Јеромонах Григориј Светогорец

1. Тајната вечера и првата христијанска Евхаристија

 Во текот на една јудејска пасхална вечера Христос ја востанови тајната на божествената Евхаристија, пасхалната вечера на Црквата. На истата трпеза, по зборовите на св. Јован Златоуст, Христос ја потврди Пасхата - која до тогаш беше праслика за иднината и ни ја даде вистинската Пасха.
 Трите први евангелисти (Матеј. 26, 26 - 29; Марко. 14, 22 - 25; Лука. 22, 15 - 22) и апостолот Павле (1. Кор. 11, 23 - 26) ни даваат опис на првата божествена Литургија која се извршила во Сионската горница (горна соба) онаа ноќ во која Господ Исус беше предаден. И додека јадеа од пасхалната вечера " зеде Исус леб и заблагодари, го прекрши, па им даде на учениците, велејќи: Примете, јадете; тоа е Моето тело; (во евангелието според Лука е додадено и ова: што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!); потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде, велејќи: Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина за опростување на гревовите; (а апостолот Павле во своето послание го пишува следното: ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!). И вам ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод се до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во Царството на Мојот Отец. " (Матеј. 26, 29)
 Ова беше првата Божествена Литургија на земјата. И овој опис, на првата евхаристиска вечера, е истовремено и опис на евхаристиското Собрание од апостолските времиња. Во тие времиња, пред Тајната на Евхаристијата, се извршувале вечерите на љубовта. Впрочем, таква, каква што беше пасхалната вечера, која Христос ја јадеше со своите ученици, беше и вечерата на Неговата бескрајна љубов. "А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека му дојде часот за да премине од овој свет кај Отецот, и бидејќи ги засака своите во светот, до крај ги засака" (Јован. 13, 1), пишува ученикот  на Љубовта - Јован, започнувајќи го на овој начин својот опис на Тајната Вечера (Јован. од 13 до 17 глава). Верните го земаа примерот на Христа, и затоа првин ги поставуваа вечерите на љубовта, а потоа, во продолжението, Трпезата на Евхаристијата.
 Господ, по своето вознесение, не председава Сам со евхаристиското Собрание. Но, апостолите се жива икона (слика, образ; прим.прев) Христова. Па, според тоа, на божествената Евхаристија првите христијани силно го доживуваат присуството на својот Господ, но и го очекуваат Неговото славно повторно доаѓање. Чувството на присуството Христово и очекувањето на Неговото второ доаѓање го исполнува Собранието на првите христијани со атмосвера на духовна радост (Дела. 2, 46 - 47). Сведоштвата запишани во Делата на светите апостоли не известуваат дека евхаристиските Собранија (првите литургии - заедничкото дело на целата црковна заедница; прим. прев) се извршувале во вечерните часови во горните соби на куќите, по примерот со првата вечера Господова (Дела. 20, 7 и понатаму). Изгледа, дека многу бргу, божествената Евхаристија била одвоена од вечерите на љубовта, како последица на тоа дека на истите се случувале разни недоследност (1. Кор. 10, 15 - 33; 11, 1 - 34; особено 20 стих). Кога во последните години на првиот век божествената Евхаристија започнала да се служи независно од вечерите на љубовта, верните започнуваат на своите Собранија да читаат по една од апостолските посланици. По читањето, следел целивот на љубовта, за кој често ни сведочи и самиот апостол Павле на крајот од своите посланици (2. Кор. 13, 12; Рим. 16, 16). По целивот на љубовта литургот (оној кој во името на црковната заедница председава со заедничкото дело, од  почеток самите апостоли, по нив епископите, а потоа и презвитерите; прим. прев) ги благословувал верните со следниот благослов: "Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас." (2. Кор. 13, 13). Потоа следела молитвата на благодарењето и зборовите Господови: "Земете јадете, ова е Моето тело. . . Пијте од неа сите. . ." По Христовите зборови, сигурно била изговарана молитвата за призив на Светиот Дух. Како основа, на која била втемелена оваа молитва, се зборовите Господови кои Тој им ги кажал на своите ученици по востанувањето на Тајната: " А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе ви го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот, Он ќе сведочи за Мене. . . Он ќе ве научи на се' и ќе ви напомне за се што сум ви зборувал . . . Он Мене ќе ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави." ( Јован. од 14 до 16 глава) На крајот од Собранието телото Христово било прекршувано, а потоа следело божественото  причестување со телото и крвта Господови (1. Кор. 11, 23 - 34). На овој начин се извршувала божествената Евхаристија во апостолското време.

