Manastir.voRajcica.jpg

4. Дамаскините

Македонските библиотеки, книжевни школи, центри, како и скрипториуми, не биле единствените чувари на книжевни дела, чија духовна вредност е непроценлива за сите идни векови. Во XVI век, една личност од Цариградската Православна Патријаршија ќе направи револуција, „еден чекор напред по однос на внесување на народниот јазик во литературата“ , а особено во тогашното проповедништво. Се работи за Дамаскин Студит и неговата книга „Θησαυρός“ - („Сокровиште“), којашто претставува зборник со проповеди од црковно-морален карактер, кои во почетокот биле наменети само за црковна употреба, но поради нивната народна содржина, во XVIII и XIX век, на луѓето им станале и омилена „домашна лектира“. Овие зборници се познати под името Дамаскини. На црковно–словенски јазик биле преведени од пелагонискиот епископ Григориј. Во понатамошната книжевна дејност, така се нарекувале сите смесени зборници, меѓу кои постоеле и такви кои немале ниту едно од словата на Дамаскин Студит. Сите тие содржеле текстови со религиозно – поучен карактер . „Во подоцнежните преписи, покрај Дамаскиновите слова, во овој вид зборници, место нашле и слова и поуки од други автори, апокрифни текстови, раскази со религиозна и световна тематика и сл. Занимливата содржина и достапниот јазик се основни причини за големата популарност на дамаскините во нашето доцно средновековие, а особено во XIX век. Со појавата на македонскиот превод на дамаскинот, започнува нов период во развојот на нашата стара литература. Јазикот на народот е издигнат на степен на книжен јазик и на тој начин доаѓа до демократизација на литературата: таа им станува достапна на широките народни слоеви и станува важен фактор во нивниот секојдневен живот“ . Она, што нив ги прави мошне значајни е следново:
„Со губењето на политичката самостојност во периодот на турското ропство, се разнишале основите на етничко - народносната свест кај балканските народи. Како за Грците, така и за јужните Словени и Романците во ова време, христијанската вера им служела како единствен израз на нивната културна и етничка самосвест. Наоѓајќи се во политичко ропство на иноверен господар, балканските народи кои живееле под исти културно–економски услови, имале единствена опора во лицето на Црквата. Но, меѓу Црквата и народот имало длабок јаз помеѓу познатата диглосија...На Балканот диглосијата била хомогена, но сепак претставувала голема пречка за комуникација...Во црковната писменост се употребувал архаичен, речиси мртов за широките народни маси, јазик“ . Тоа е време на извесна демократизација на Црквата, која настанува во периодот на исламизацијата. Црквите и манастирите, биле битни за книжевната работа, зашто биле главни културни жаришта поддржувани од пошироките народни слоеви . И кога тие народни маси тешко можеле да го разбираат официјалниот јазик на црквата, која во турскиот период не била поддржана од династија или од феудалци, туку од народот, таа била принудена да проговори на „прост“ јазик, разбирлив за народот“ .
На овој начин, како прв меѓу народот, започнал да се обраќа Теофан Елеавулк, а потоа неговиот ученик Дамаскин Студит. Тој бил ипоѓакон и учител, кој живо ја почувствувал потребата од осовременување на црковните проповеди, кои најнапред красноречиво ги изговорил, а потоа, ги изложил во својот зборник во 36 слова. Бил длабоко свесен дека во тоа време било неопходно, на народот да му се проговори на јазик кој му е близок и за нешта кои му се блиски и кои воедно ќе помогнат во зачувување на разнишаната духовност. Во тоа време, луѓето сакале да слушаат и читаат за подвизите на мачениците за верата, а во тоа наоѓале силна поткрепа во борбата против исламизацијата. Зборникот, освен содржината од чисто верски и етички карактер, која всушност е еден вид продолжение на средновековната литература, содржи материјал и од други области, како на пример, психологија, философија, лингвистика, историја, географија, медицина и др. природни науки. Начинот на раскажување во него е многу жив и драматичен, затоа и доживеал огромна популарност кај сите балкански народи.
Според направените анализи, една од особеностите на зборникот од Дамаскин Студит, е дека се обидувал да го спои христијанството со класично - грчката антика, а тоа се гледа од употребата на идеите од класично – грчките автори. Тоа е обид, во философијата познат како византиски еклектицизам, кој бил во полн процут во времето на св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов, св. Григориј Ниски и др. отци на Црквата, кои имале тешка задача: да ги придобијат своите современици, незнабожечкиот народ, кој бил израснат и задоен со древната философија. Ова било можно, зашто тие, освен христијанското богословие имале познавање и во световната наука (реторика, философија итн.), која им овозможила широк поглед на учењата од класично – античкиот период, а со тоа, и нивно приспособување во христијанството, како врвна философија на чистиот ум. Овие, пак, особености, до одредена мера биле запазени и во зборникот на Дамаскин Студит.
