Георгиј Флоровски

Марија “најде милост во Бога” (Лука 1:30). Таа беше избрана и поставена да служи во Светата Тајна на Воплотувањето. И преку овој вечен избор или предодредување Таа на некој начин беше изделена и и беше дадена единствена привилегија и положба не во целото човештво, туку во целото создание. На неа, би можело да се каже, и беше даден ненадминат ранг. Таа истовремено беше и претставник на човечката раса и одделена од неа. Тука постои една противречност која се подразбира под божествениот избор. Таа беше одделена и поставена во единствен и неспоредлив однос кон Бога, кон Светата Троица, дури и пред Воплотувањето, како идната мајка на Воплотениот Господ, бидејќи тоа не беше еден обичен историски настан, туку значајна беспрекорност на вечното решение на Бога. Таа има единствена положба дури и во божествениот план на спасение. Преку Воплотувањето човековата природа требаше да биде повторно воспоставена во заедница со Бога, која што беше уништена и отповикана од Падот. Светата Човечност Исусова требаше да претставува мост преку амбисот на гревот. Така, оваа човечност беше земена од Дева Марија. Самото Воплотување беше нов почеток во судбината на човекот, почеток на новото човештво.

Од Воплотувањето се изроди “новиот човек”, “Последниот Адам”; тој беше навистина човек, но беше и повеќе од човек: “Вториот човек е Господ од Небесата” (1 Кор. 15:47). Како Мајка на овој “Втор Човек”, Марија самата учествуваше во Светата Тајна на искупителното повторно создавање на светот. Секако, таа треба да се вброи меѓу избавените. Таа навистина имаше потреба од спасение. Нејзиниот син е Искупителот и Спасителот, како што е Тој и Искупител на светот. Сепак, таа е единственото човечко суштество за кое Искупителот е едновремено и син, нејзино сопствено чедо кое верно Го носеше. Исус навистина се роди “не од крв, ниту од волјата на плотта, ниту пак од волјата на човекот, туку од Бога” (Јован 1:13), а сепак Тој е “плод на утробата” на Марија. Неговото натприродно раѓање е образец и источник на новото постоење, на новото, духовно раѓање на сите верници, што не е ништо повеќе од учество во Неговата света човечност, прифаќање на восиновувањето во Бога—во “вториот човек”, во “последниот Адам”.

Мајката на “вториот човек” неопходно имаше свој сопствен и карактеристичен влез во новиот живот. Не е премногу да се каже дека за неа Искупувањето беше, на некој начин, предосетено во самото Воплотување—и притоа предосетено на необичен и личносен начин. “Светиот Дух ќе се спушти врз тебе, и моќта на Севишниот ќе те осени” (Лука 1:35). Ова беше вистинско “теофанско присуство”—во полнотата на благодатта и на Духот. “Сенката” е токму теофански симбол. И Марија навистина беше “блажена”, гратиа плена, кехаритомени. Благовеста за неа беше, би можело да се каже, претчуствувана Педесетница.

Принудени сме да го изложиме овој смел паралелизам преку несфатливата логика на божествениот избор. Зашто навистина не можеме да гледаме на Воплотувањето само како не метафизичко чудо кое би било неповрзано со личната судбина и постоење на опфатените лица. Бог никогаш не се однесувал спрема човекот како спрема алатка во рацете на господарот. Бидејќи човекот е живо битие. Тоа никако не би можело да биде преку “инструментална благодат”, кога Приснодевата беше “осенета” од моќта на Севишниот. Единствената положба на Дева Марија очигледно не е нејзина заслуга, ниту пак “награда” за нејзините “заслуги”—ниту дури полнотата на нејзината благодат и била дадена како “аванс” за нејзините заслуги и добродетели. Беше тоа извонредно бесплатен подарок од Бога, во најстрогата смисла—гратиа гратис дата. Беше тоа апсолутен и вечен избор, иако не безусловен—бидејќи беше условен од и доведен во врска со Светата Тајна на Воплотувањето. Марија ја чува нејзината единствена позиција и има “своја сопствена категорија” не само како Дева, туку како Дева—Мајка, партхеномитир, како предодредена Мајка Божја. Нејзината функција во Воплотувањето е двострана. Од една страна, таа го обезбедува континуитетот на човечката раса. Нејзиниот Син е, поради неговото “ второ потекло”, Син Давидов, Син Авраамов и на сите “претци” (ова е нагласено од родословите на Исус, во двете верзии).

Според зборовите на Св. Иринеј Лионски, тој “го возглавил во себеси долгиот список на човештвото” (Адв. Хаерес., 3, 18, 1: лонгам хоминум еџпоситионем ин се ипсо рецапитулавит), “ги собрал во себе сите народи, распространети уште од Адама” (3, 22, 3)  и “го примил врз себе древното создание” (4, 23, 4). Но, од друга страна, тој “покажал ново раѓање”. Тој станал Новиот Адам. Ова беше најдрастичниот премин во континуитетот, вистински преврат на претходниот процес. И овој “преврат” почнува токму со Воплотувањето, со Рождеството на “Вториот Човек”. Св. Иринеј пишува за обраќање наназад—од Марија до Ева (3, 22, 4). Како Мајка на Новиот Човек, Марија го има нејзиниот предвиден дел во оваа новост.

Се разбира, Исус Христос е единствениот Господ и Спасител. Но Марија е Неговата мајка. Таа е ѕвезда деница која го навестува изгрејсонцето, појавувањето на вистинскиот Сол салутис: астир емфенон тон Илион. Таа е “зора на таинствениот ден” (и двата израза се од Акатистот на Пресвета Богородица). И на извесен начин дури и Рождеството на самата Богородица и припаѓа на тајната на спасението. “Рождество Твое, Богородице Дево, радост и објави на целата вселена—од тебе засвети   Сонцето на Правдата, Христос Бог наш; рушејќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смрта, ни дарува живот вечен.“ (Тропар на празникот на Рождество на Богородица). Христијанската мисла секогаш се движи во пространството на личноста, не во царството на обопштените идеи. Таа ја сфаќа тајната на Воплотувањето како тајна на Мајката и Синот. Мајчинството на Богородица е заштита  против евангелска конкретност, од која бега секаков докетизам. Традиционалната икона на Богородица е токму икона на Вопплотувањето: секаде се гледа Приснодевата со Младенецот.  И се разбира, никаква икона, никаков образ на Воплотувањето, не е возможен без Богомајката.

 

Посети:{moshits}