2. Првите литургиски молитви

 Во вториот и третиот век по Христос настанува период во кој Црквата била гонета. Од овој период имаме сочувано извесни литургиски молитви, како што се оние кои се наоѓаат запишани во Учењето на Дванаесте апостоли (Дидахи) и во Апостолското предание на Св. Иполит Римски. Св. Јустин Филозоф, во своите апологии, исто така ни овозможува да се запознаеме со две нацрт содржини на светата Литургија. Истите овие писатели, исто така, пишуваат дека во нивно време уште постоела релатива слобода во формулирањето на литургиските молитви. " А на пророците им е допуштено да благодарат колку што сакаат" - пишува во Дидахи. И Св. Јустин одредува дека литургот (свештенослужителот) "исто колку и народот, вознесува молитви и благодарења, колку што може." Почетокот на овој период се поклопува со конечното одвојување на Евхаристијата од вечерите на љубовта (агапи). Од епохата на апостолите и харизматичните учители и пророци, кои ги обиколуваат месните Цркви, се преминува во период во кој секоја Црква (црковна заедница) добива свои стални пастири. Евхаристиското собрание започнува воглавно да се извршува во утрените часови, наместо во вечерните, како што тоа било во почетокот. Како места за собирање се користеле и гробовите на светите маченици. Според Св. Климент Римски, во последните години од првиот век кон божествената Литургија била придодадена и победната песна. "Замислете го - пишува тој - огромното мноштво ангели Божји како стојат пред Него и и' служат на вољата Негова! Писмото вели: Миријади и миријади стојат пред Него и илјадници и илјадници му служат воскликнувајќи: Свет, Свет, Свет е Господ, Саваот, полни се небесата и земјата со славата Негова (Исаија. 6, 3; Откр. 4, 8). И ние, исто така, собрани во еднодушност, на едно место, со иста вера и со исто познание, умилно му воскликнуваме Нему, како од една уста!" Во списот Учењето на Дванаесте апостоли - Дидахи, кој е напишан околу стотата година по Христос, наидуваме на првите литургиски молитви:
" Што се однесува до Евхаристијата, благодарете вака. Најнапред за Чашата (ποτηρίου): Ти Благодариме (Εύχαριστοϋμέν), Тебе, Оче наш, за светата лоза на Давида, чедото (παιδός σου) Твое, која си ни ја јавил преку Исуса, Чедото (παιδός σου) Твое. На Тебе слава низ вековите!
Што се однесува, пак, за прекршување (κλάσματος) на лебот : Ти благодариме Тебе, Оче наш, за животот и патот кој си ни го открил преку Исуса, Чедото Твое. На Тебе слава низ вековите!
Како што овој леб, кој се прекршува, беше рассеан (се мисли на житните зрна) по полињата и собран стана едно, така да се собере и Црквата Твоја од краиштата замни во Твоето Царство. За што Твоја е славата и силата низ Исуса Христа во сите векови."
По уште едниот низ на литургиски молитви во Дидахи се забележени неколку кратки реченици кои, можеби, се дел од дијалогот помеѓу литургот и присутниот народ:
Литургот: Нека дојде благодатта ( во друга верзија - Нека дојде Христос), и нека одмине овој свет!
Народот: Осана на Богот Давидов!
Литургот: Кој е свет, нека пристапи! Кој не е, нека се покае! Маран ата (Господ доаѓа).
Народот: Амин 
 Св. Јустин во својата Прва апологија (напишана околу 150 година по Христос) ни дава две нацрт содржини на божествената Литургија од своето време. Евхаристиското собрание започнувало со читање од Светото Писмо:  "Се читаат спомените апостолски или списите пророчки." По читањето следи беседа или проповед со која литургот (свештенослужителот) "поучува и повикува на подржување на тие добри примери" од словото Божјо. Потоа се на ред заедничките молитви, а по нив целивот на љубовта помеѓу верните, потоа принесувањето на лебот и виното и нови молитви кои ги изговара литургот, а на крајот "народот одговара со Амин и Даровите, над кои е извршено благодарењето (Евхаристија), се раздаваат на сите присутни и секој со нив се причестува, а на оние кои се отсатни причеста им се носи преку ѓаконите." Св. Јустин ја наведува и молитвата на призивот (епиклеза) на Духот Свет , која уште ја нарекува - молитва на словата. Тој и на друго место Духот Свет, Утешителот, го нарекува - Логос или Слово.
 Св. Игнатиј Антиохиски, наречен Богоносец, ( маченички страда околу 113 година по Христа) и Св. Иринеј Лугудунски или Лионски (140 - 202 по Христа) помалку се осврнуваат на формата на евхаристиската молитва, а повеќе се концентрираат на теологијата на Тајната. Молитвата на светото воздигнување Св. Иринеј ја именува и како "повикување - призив (епиклеза) на Бога" и "збор Божји", а го наговестува и тоа дека пред принесувањето на даровите претходи исповедање на верата.
 Во Апостолското предание на Св. Иполит Римски (напишано околу 217 година) се среќаваме за прв пат со дијалогот помеѓу литургот и верните:
Литургот: Господ, да биде со сите вас!
Народот: И со твојот дух!
Литургот: Горе, издигнете ги срцата ваши!
Народот: Ги имаме кон Господа!
Литургот: Да му благодариме на Господа!
Народот: Достојно и праведно ев!
По овој дијалог започнувало светото воздигнување (анафора):
"Ти благодариме, Боже, преку возљубениот Слуга и Чедо Твое, Исус Христос, Кого Ти, во последните времиња ни го испрати како Спасител и Искупител и Гласник на Твојата воља, Кој е Логос (Слово) од Тебе, преку Кого се си создал. . . Тој, затоа што се предаваше на доброволно страдање. . . откако го зема лебот и заблагодари, рече: Земете, јадете, ова е моето тело, кое за вас се прекршува; а исто така и чашата, говорејќи: Ова е крвта Моја, која за вас се пролева, секогаш кога ова ќе го правите, во Мој спомен правете го!
Сеќавајќи се на смртта и воскресението Негово, Ти принесуваме Леб и Чаша, на Тебе благодарејќи Ти. . .
И Ти се молиме да ни го испратиш Твојот Свет Дух на жртвата на светата Црква. Неа, обединувајќи ја, дај им на сите светии кои се причестуваат, да им биде на исполнување со Духот Свет, на утврдување во верата и вистината . . . "
 Значи, во анафората на Апостолското предание, се препознаваат сите нејзини основи делови: дијалогот, прологот, Христовите зборови, сеќавањето (анамнеза) и призивот на Духот Свети (епиклеза).

 3. Првите Литургии

Во четвртиот век се запишани првите Литургии. Најважни од нив се следните:
1. Литургија на Св. апостол Јаков, братот Господов,
2. Литургија на Св. апостол Марко,
3. Литургија на Св. Василиј Велики
4. Литургија на Св. Јован Златоуст
5. Литургија на Св. Климнет Римски
Три, од овие пет Литургии, Црквата ги служи и денес. Тоа се литургиите на Св. Јаков, на Св. Василиј и на Св. Јован Златоуст (Златоустова).

 

изворник: О Литургији, Београд, 1997
превод: презвитер Ивица Тодоров

Посети:{moshits}