arh.Justin.Pavru

Ако не раснеме духовно - загинуваме

-Интервју со архимандрит Јустин Парву-

                    На 16 јуни 2013 г. во 22 часот и 40 минути по неколку месеци на страданија и мачителни болки, кои се засилиле во последните часови на неговиот живот, архимандрит Јустин Парву заминал од овој преоден живот и се пресели на небесата кај светите маченици и исповедници, кои толку многу ги сакаше и жаднееше да се соеднини.
                     Архимандрит Јустин е роден на 10 фебруари 1919 година во округот Њамц. На седумнаесет години стапил во манастирот Дуреу. Учел во три богословски семинарии: во манастирот Черника и градовите Римнику – В’лча и Роман. Во 1940 година го примил монашкииот потстриг и идната година бил ракоположен за јеромонах. По Втората светска војна го продолжил своето обучување во Романската семинарија, која што ја завршил во 1948-та година. Тогаш бил уапсен од комунистичките власти и осуден на 12 години затвор поради своите “политички ставови”. Својата пресуда отец Јустин ја поминал во затвори, кои се одликувале со крајно сурови услови (Сучава, Векерешт, Герла, Петриправа и Ајуд). Кога во 1960-та година поминал затворскиот рок, на о. Јустин му дале уште 4 години за тоа – што не се одрекол од верата. Излегувајќи на слобода во 1964-та, отецот бил принуден да работи како работник во шумската организација.
                   Во 1966 – та година јеромонахот Јустин бил примен во братството на манастирот Секу и во продолжение на осум години го носел тука послушанието на духовник. После тоа бил преместен во манастирот Бистрица со забрана да ги напушта ѕидовите на манастирот; тука под постојан надзор поминал 15 години: од 1974-та до паѓањето на комунистичкиот режим во 1989 година. Во 1976-та година по Божја милост на о. Јустин му било дадено да ја посети Света Гора.
                 Со паѓањето на комунистичкиот режим 70 – годишниот јеромонах Јустин се вратил во манастирот Секу со желбата да го посвети остатокот на животот на молитва и отешлништво. Но, бил испратен во селото Петру Воде, во округот Њамц, каде што основал манастир со името на аргхнагелите Михаил и Гаврил, посетен на романските маченици, кои пострадале во комунистичките затвори.
              На извесно растојание од манастирот отец Јустин основал женски скит, подоцна изменет во манастир на Пресвета Богородица. Исто така, биле откриени и старечки дом, детски дом и болница, кои го составувале милосрдниот комплекс Петру Воде. Во 2003-та година започнал да го издава списанието “Монашки глас” («Glasul Monahilor»), а во 2008-та со неговиот благослов започнал да излегува списанието “Позиција” («Аtitudini»). Отец Јустин исто така раководел со духовниот живот на неколку скитови.
                 Во 2006 – та година за настојател на манастирот бил назначен јеромонахот Лаврентиј Карп, а о. Јустин станал главен духовник на обителта. Во 2008 – та година бил возведен во чин на архимандрит. Се здобива со огромна љубов и почит во цела Романија.

               - Величието на Божествената благодат е неизразливо со зборови. Сепак многу би сакал да слушнам од вас оче, како вие гледате на човештвото, семејството, во овие матни времиња, во кои сме вовлечени.
- Ако немаме корени, силно зацврстени на олтарот на верата, ние, се разбира, можеме да се отклониме од патот но, силата на молитвата и надежта во утехата на Светиот Дух ни дозволуваат да ја гледаме јасно светлината на Света Троица. Времињата кои ги преживуваме се многу неспокојни, како што убаво кажавте но, ние сме должни да го покажуваме патот на спасението на сите, дури и ако не ни се блиски во се’. Јас секогаш кажувам, дека ние живееме во векот на лагата и прелеста и со текот на времето тоа само се потврдува: веќе ништо вистинско не е останато. Ние преживуваме потполно обезличувње на човечкото битие. Тука кај нас доаѓаат луѓе од секаде и јас гледам, колку многу се разликуваат еден од друг; се воодушевувам, како и покрај сите искушенија, кои не’ спопаѓаат, тие бедни луѓе, уште имаат сили. Но, тие веруваат и верата ги утешува и покрива. Во секој случај знајте: какви и да се разликите помеѓу луѓето, ако не растеме духовно, тогаш загинуваме, не сме вкоренети како што треба.
             Многумина ме прашуваат: дали се изморувам? Не, не се изморувам, затоа што многу го сакам тоа постојано и слатко очекување на поприштето на духовништвото. Навистина, не сите сакаат да се искачуваат на скалите на спасението; многумина од тие кои што ги гледате, доаѓаат само за благослов но, само еден Бог знае, колку издигнувања и паѓања ги очекуваат секој од нив на патот кон простувањето и спасението.

                - Колку е важна за духовното возрастување, блискоста помеѓу клириците и мирјаните? Како впрочем ние можеме да достигнеме совршено исцеление на душата?

