едикт. Но, еден поинаков, кој ќе треба да го укине себепрогонот кој длабоко навлегол меѓу Христијаните. Оваа генерација на Поглавари, оваа генерација на христијански лидери го нема тој капацитет. Ако вековите по Христос, Царевите ја дефинирале вољата за верување, денес, оние кои некогаш беа прогонувани се претворени во џелати на сопствената вера. За нив Митрата е царската круна. Жезолот им е господарската сабја, а Панагијата на Христос и Богородица, декор на позлатеното императорско руво.

 

Во Ниш, минатата година беа погазени сите норми и вредности на верата. Светот ниту ги виде, ниту ги слушна Поглаварите проповедници на добротољубие. Во Ниш се беа збрали Императори кои дефинираа свои свери на влијание. На исток, Русија, на југ доминантната Грција, на Балканите српскиот хегемонизам. Се друго е помеѓу овие свери на влијанија. Или си со нив, или си отпадник Гламурозната прослава на слободтата на Христијаните, беше само интронизирање на моќта, состојба до која е доведено Православието денес. И како на времето, кога се појавија Јован Крстител, Исус Христос и сите кои тогаш беа надвор од тогашните свери на влијание, така и денес, сите кои нема да се вклопат во оваа оска, се еретици, антиканонисти и псевдоцркви. За сите тие не важат одредбите на Миланскиот едикт. Не важат, само затоа што така ценат гоподарите на православните свери.

 
Нема поголем врв на лицемерие, на безбожност, на омраза ако сакате, еден збор да не изустите за барем една запалена црква на Коптите во Египет. Да одбележувате дострел на една царска власт пред 1700 години да воспостави слобада на вероисповест, а денес 18 века подоцна да премолчите еден геноцид на вашите браќа и сестри по вера што се случува секојдневно по квази-демокарстските револуции на арапскаат пролет, е дно. Патосирање на основите на христијанската вера. Но, Коптите се на другата страна, надвор од православниот свет на Вартоломеј, Кирил, Иринеј, Јероним, Атанасиј, Теофил… Коптите се еретиции. И наместо да зборуваат за нивните обесчестени права на слободно практикување на верата, овие денешни самодекларирани властодржци на православната вистина ги кудат, ги поганат, небаре тоа им се случува поради тоа што не се дел од елитниот клуб на православните цркви. Не знам како, Иринеј Буловиќ се воздржа и онака, својски, во негов стил не заклучи дека, ете Коптите се прогонувани и уништувани затоа што така сакал Господ. А, нели Господ така сака, затоа што не дошел кај Иринеј, Вартоломеј, Теодор или некој од кругот да им ја бакнат раката, бидејќи Господ ним им го дал жезолот да ја водат неговата Црква. И ако за тоа молчат овие Поглавари, ако не покажаа ни тронка љубов, не отслужија ниту парастос за сите Христијани, кои во државите дуло на радикалното муслиманство со живот ја бранеа верата христова, тогаш навистина не знам зошто некој се тревожи за двата збора што Вселенскиот Патријарх, ги одвои за МПЦ.

 
Одбележување на 1700 години од Миланскиот едикт треба да биде јубилеј кој ќе воспостави траги во Православието. А, во Православието, денес најмалку е дојдено до квази демонстрирање единство преку возвишени литургии и долги маратонски политички говири, кои некој ги нарекува беседи. Денес во Православието е дојдено до степен кога најитно е потребно меѓусебно погледнување в очи. Потребни се часови и денови и месеци, а веројатно и години во кои констатнтно треба да се разговара, да се анализира и да се решаваат напалстените проблеми. Оваа генерација Поглавари ја пропушти оваа шанса. Следниот јубилеј е по сто години. Некои дотогаш ќе опстанат, некои можеби ќе исчезнат, но сосема сигурно е дека со овој поглед кон верата и Христијанството ќе се множат Качавенди, Пахомијевци, Иринејовци, Артемијевци и кој ли уште не.

Марјан Николовски – Новинар

 

Извор: Денешен