РАДУВАЈ СЕ, НЕВЕСТО НЕНЕВЕСТНА!
за Астерфест


 Помина скоро еден месец од филмскиот фестивал за кратки и документарни филмови во Струмица – Астерфест, а мене сè уште ми навираат свежи спомени. Некои моменти ќе ги споделам со вас, иако ни јас самиот не можам да се видам во, еве, оваа улога да пишувам за филмски фестивал, бидејќи освен тоа што во животот сум сакал да гледам филмови, ништо друго и не сум знаел за филмот. Сега почнувам да учам, почнувам да ги разбирам, или можеби само си мислам дека ги разбирам режисерите, актерите, сценографите, тон мајсторите, и целата таа голема екипа која функционира како едно, за да произлезе најдоброто што ние би го изгледале на платното за десет минути до максимум час и половина. А да се дојде до најдоброто, се подразбира континуитет, развој на кинематографијата во сите нејзини сегменти, почнувајќи од производство, дистрибуција, прикажување, но и развој на филмска култура, воспитување и образование за филмот. Тој континуитет во Македонија постои уште од далечната 1897 година, кога започнуваат и првите киноприкажувања, па појавата на првите креативци браќата Манаки, Арсениј Јовков и уште многу други имиња, па до денес. Еден ист таков тек во областа на кинематографијата имаме и во нашата Струмица, киното Балкан, фото-кино клубот „Струмица“, па на крајот Астерфест како резултат на многугодишната работа и прибирање знаења и искуства на големиот ентузијаст Горан Тренчовски.
И така, најпрво од послушание, кое постепено прерасна во љубов кон таканаречениот некомерцијален филм, почнав редовно да го следам секое издание на овој фестивал. И не жалам за потрошеното време, бидејќи видов прекрасни филмови. Запознав и многу луѓе креатори, но и љубители на филмот, за кои никогаш не ќе чуев, а камоли да ги запознаам.
 За Горан јас не би зборувал, тој е мој пријател, ќе оставам, како за секој уметник, делата негови да говорат. Но нешто што разбуди во мене поинаку да гледам на овие луѓе филмаџии е неговиот краток текст во каталогот на седмото издание на Астерфест. Вели: „Во Летото Господово 2005-то се роди моето второ чедо, Астерфест“. Потоа објаснува зошто. Тоа е вистината кај вистинскиот уметник. А јас само би додал, за да се добие рожба, освен тоа што се потребни здрави родители, потребен е и благословот Божји. Всушност и ништо не функционира во животот без тој благослов. А Астерфест ја имаше таа среќа, се роди заради благословот на нашиот владика, Митрополитот Струмички г. Наум, што е всушност благослов Божји. И затоа функционира, би кажал, беспрекорно, се развива и веќе наликува на многуте, нему сродни светски познати филмски фестивали. Расте налик на секое македонско дете, во скромно семејство со мал џепарлак наспроти богатите на Запад. Но и покрај големите препреки на кои наидува, би констатирал дека овој фестивал е едно талентирано дете кое правилно расте и го развива својот дар, и станува отворена врата низ која веќе влегуваат вистински афирматори на градот Струмица и Македонија.
Како доказ се веќе многуте имиња на странски учесници и добитници на Астер наградите, како што се: Бранко Гапо, Карољ Вичек, Лордан Зафрановиќ, Рангел В'лчанов (1928), Боро Драшковиќ, Жарко Радиќ, Лаила Пакалнина.  
 Од пред некоја година со благослов на Владиката се воведе и една пракса, портретот на лауреатите да се прави во дворот на Манастирот на Пресвета Богородица Елеуса во с. Велјуса. Сето ова се покажа како добро, направи гостите да се чувствуваат убаво, несекојдневно, посебно, возвишено, поинаку... Оние кои ја имаа должноста да ги претставуваат наградените, го правеа тоа најдобро што можеа, без исклучок. А возвеличените лауреати, наместо да се гордеат за добиената награда, којашто со право ја заслужуваат, бидејќи наградата е печат на добро сработеното, и вистински го оправдува дарот што Бог ни го