-Треба во секое време да сме подготвени за денот, во кој ќе дадеме отчет пред Спасителот за сите наши беззаконија. Заради тоа, нужно е што поскоро да започнеме со духовен стремеж и да го најдеме својот пат на духовно восходење. Ете, учителката го воведува детето за раче во училиште, а после тоа го учи на азбуката. Така е и со свештениците во Црквата. Нивно задолжение е да ја симнат благодатта на сите, кои се отклониле од правиот пат. Гледате, верните одат со илјади во манастирите, во храмовите; едни од нив сакаат да го остават пиењето, други – пушењето, трети, сакаат да се избават од најразлични страсти; но, ако свештеникот не ги пресретне, за да ги научи, како да одат во храмот, тие не успевајќи да го направат привот чекор, повторно ќе го изгубат патот. Јадните,    тие не’ бараат, а ние...ништо!
              Видовте денес на вечерната, ние свештениците бевме двајца – на цело море верни! После тоа, некои остануваат и преку ноќта и на следниот ден, а ако е потребно и не си одат, додека не го добијат тоа духовно лечење, поради кое поминале толкав пат. Духовното искачување е сепак тешко, а здравјето – и телесно и духовно – го откриваш само во Чашата, која што ја држи свештеникот. Неопходно е имено некој да ги повика, неопходна е ревноста на духовникот, љубовта. Инаку, ние ќе си останеме такви, некои во заблуда, некои во хибернација, некои во смрт и погибел. Бедните луѓе живеат, топло-ладно христијанство, сето тоа останува нешто далечно за нив. Тоа е се’...


                -Парафразирајќи ја Марина Преду1, можеме да кажеме: Со времето се уништи и трпението, јас почнувам да се плашам, дека смртта ќе не стигне неподготвени – такви какви што сме. Оче, имаме ли уште време да бараме и да го наоѓаме патот кон спасението?
- Оној кој со цето свое суштество се труди за спасението и се вооружува со пост, молитва, подвизи, се нурнува во себеси, несомнено ќе го открие тој пат. Сепак, за жал, уште поголем и поголем број на луѓе, бидејќи се завладеани од духот на противењето и дури гледајќи со очите и слушајќи со ушите за толку ужаси, ние воопшто не сакаме да поверуваме на таа “бесовштина”. На крајот се добива тоа, дека ние излегуваме пред лицето на смртта потполно неподготвени. Тоа е затоа што сме навикнале да живееме насреде луѓето, кои се окамениле од сите тие технички достигнувања со нивните телевизори, компјутери, интернет и други беззаконија кои не’ прекршуваат душевно.
                 Бог да те чува да се вклучиш на интернет, ако не го земеш оттука единствено доброто, единствено знаењето, информацијата. Во спротивен случај сето тоа е суета. Сето тоа служи за подготовка кон адот, подготовка за сатаната. Тоа е нешто незамисливо: децата да гледаат секакви погубувачки нешта, како мажи се сретнуваат со мажи, мајки со синови, татковци со ќерки, браќа со браќа, полошо од животните! Тоа е нешто страшно!
                Сета таа суета е дадена за тоа, човештвото да се разбуди. Би требало да плачеме со горчливи солзи, да се каеме за сите тие беззаконија и страсти, кои не довеле до крајот на пропаста и да се вратиме на правилниот пат и со сите сили да избегаме далеку од таа драма, во која живееме.

             Ги гледам младите со голема љубов и восхит, кои стануваат се повеќе на број во нашите православни храмови и истовремено ги сожалувам бидејќи им недостасува онаа врска, која не’ поврзува со традицијата... Со огромна болка и мака треба да кажам, дека и децата и старците ја пренебрегнале традицијата. Чувствувам, како по грбот ми течат капки пот, кога гледам, сека сето она, што е прекрасно и богоугодно, се отфрла, се уништува, а потоа потполно се заборава. Ах, како ли нас, како ли не’ демонизирале, како ли не’ навеле, дека треба сето тоа ѓубре да го примиме во секојдневниот живот. Ех....ако знаевте, колку е опасна таа состојба за нашето спасение...
         Вие ме прашувате за беззконијата на децата и младите, а старците кај ги заборавивте? Или мислите, дека сите возрасни водат таков живот, како оние во центарот на Перту Воде? Што да кажеш тука? Ми раскажуваше еден верник од Дорна, мој врсник, дека речиси сите негови соседи, веќе стари луѓе, дење и ноќе седат со отворена уста пред телевизорот и дури јадат тука, паѓаат во искушението на очите, тука пијат и заспиваат, ставајќи шише под својата глава наместо перница. А за молитвата нема ни спомен.
Што уште да кажеме! Така не можеме да се подготвиме за крајот. Ако нашиот христијанин така го прима оној благодатeн трепет, кој што ни ги испраќа Бог, тогаш зошто и да говориме за спасение... Ако не ја возродиме традицијата, ќе се раѓаат поколенија, за кои нашата мала земја ќе биде се потуѓа. Знаете ли какви ќе бидат тие поколенија? Тие ќе бидат така дресирани, така што нема да поставуваат никакви прашања и ќе се согласуваат со се’, што и да им кажат!
            - Огромна радост ни даваат посетите во домот за бедни и стари во Петру Воде. Оче, кажете ни за душевната состојба на вашите штитеници.
-Навистина, секој пат, кога доаѓате кај нашите деца, ние имаме уште еден повод за радост... Ни дарувате голема радост, доаѓајќи од различни краишта на земјата со добрата желба да ги утешите децата; вие дури и не знаете колку светлина носите со себе во таа сета обител. Знаете ли што вдахновува? Зошто вие доаѓате кај децата и старите – кои се несреќни суштества, кои имаат голема потреба од голема љубов? Тука ние имаме се’, бидејќи луѓето носат многу повеќе од тоа, што е потребно за сите кои живеат од средствата на манастирот. Но, знаете ли што не разбираат, туѓите? Тоа е што овде, како и насекаде кај православните, има голема потреба од велика љубов. Ете сте дошле, сте помогнале, сте ставиле завој на раната, сте успокоиле...и тоа девојче Јоана, се исполнила со чувства кон вас. Таа дури сакаше да ве испрати до дома. Тоа е непишано правило – љубовта ја чувствуваат луѓето кои се приближиле до небесната милост.
            Фактот, дека ние треба да сопреме, гледајќи, дека луѓе, слични на нас, пребиваат во сиромаштија, не е случаен. Времето го открива пред нас доброто и лошото во светот, давајќи ни можност да пребиваме таму, каде што имаат потреба од нас. Нашиот детски центар – тоа е само исполнување на христијанското семејство. Нашите деца имаат мајки, татковци, баби но, сиромаштијата ги донела тука, за да се научат на живот на постојана молитва.