Секако дека Дамаскин Студит, не го создал својот зборник „од памет“, туку имајќи искуство како исклучителен проповедник во Солунската Црква, тој бил запознат со делата од класичниот, златниот период на Црквата. Затоа и неговиот зборник „Θησαυρός“ (Сокровиште), црпел од богатиот извор на Светото Предание на Православната Црква. Во автографот на Студит “редовно се одбележува дали е текстот на словото оригинален од Дамаскина или е, пак, само прераскажан на народен јазик (μεταφρασθείς/ - θέν είς κοινήν γλώσσαν) од други извори“ .
Еден од првите преводи на Дамаскините е извршен во Македонија од страна на епископот пелагониски и прилепски Григориј во XVI век. Препис од Григориевиот превод е и Крнински Дамаскин, кој во 1956 година во манастирот Пречиста - Кичевско бил пронајден од Петар Хр. Илиевски. Ракописот, претходно бил во сопственост на Топличкиот манастир „св. Никола“ (Демирхисарско), каде што можеби е и напишан . „Со комплетирањето на целокупниот македонски превод на дамаскинот, неоспорно, ни е овозможено по системно иследување на овој споменик, којшто содржи далеку повеќе елементи од нашиот говорен јазик отколку кој и да било поранешен, досега познат, ракопис“ . Денеска, Крнинскиот Дамаскин се чува во Институтот за македонски јазик во Скопје, а еден дел од него има и во Украинската академија на науките во Киев . Интересно е што Григориј, богослужејќи во една епархија, со голем број на тогаш активни книжевни центри и скрипториуми (Слепченскиот, Зрзескиот), имал можност да истражува и прелистува во манастирските духовно - книжевни ризници. Овој негов превод бил еден од првите, зашто како епископ на спомнатата област бил сосед на Полијанската (Кукушко - дојранска) епархија, каде што Дамаскин бил проедрос. Бил извршен најверојатно од I, II, или евентуално од III реиздание на Дамаскиновиот зборник. Според јазичните анализи, се дошло до заклучок дека на него работеле повеќемина преведувачи, а тоа особено се забележува во постојните преводни грешки. Во секој случај, Григориј бил раководител при преведувањето, бидејќи секое слово ги носи неговите белези. Лицата, пак, кои му помагале, ги знаеле неговите принципи и работеле според нив, но не секогаш успевале да дадат точен и јасен превод .
Дамаскинарската книжнина се засилила особено по укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, бидејќи со тој акт бил уништен центарот на развојот на духовноста кај народот, кој истовремено ја поддржувал и словенската просвета. Во градовите, како и во некои села, низ црквите и школите, во тој период се вовел грчкиот јазик. Тогаш, дамаскинарската усна и писмена проповед се ширела главно низ манастирите. Само мал број на зборници во овој дух се сочувани во ризниците на нашата земја, додека повеќето од нив, во XIX век се однесени во останатите славјански земји, особено во Русија и Бугарија. Така на пр. еден Дамаскин од XVIII век. и Тетовскиот Дамаскин од XIX век се однесени во Бугарија, а Бржданскиот Дамаскин од XIX век, пишуван на мијачки народен говор, е однесен во Универзитетската библиотека во Белград. Идентичен е случајот и со многу други зборници и текстови, создавани на тлото на Македонија . Идејата на овие зборници, да се пишува на јазик разбирлив за народот, довела до уште поголемо ослабување на авторитетот на старата правописна традиција. Во XVIII и XIX век секој дамаскинар пишувал на својот роден дијалект со примеси на црковно – словенизми, русизми (од печатените книги кои доаѓале од Русија), србизми и турцизми. Тоа зависело од образованието, од социјалната средина од којашто доаѓал авторот, од предлошката со којашто се служел и др. На пр. петвековното турско ропство оставило траги (во однос на јазикот), во делата на нашите преродбеници Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски, така што во нивните текстови пишувани во дамаскинарски дух, може да се забележи постепено продирање на турцизми .
Овие дамаскинарски слова, сами или заедно со други на светите отци, биле преработувани и во наредниот период на постар или понов јазик, во скратена форма, како лектира за народот. Но како и да е, секој дамаскинар играл улога врз следниот, а со тоа во процесот на создавањето нова традиција да се пишува на народен јазик. Развојната линија на дамаскинарскиот јазик од XVI до XIX век, претполага неколку посредници. Но познато е дека дамаскинарството во нашата земја доживеало тешка судбина .

 (Продолжува)

 

 Jasmina.fakultet.jpg

УНИВЕРЗИТЕТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
ПРАВОСЛАВЕН БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ
„Свети Климент Охридски“ - Скопје

Дипломска работа

Дамаскините: чувари на класичната проповед и инспирација за современите проповедници

Ментор:     Проф. д-р отец Ацо Гиревски     

       Jasmina.fakultet.jpg                           &

 Изработила: Јасмина Зајкова

Jasmina.fakultet.jpg

    Jasmina.fakultet4.jpg                                                                               
Скопје, јуни, 2011

Jasmina.fakultet3.jpg

Друго: