"И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога, оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и прориците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот.( Еф. 2, 19-22)"

 sv.spas.dek6.jpgСлегувањето на Светиот Дух беше најголемо Божјо откровение меѓу луѓето. Духот-Утешител во "страшната и непоимлива тајна" на денот Педесетница, еднаш засекогаш влезе во свет, во кој никогаш пред тоа не присуствувал на начин на кој тогаш започна да обитува и пребива. На тој ден преобилниот извор со Жива Вода започна да врие на земјата, во светот кој беше искупен и измирен со Бога преку распнатиот и воскреснат Господ. "Доаѓањето" на Духот зависеше од "заминувањето" на Синот:
 "Но Јас вистината би ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам". (Јн. 16,7)
 Педесетница беше мистично осветување и огнено крштевање на целата Црква, извршено од Господа, зашто Он крштева со Дух Свети и со оган. (Мт. 3, 11)
 Христијаните преку Светиот Дух се соединија со Христа и преку тоа се слеаа во Него во едно тело: Тело Христово. Оваа аналогија ја користи Св. ап. Павле во разни контексти, кога ја опишува тајната на христијанскиот бит и сведоштвото за Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Таа е една во Евхаристијата, зашто Евхаристијата е самиот Христос, кој светотаински обитува во Црквата, бидејќи таа е Негово Тело.
 Освен Тело Христово, Светата Црква е и Негова полнота: "...која е Негово Тело, полнота на Оној кој исполнува сé во сé". (Еф. 1, 23) Црквата е Тело Христово, зашто е Негово надополнување. Свети Јован Златоуст пренесувајќи ја мислата на ап. Павле вели:
 "Црквата е Христово надополнување, исто како што главата го надополнува телото, а тоа се надополнува со главата. Христос не е сам. Тој Го подготви целиот човечки род да Го следи, да Го возљуби и да се припои кон Него. Тоа значи дека Главата (Христос), ќе биде во потполност со Телото (човечкиот род), дури тогаш кога тоа ќе биде потполно (усовршено), односно кога ќе бидеме сите заедно соединети и взаемно поврзани во Христа".
 Со други зборови, Црквата е продолжение и надополнување на Светото Христово воплотување, распнување, воскреснување и вознесување на небесата. На тој начин Христијанската Црква го изгради своето Богоспасително место во целокупниот план на Божествениот ветоспасителен домострој.                                                                  
 м-р И.О

Посети:{moshits}

Изборот: од свештенството на  храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)