ПОТЕКЛОТО, ОСНОВАЊЕТО И РАЗВИВОЈОТ
НА ХРИСТИЈАНСКОТО БОГОСЛУЖЕНИЕ

Sasho.Duhovden3.jpg


Богослужение претставува целокупноста на формите воспоставени од Исус Христос и Црквата, форми преку кои луѓето го примаат Божјиот дар и преку кои верниците ги искажуваат своите внатрешни чувства . Со посредство на Богослужението, верниците преку зборови, молитви, симболи, песни, итн, ги искажуваат своите религиозни чувства за почитување и обожавање како најсовршена креација на Господ Бог, Создателот и Спасителот на светот, како и за почитување и славење на Пресвета Богородица и на сите светии.
Богослужението, преку своите форми, ја има моќта да влијае врз душата на луѓето, да ги подучува, духовно да ги возвишува и да ги води верниците кон спасение. Со еден збор Богослужението претставува Божјата рака подадена на човекот паднат во грев, за да може да се подигне и повторно да го пронајде патот кој води кон духовно и телесно спасение.
Од пишувањата на Новиот Завет може да се виде дека Спасителот Исус Христос, кој потекнуваше од еврејскиот народ, заедно со своите ученици, ги применуваше формите на јудејското Богослужение и учествуваше во сите религиозни дејства од тоа време. Тој ги празнуваше празниците на своите родители, како на пр. Пасха (Матеј 26, 17), многу често го посетува храмот од Ерусалим, за кој вели дека е “домот на Мојот Татко” и “дом за молитви” (Матеј 21, 13; Марко 11, 15; Јован 2, 14-16), оди во синагоги во кои не само што се моли, туку и многу често проповеда на народот (Матеј 4, 23), пости и на сите им го препорачува постот како средство за спротивставување на злото (Лука 22, 46; Матеј 17, 21).
Мотивот за доаѓањето на Исус Христос не беше да го реформира јудејското Богослужение кое се базираше на крвни жртви, туку да оснива ново Богослужение, кое ќе се базира на бескрвната жртва која Спасителот ја претскажува и која подоцна ќе биде принесена на Голгота, како и духовното чувство кое се воспоставува помеѓу Господ Бог и човекот, кое всушност е безмерната љубов.
Оснивањето на ова ново Богослужение од страна на Спасителот ќе се случи на Тајната Вечера на Велики Четврток од Страстната седмица, на која Тој присуствуваше заедно со своите ученици. На ова вечера Тој ја оснива Светата Тајна Евхаристија, со што всушност ги постави темелите на новото Богослужение, а ја определи и неговата материја (лебот и виното). На крај на Тајната Вечера, Спасителот им заповеда на своиоте ученици “ова да го правите за мој спомен”(Матеј 26, 29). Светите Апостоли а потоа и нивните наследници многу добро ја сфатија оваа порака и со светост ја исполнуваат сé до денес.
За почеток на новото Богослужение се смета Педесетницата, кога Светите Апостоли ја примија надприродната моќ на дарот на Светиот Дух, за да би можеле да ги извршуваат свештеничките функции. Како најстар храм, каде се собирале првите христијани, се смета куќата на Марија, мајката на Јован Марко (Дела 1, 13-16), каде што се служеше новото Богослужение во кое главен елемент беше “кршењето на лебот” (Дела 2, 46) односно Светата Евхаристија. Евхаристијата беше проследена со молитви упатени кон Бога, читање од светите книги, пеење на песни и псалми и на крај проповед после која се организираа и заеднички трпези, на кои присуствуваа, како богатите, така и сиромасите (1 Кор. 11, 20-22).
Овие литургиски собири се случуваа не само во Ерусалим, туку и во другите христијански општини од дијаспората, собири кои беа организирани од Апостолите. Вообичаено било овие собири да се организираат во сабота навечер, а многупати проповедта на Апостолите се продолжувала длабоко во ноќта, до раните утрински часови на Неделата, со што се овозможи литургискиот ден на јудејската Сабота неосетно да се замени со христијанската Недела.
За прв пат едно покомплетно излагање за христијанската литургија се наоѓа во Апологијата на Свети маченик и филозоф Јустин, која е напишана околу 150-та год. по Христос. Во оваа книга за прв пат е прикажана една генерален модел за Светата Литургија, во која за прв пат се спомнува дека при извршувањето на Светата Евхаристија, покрај виното и лебот, се употребува и водата како природен елемент.