дарувал, кај нив се појавува невидено и необјасниво смирение. Се сеќавам на Рангел В'лчанов... Што го натера тој прекасен старец великан на светската кинематографија понизно да се поклони пред величието на Православието, видливо врежано во секое камче и детаљ од манастирската црква посветена на Пресветата Владичица? И така, сакајќи благодарно да го изрече пријатното благодатно чувство кое го облеваше, тој се фати во мрежата на ограниченоста на човечкиот јазик. Просолзи... и пред сите побара благослов во знак на чувството за слобода. Тој ми ја целиваше раката, а јас останат без зборови си велев: „Радувај се, Ти Која верните  со смисла ги просветлуваш. Радувај се Невесто неневестна!“
 Уметноста е пред сè израз на личните чувства, но и израз на состојбата и свеста на еден цел народ. Светиот цар Давид пеел и свирел, и преку песната и музиката ги изразувал своите чувства на радост, тага, покајание, победа... Зографите и копаничарите сликовито ја претставувале Библијата, а нивните дела станале книга за неуките. Да, уметноста е благословена! А филмот како уметност? Да, и филмот како уметност, штом Бог допуштил да се развива, иако најголемото зло доаѓа од ТВ екраните. Битно е сѐ што се прави да е во Слава на Бога. Па и Господ Бог е Уметник, Најголем, Неговото дело е Вечно. Секој уметник во секое свое дело вметнува дел од себе. Па и Бог, го создал Човекот по Својот образ.
 Повторно под тремот на манастирската црква. Овогодишната меѓународна награда Астер за врвни достигнувања во авторскиот филм ѝ припадна на Лаила Пакалнина од Летонија. Интересна личност, ведра и полна со енергија. Нејзината философија е дека целата вистина за човековиот живот лежи во деталите. Додека говореа за нејзината личност, дела и достигнувања, благодатниот звук на македонскиот јазик ѝ стана разбирлив иако беше соединет со печатениот текст на англиски пред нејзините очи. Не можеше да го сокрие созерцанието на секој момент. „Радувај се, сѐ небесно со земното се радува; радувај се, сѐ земно со небесното ликува!“
По излагањето за Лаила, таа рече: „Големите филмски фестивали, како Кан, не го менуваат филмот, и покрај тамошното прикажување тоа ќе биде истиот филм. Но сепак, фестивалите помагаат да се направи следниот филм. Тие за мене се еден вид алиби кое ќе ми помогне да го снимам мојот следен филм. Затоа што моите филмови не се комерцијални и немаат голема гледачка публика. Се сеќавам на една случка кога бев на венецијанскиот филмски фестивал. Во Венеција постои еден ритуал. Тие те возат во една лимузина, тоа се вика ритуал на „црвениот тепих“, кој за чудо не беше црвен туку син. Вака седејќи во лимузината си велам самата на себе колку е сето ова апсурдно и си велам: „Запомни ги овој тепих и оваа лимузина!“ Но сега кога седам овде, во овој прекрасен Манастир, и додека вие беседите за мене, си велам дека ова не може да се спореди со ништо, и си велам самата на себе: „Запомни го овој момент засекогаш, Лаила!“
По ова имавме краток разговор. Јас бев можеби премногу директен, а таа искрена. 
На крајот, на добитниците од името на сестринството на Манастирот ѝ подарив од природните ликери, кои самите сестри ги произведуваат. И кога повторно ѝ се обратив, напомнав дека во торбичката има и една бројаница, која служи за молитва, а таа ми рече: „Знам!“ Тогаш ѝ реков: „Најпрво...“ – „Да се крстам, нели?“, ме прекина. – „Да! Да! Тоа впрочем би било најдоброто.“
„Радувај се, преку Тебе тварта се обновува!... Радувај се, на сиот свет очистување! Радувај се, Невесто Неневестна!“

 P. S. Благиот вкус на ликерот да Ви биде предвкус за Трпезата Господова, па да видите колку е благ Господ!
 

На Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, покровителка и заштитничка на целиот христијанскиот род, вечната Игуманија на Манастирот Елеуса

Извор: ПРЕМИН бр.73/74