            - Оче, вие рековте, дека во светата обител доаѓаат многу мирјани. Јас вака го разбирам тоа: оние што мислат на спасението кај нас, се се’ повеќе од оние што гинат, за кои говоревте порано. Ако тоа е така, тогаш какви би биле степените на молитвата во нашето секојдневно духовно воздигнување?

- Треба да пристапуваме кон светињата со темелна подготовка на душата. Не треба да допуштаме да измине ниту еден ден, во кои не си се запрашал: “Што треба да направам денес?” Вака треба да започне денот: пред се’ е потребно да си ги кажеме утринските молитви, после тоа Молебен канон кон Пресвета Богородица2, кои содржи многу прекрасни делови, кои дејстуваат многу утешително, лечебно и кои го побудуваат човекот кон покајание. Тој канон е најубавата молитва кон Пресвета Богородица. Советувам сите да го прочитаат според силите и исто така и по две-три катизми со неколку земни поклони.
            Навечер секој добар христијанин го извршува своето правило, после тоа чита акатист, исто така правејќи неколку земни поклони. А најубаво е, кога целото семејство се собира заедно на молитва. Сфаќате ли, ако децата видат, дека родителите се молат со благоговение, тогаш и самите ќе направат или земен, или појасен поклон и така ќе се научат на молитвеното восходење. Знајте, дека најдобриот учител не е увото, туку окото. Детето го прави она што го гледа!
             Да ни помогне Благиот Бог и да не заштити од сите страшни опасности, таа техника да не не’ фрли на дното на гибелта, затоа што веќе се наѕира мака и пустош, многу длабоко сме потонати во таа духовна недостаточност. Имам мислење, дека некој е многу заинтересиран да не’ доведе во состојба на метеж – кон нашата конечна погибел. Го молам Бог, Он да ни даде разум да најдеме духовно здравје со тие малкумина духовници, кои уште ни ги дава Бог.
            -Оче, што ќе го посоветувате оној, кој мисли, дека може да стои меѓу доброто и злото, меѓу светлината и темнината или на друг начин кажано, дека ќе можеме да сме вистински христијани, во истото време насладувајќи се на сите радости на животот, бивајќи далеку од молитвата и трпението?
Со Бог не е возможно да се тргува! Оној кој не ги преклонува своите колена на молитва, воопшто нема да напредува. Ако се молиме усрдно, ако се потрудиме во молитвата, тогаш Бог ќе направи така, што се’ ќе биде возможно за нас. Истовремено, ние треба да правиме се што треба, да се молиме на Благиот Бог, за да ни помогне да ги претрпиме сите беди и несреќи, кои не спопаѓаат. Ако ние сакаме да ја отфрлиме бедата од себеси, нашиот единствен пат е да се научиме на трпение и непрестајна молитва. Ние сите го откриваме Бог и оние, кои во вечноста живеат во Духот и Вистината.
          Словото, кое треба да се чува во Црквата е ова: назад кон учењето на подвижниците христоносци, назад кон Светите Оци на Црквата....Бог да ве благослови и да го освети вашиот пат! Амин


1 Марин Преда (1922-1980) – романски писател. Тој, заедно со Николај Гане, го изготвил преводот на романски јазик романот на Ф.М. Достоевски “Зли дуси”.
2 Почетокот на канонот е ваков: “Кон Богородица прилежно сега приоѓам...”



Линк: https://pravoslaven-sviat.org/2013/07/03/ako-ne-rastem-duhovno-pogivame/

Преведе од бугарски: М. Б.

02.02.2024 лето Господово