Во ИИИ век по Христа, кој е одбележан со големото прогонство на христијаните, не постои некое позначајно дело кое ќе даде информации за Богослужението. Сепак во овој период се востановуваат старите празници како Воскресението Христово, Педесетницата, Неделата, но се основаат и нови христијански празници како Рождеството и Крштевањето Христово, кои на почеток се празнуваа како еден празник под името Епифаниа или Богојавление. Бидејќи ова е период на прогонување на христијаните, се развил и култот кон мачениците.
Слободата која Цар Константин ја дава на христијаните во 313 год., го интензивира прогресот и развојот на Богослужението. Насекаде се градат нови цркви, епископите и свештениците преку мистичните омилии за Светата Литургија и Светите Тајни кои ги проповедаа, овозможуваат многу пагани народи да се христијанизираат, со што овозможија да се развие Богослужението. Во ова време се комплетира и бројот на седум црковни богослужби, и тоа: Вечерна, Повечерие, Полуноќница, Утрена со часот И, Часот ИИИ, Часот ВИ, Часот ИЏ. Појавата на првите ереси и секти од ова време, што исто така го помага развојот на Богослуженито, бидејќи Црквата е обврзана да превземе канонски мерки за оформување на формите на Богослужението, на текстот и редоследот на светите богослужби. Се компонираат нови песни преку кои се искажува и брани христијанската црковна доктрина. Тоа е периодот кога во Богослужението се појавува богата поетска песна, која, во форма на тропари, кондаци, стихири и канони, особено се употребува во вечерните и утринските свети богослужби.
Најзначаен извор од ИВ и В век, кој информира за редоследот на Светата Литургија е делото познато под името “Уставите и установите на Светите Апостоли” напишана во втората половина на ИВ-от век. Од ова дело може да се види дека основните елементи на Светата Литургија од тоа време биле: читања од Стариот и Новиот Завет, псалмопеења, проповед за објаснување на Светото Евангелие, ектении кои ги кажуваат ѓаконите и молтви за мир, за целиот народ итн, кои ги кажуват епископите, целивот на љубовта, принесување на дарови во вид на леб, вино и вода, кажување на молитви за нивно претворање (епиклеза) и причестување на верниците.
На почеток на В-от век, од Литургијата на Свети Јаков, се оформуваат и византиските литургии на Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст, кои постепено ќе ги заменат постарите литургии. Овие нови Литургии се збогатуваат со неколку нови форми и ритуали, како входот со Светите Дарови, Херувимската песна, Символот на Верата, итн. Во овој период многу ќе се развие и култот кон Светиите, а особено на Светите мошти. По вселенските собори од Ефес во 431 год. и Халкидон во 451 год. посебно ќе се развие и култот кон Пресветата Богородица. Ова е периодот кога се дефинира и комплетира литургиската година. Се утврдуваат трите големи периоди на Црковната година (Октоихот, Триодот и Пентикостарот). На старите празници се додаваат нови празници како: оделно празнување на Рождеството и Крштевањето Христово, Сретение Господово, Благовештение, Воздвижение на Чесниот Крст, итн. Се одредуваат попрецизни норми за постот, се одредува датата на празнување на Воскресението Христово, итн.
Целосното оформување на Богослужението ќе се случи по последниот вселенски собор, кој се одржа во Никеа во 787 год. на кој ќе бидат побиени иконоборците. На соборот од 842-843 год. кој се одржа во Константинопол, целосно ќе бидат победени иконоборците, со што се оформува целосното почитување на светите икони, се развива црковната уметност и иконографија и се воведуваат правила за зографисување на црквите. Со оформувањето на култот за почитување на иконите се востановува црковното христијанско Богослужение во своите суштествени и основни елементи. После тоа во Богослужението ќе се воведат многу малку нови елементи, кои се незначајни и помалку важни во споредба со претходните кои се веќе донесени.

     Ј е р е ј    д – р    С а ш о   Н а к о в