monah.karpa.jpg

Поука, која архиерејот му ја кажува на новиот монах

 Гледај чедо, какви ветувања Му даваш на Владиката Христос; зашто ангелите стојат невидливо запишувајќи го ова твое исповедање, за кое ќе бидеш испитуван на второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. Ти говорам за совршениот живот, кој е сличен на Господовиот живот, сведочејќи ти што треба да прифаќаш а што да избегнуваш, за да можеш да Му пристапиш и да Му служиш на Господа: Ако сакаш да бидеш монах, пред сè очисти се од секоја нечистотија на плотта и духот, извршувајќи ја светињата во страв Божји. Стекни смиреномудрие, со кое ќе станеш наследник на вечните богатства; остави го обичајот на животно превознесување; имај послушание кон сите; биди безропотен кон секоја служба која ќе ти биде зададена; во молитвите били трпелив; на бденијата не биди мрзлив, во искушенијата не тагувај; во постите не омалаксувај; знај дека, со постот и молитвата треба да Го измолиш Бога. Во немоќите не станувај малодушен; подзамисли се за лукавите помисли, да не го слушаш врагот, кои ти предлага спомени од твојот поранешен световен живот, и омраза кон добродетелниот живот. Треба да знаеш, ти кој го започнуваш патот што води кон Небесното Царство, дека ако се вратиш назад ќе го изгубиш царството. Ништо да не претпочиташ повеќе од Бога: да не сакаш татко, ни мајка, ни браќа, ни сестри, ни било кој од своите блиски, ниту себеси да се сакаш повеќе од Бога, ниту царствата од овој свет, ни удобност ни почест. Не бегај од сиромаштијата, туку во неа да пребиваш до самата смрт; ништо да не те спречува да одиш по Христа: ни напади и навреди од луѓето, туку секогаш гледај кон богатствата што им се ветени на оние кои живеат побожно, и постојано мисли на древните маченици и преподобни, кои со многу пот и труд, и со безбројни капки крв и страдања сето ова го стекнаа. Над сето ова, секогаш во својот ум имај ги спасителните страдања и животворната смрт на Господа нашиот Исус Христос, коишто ги претрпе доброволно заради нашето спасение, та и ти сите неволји од монашкиот живот и притеснувања послатко да ги претрпиш заради Него. Биди трезвен во сè, претрпи зло како добрар воин Христов: зашто Самиот Господ и Бог наш, како богат во милоста, заради нас осиромаши, за ние да се обогатиме со Неговото Царство. Зашто и нам ни приличи да бидеме Негови подражатели, и заради Него сè да претрпиме, преуспевајќи во заповедите Негови ден и ноќ. Зашто самиот Господ рече: ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст, и нека оди по Мене; што значи секогаш да бидеш спремен до смртта, за исполнување на Неговите заповеди; зашто ќе гладуваш и ќе жеднееш; ќе поднесуваш досада и напади; навреди и гонења, и од други маки ќе бидеш натоварен, со кои се одликува побожниот живот. Кога ќе пострадаш од сето ова, радувај се, вели Господ, зашто голема е наградата на небесата; Нему нека Ме е слава во векови, амин.

Превод од црковнословенски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Извор:

http://crkvaveles.wordpress.com/